Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Сместена меѓу селата Љубин и Арнакија во Општина Сарај на 15 хектари се гради првата елитна населба со 142 луксузни вили со базени, широки дворови и огромен парк во близина. Реализацијата на оваа елитна населба наречена комплекс „Планет“ на инвеститорите Валдета Касапи, Самет Мисими и Џемил Шабани, почна во ноември лани, со изградба на пристапен пат. Вредноста е 28 милиони евра.

Во населбата се планирани шест различни типови куќи, според потребите на купувачите, ќе има дополнително 400 паркинг места, а во близина најавуваат парк од 5.000 метри квадратни кој ќе служи на сите граѓани, а во склоп на комплексот планирана е изградба на хотел и фитнес и спа-центар.

Крушево, 22 јули 2021 (МИА) – По повод 118-годишнината од Илинденското востание, традиционалните научно-културни средби „10 Дена Крушевска Република“ од 1 до 10 август ќе понудат повеќе настани, информираат од крушевската локална самоуправа.

Манифестацијата, официјално ќе биде отворена на 1 август, во 20 часот на платото на Гумење во Крушево. Претходно, од 18 часот сите учесници ќе тргнат од пред црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, а потоа со полагање свежи цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на партизанските гробишта во Крушево, пред вечното почивалиште на Тоше Проески и во криптата пред Македониумот на Гумење, ќе им биде оддадена почит на сите значајни дејци.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Коњаниците кои ќе учествуваат на 43-тиот традиционален коњички марш оваа година по повод националниот празник Илинден ги прават последните подготовки покрај кејот на реката Вардар.

На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат 20 коњаници од различна возраст, меѓу кои и две девојчиња. Тие ќе тргнат кон Крушево во вторник, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот. Потоа со дефиле низ главните булевари во Аеродром ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи народен собир проследен со културно-уметничка програма со настап на музичките групи „Некст тајм“ и триото „Џентлмен“ и каде што поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан ќе им даде благослов за маршот.

Кочани, 22 јули 2021 (МИА) – Екипи на Територијалната противпожарна единица од Кочани претпладнево имаа нова интервенција за гаснење пожар на истата локација кај Фабриката за вода, каде што вчера попладне интервенираа во локализирањето на огнената стихија.

Пожарникарите забележале дека новиот пожар е намерно предизвикан со палење автомобилски гуми, поради што била побарана и полициска поддршка.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – На подрачјето на Скопје, утре во период од 18:45 до 20:30 часот, поради протестен марш, Единицата за безбедност на патниот сообраќај, при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, информира Министерството за внатрешни работи.

Протестот ќе започне во 18:45 часот пред Министерство за надворешни работи, на улица „Филип Втори Македонски“, по улицата „11 Октомври“, улица „Димитрие Чуповски“, улица „Васил Главинов“, потоа по булеварите „ВМРО“ и Илинден“, пред Владата на Република Северна Македонија.

Прилеп, 22 јули 2021 (МИА)  – Експресниот пат Градско-Прилеп забрзано се гради  и е приоритетен. Со Јавното претпријатие за државни патишта за брзо време ги надминавме проблемите со претходниот и избравме нов изведувач, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешниот увид на изградбата на овој експресен пат кај делницата Градско- Дреново. На денешниот увид беа и градоначалниците на Прилеп, Градско и на Росоман како и поранешниот министер Горан Сугарески.

Според Бочварски, експресниот пат е од големо економско значење, пред сѐ, за жителите на Градско, Росоман, Прилеп и а  цел Пелагонски регион. Крајниот рок за изградба на експресниот пат е јули 2023, но очекувањата се дека ќе биде готов пред рокот.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Од утре до 7 август поради реконструкција на коловозна конструкција, на пат Р 2332 Царина-спој со Р 1301 Охрид-Свети Наум, ќе биде целосно затворен за сообраќај на сите моторни возила, соопштија од ЈП Македонија пат.

Охрид, 22 јули 2021 (МИА) – Мнозинството во Советот на Општина Охрид денеска донесе одлука за долгорочно задолжување, како мерка за сервисирање на преостанатиот долг на општината.

Градоначалникот Константин Георгиески за одлуката изјави дека е исчекор кон исполнување на една од најзачајните цели – враќањето на финансиската стабилност на Општина Охрид и заокружување на процесот на раздолжување на Општината.

Скопје, 22 јули 2021 (МИА) – Прекин во водоснабдувањето денеска ќе имаат корисниците од ул.„6“ и „8“ во селото Бардовци.

Како што соопшти ЈП Водовод и канализација, прекинот на водоснабдувањето е поради дефект на приклучна цевка ф-1“ на ул.„6“ / 32 во Бардовци и ќе трае до завршување со санација на дефектот.

Back to top button
Close
Close