МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

23 јули 2021

23 јули 2021

Скопје – Мостот над река Пчиња кај кумановско Доброшане во наредните 100 дена ќе биде затворен за сообраќај заради санациски работи, што ќе ги изведува компанијата Синтек Инженеринг ДООЕЛ.

Како што информираат од АМСМ, поставена е сигнализација која ќе го регулира сообраќајот од и кон Куманово.

Виница – Викендов на падините на планината Плачковица, во атарот на општина Виница ќе се одржи натпревар во прелет со параглајдери, во рамки на третата етапа од македонската Национална лига.

На натпреварот ќе учествуваат триесетина параглајдеристи од 20 клубови од целата држава, а организатор е новоформираниот клуб „Источни крила“ од Виница.

Скопје – Пајак-службата на ЈП „Градски паркинг“ во текот на изминатата недела (15-22 јули) отстранила вкупно 223 возила од јавните површини на главниот град.

Како што соопшти Град Скопје, од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 30 се отстранети од зонските паркиралишта, а останатите 193 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Скопје – Генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски денеска извршија увид на работните активности за изведба на новата водоводна и канализациска линија на ул. „Рамиз Садику“ во Општина Ѓорче Петров.

-ЈП Водовод и канализација – Скопје пристапи кон изработка на проектно-техничка документација за изведба на оваа водоводна и фекално-канализациона линија со цел подобрување на водоснабдувањето, но и одведувањето на отпадните води во овој дел од градот. Со реализацијата на новата водоводна мрежа ќе се изврши замена на старата поцинкувана мрежа, која поминува низ дворовите со нова водоводна мрежа од дуктилно лиени железни цевки со дијаметар од 80мм. Новата фекално-канализациона мрежа со дијаметар на цевка од 250мм ќе биде изведена со полипропиленски канализациони цевки и полипропиленски шахти со капаци од лиено железо – тежок тип, поволни за сообраќајниот режим на оваа улица. Двете мрежи ќе се поврзат на веќе постоечките на ул. „Браќа Чакреви“, посочи Весковски.

Гевгелија – Пожарот во гевгелискиот пограничен регион во близина на пречистителната станица, во чие гасење вчера  координирано учествуваа екипи од ТППЕ Гевгелија и противпожарната бригада на општина Пеонија нанесе материјални штети на земјоделските посеви во пограничниот регион.

Покрај пожарникарите од Гевгелија и Поликастро, во гасењето на огнот учествуваа и сопственици на земјоделските посеви како и вработени во ЈПКД „Комуналец“ од Гевгелија, со чија помош беше спречено понатамошно проширување на огнот и негово доближување до грчките села.

Крушево – Крушево очекува да добие потврда, како соодветен сертификат дека е  здравствено безбедна туристичка дестинација за европските туристи.  Експерти од Европскиот совет за туризам и за трговија ќе го посетат Крушево за да ја проценат состојбата со градот како туристичка дестинација и да ја сертифицираат како здравствено безбедна во европски рамки.

Како што објаснува крушевскиот градоначалник Томе Христоски, потребата од ова сертифицирање доаѓа како резултат на сѐ поголемите барања на европските туристи да посетуваат исклучително места каде ќе бидат безбедни од евентуално инфицирање со Ковид-19, а потврда за тоа ќе биде соодветен сертификат издаден од Комисијата. Крушево очекувада ја добие таа потврда.

Струмица – Со полагање цвеќе пред споменикот на загинатите струмичани од големиот пожар кој избувна над Струмица и притоа загинаа четири лица, а десетина беа повредени, беше одбележана деветгодишнината од овој трагичен настан.

Во пожарот животите ги загубија браќата Пено Стојанов и Блажо Стојков од село Рич, Војо Гркљанов од село Вељуса и Мите Ѓеоргиев од Струмица.

Back to top button
Close
Close