МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

21 јули 2021 

21 јули 2021 

Куманово – Кумановка пријавила во полицијата дека била измамена за 250 евра за наводна набавка на огревни дрва, соопшти денеска СВР Куманово. Педесет и петгодишната жена го пријавила случајот вчера во 22:50 часот во СВР Куманово, посочувајќи дека била измамена од лице за сума од 250 евра.

– Според пријавеното, околу 9 часот лицето дошло во нејзиниот двор и ѝ понудило огревни дрва. Како што е пријавено, откако се договориле и му дала 250 евра, лицето заминало, по што сфатила дека била измамена, се наведува во соопштението на СВР Куманово.

Тетово –  Од втората половина на овој месец на поширокото полошко подрачје во полн ек е организирањето свадбени и други свечености. Секторот за внатрешни работи Тетово уште еднаш апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со оружје.

-Секторот за внатрешни работи Тетово повторно потсетува дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31). Зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик), велат од СВР Тетово.

Скопје  – Работа на политичките партии е да ги договорат термините за локалните избори, а ние сме подготвени и имаме со што да излеземе пред скопјани, изјави денеска градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, коментирајќи го предлогот локалните избори да се одржат на 31 октомври.

– Што се однесува до скопјани, јас знам дека им е сосема сеедно дали изборите ќе бидат порано или на 31 октомври, затоа што знам дека ќе изберат континуитет во дејствувањето и функционирањето на градот. Ние сме спремни. Имаме и со што да излеземе пред скопјани. Имаме што да понудиме како продолжение, како континуитет на оваа успешна скопска приказна, потенцира Шилегов на денешната прес-конференција по повод почетокот на реконструкцијата на улицата „Лука Геров“ во Општина Петров.

Скопје – Почна реконструкцијата на улицата „Лука Геров“ во Општина Ѓорче Петров,  каде што ќе биде извршена целосна реконструкција на коловозот и на дел од атмосферската канализација. Сообраќајницата е долга околу 1800 метри, а вредноста на на инвестицијата е околу 31.5 милиони денари, средства од Буџетот на Градот Скопје.

Според градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов очекувањата се дека во текот на октомври или ноември во целост да бидат завршени градежните работи на оваа улица.Тој посочи дека станува збор за една од клучните сообраќајници која што ги поврзува граѓаните од Ново село, Кисела Јабука, Никиштани и другите населени места кои што гравитираат кон овој дел од градот.

Скопје – Општина Пробиштип доби донација на комунално возило од мисијата на Амбасадата на Јапонија, во рамки на Проект за обезбедување на комунално возило на Општина Пробиштип во вкупна вредност од 60.890 евра.

На завршната церемонија во Пробиштип денеска присуствуваше заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Јапонија, Такахаши Сатору, градоначалникот на Општина Пробиштип Драган Анастасов и директорот на Јавното комунално претпријатие „Никола Карев“  Драган Ристовски.

Скопје – Општина Гази Баба од периодот на преземање на надлежноста од 2012, па до 2020 година, средствата по основ на отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на држвата ги уплаќа на несоодветна уплатна сметка, што резултирало со помалку приходи во државниот Буџетот во износ од 58,5 милиони денари, за сметка на поголеми приходи во буџетите на Општина Гази Баба и на Град Скопје. Истото се однесува и за наплатената договорна казна за непочитување на Законот за градежно земјиште од која причина во Буџетот на државата се уплатени помалку средства во износ од 1,2 милиони денари, соопшти денеска Државниот завод за ревизија.

ДЗР изврши ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Општина Гази Баба, при што ревизорите констатирале слабости при примената на Законот за постапување со бесправно изградените објекти кои имаат влијание на остварените приходи по овој основ во Буџетот на Општината. Општина Гази Баба, наведува ДЗР, не изготвува годишни извештаи за користење на средствата од надоместот за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти и не ги доставува до Министерството за транспорт и врски.

Скопје – Посветени на Гази Баба решаваме уште еден децениски проблем на граѓаните. Започнуваме уште еден капитален проект за изградба на фекална канализација во Црешево. Проектот за изградба на фекалната мрежа го опфаќа целото населено место, а ќе биде изведуван во две фази. Првата фаза ја опфаќа десната страна на селото, каде ќе биде изградена примарна и секундарна мрежа на 6 проектирани краци, изградба на препумпна станица и изградба на колектор, изјави градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Изградбата на фекалната канализација во Црешево, посочи, е проект финансиран од средства на општина Гази Баба, а за првата фаза се предвидени 15 милиони денари.

Охрид – Општина Охрид нема да дозволува диво поставување урбана опрема на плажите на Охридското Езеро, единствено само оние субјекти што имат склучено соодветни договори со Општината.

Приватните сместувачки и угостителски објекти кои се лоцирани во првата крајбрежна зона на езерото имаат право да стопанисуваат со плажите пред објектите само во согласност со склучените договори со Општина Охрид, во кои е утврдена површината за поставување на урбана опрема.

Скопје – Од денеска и на граѓаните на Општина Демир Хисар кои се на возраст од над 65 години и имаат потешкотии во извршувањето на секојдневните обврски, ќе им биде достапна услугата помош и нега во домот, објави министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на својот фејсбук-профил.
Таа информира дека Црвенот крст на Република Северна Македонија и Нега Центар седум обучени негуватели ќе им пружаат помош и нега на 21 лице. Ќе им помагаат при земање на медицинска терапија, хранење, облекување, чистење на домот, пазарење.

Битола – Ансамблот на народни игри и песни „Орце Николов“ од Скопје, формиран во 1945 година од денес е претставен низ фото изложба во Битола која е отворена во рамки на фестивалот „Илинденски денови“.

За фото изложбата „75 години – повеќе од игра и песна“, уметничкиот рекововител на фестивалот, Валентин Соклевски истакна дека ансамблот „Орце Николов“ постигнал големи резултати и успеси на полето на фолклорното творештво за што потврда се 400 домашни и меѓународни награди и признанија од бројни фестивали во државата и светот.

Скопје – Со многу енергија и позитивна атмосфера аеродромци вчера во паркот под светилките уживаа во музиката на триото „Тринити стрингс“, чиј настап го организираше Општина Аеродром во соработка со Здружението на естрадни уметници (ЗЕУМ).

-Летното интермецо во паркот под светилки го овозможивме со цел да се дружиме, да се забавуваме и да ја промовираме македонската музика во летниот период, изјави градоначалникот Златко Марин.

Куманово – Јавното претпријатие „Куманово гас“ заврши со изградбата на новата дистрибутивна гасоводна мрежа во должина од 350 метри на улицата „Васко Карангелевски“ до крстосницата со улицата „Видое Смилевски – Бато“ во населбата „Гоце Делчев“ во Куманово, соопштија денеска надлежните од претпријатието.

– Мрежата е пневматски испитана на цврстина и непропустливост и ги задоволува барањата согласно законските прописи со кои е уредена оваа област. Со изградбата на мрежата овозможен е приклучок на околу 60-тина домаќинства, изјави директорот на ЈП „Куманово гас“, Никола Денковски.

Кочани – Од утре до 27 јули на територијата на општина Чешиново-Облешево ќе се реализира ларвициден третман против комарците, при што ќе се прска од земја.

Носител на активноста е Министерството за транспорт и врски, во рамки на превентивната дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци, за што се инвестираат над шест милиони денари.

Кичево – И годинава испораката на огревно дрво за кичевските пензионери е под очекуваното ниво, бидејќи се ветуваше до средината на летото дрвата во целост да бидат испорачани.Но според изјавата од Здружението на пензионери од Кичево, досега се испорачани едвај 30 проценти од договорените количества огревно дрво.

-Иако на почетокот од оваа календарска година добивме цврсто ветување од Шуското стопанство„ Лопушник“ како добавувач  дека годинава нема да се повтори ланската година, кога испораката се одолжи до крајот на октомври, туку  до средината на август дрвата во целост ќе бидат испорачани. Но според досега сработеното, има испорака на само 30 проценти од планираните количества, вели Владо Велјаноски од Здружението на пензионери од Кичево.

Тетово – Во пожар кој се случи денеска во раните утрински часови целосно е опожарен ресторан во Желино.

Шест пожарникари од Територијалната противпожарна единица Тетово веднаш се упатиле на местото со две противпожарни возила, при што гаснењето на огнот траело нешто повеќе од три часа.

 

Таг

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close