МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

23 јуни 2021

Кавадарци, 23 јуни 2021 (МИА) – Треба да се урнат родовите стереотипи, апелираа денеска од Комисијата за еднакви можности (КЕМ) при општината Кавадарци, по учеството на нивни и претставници од локалната самоуправа на кавадаречкиот ноќен полумаратон.

Како што потенцираат во соопштение, борбата за еднакви права меѓу мажите и жените е маратон со историски пропорции.

Кочани, 23 јуни 2021 (МИА) – Локалната самоуправа на Зрновци го комплетираше проектот „Мултифункционален центар“ со кој е реконструиран и адаптиран дел од приземјето на општинската зграда, наменет за потребите на месното население.

На површина од над 200 квадратни метри уреден е клуб за пензионерите со тоалети и чајна кујна, простории за младинскиот совет и за центарот за социјални услуги. Исто така, направена е и реконструкција на надворешната фасада на објектот.

Гостивар, 23 јуни 2021 (МИА) – Сместувањето во средношколскиот дом во Гостивар е значително подобрено со последните вложувања преку Министерството за образование и наука. Со последното подновување, зголемен е и капацитетот што овозможува престој на близу 300 средношколци.

За текот на работите и новите услови се запознаа заменик министерот за образовани наука Арафат Шабани, претставници од секторот за ученички и студентски стандард кои денес го посетија гостиварскиот интернат.

Скопје, 23 јуни 2021 (МИА) – Во тек на следната година ќе почне изградбата на булевар „Цветан Димов” во Општина Чаир. Ова денеска го најави градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, кој истакна денеска започнува тендерот за негово проектирање. Ќе има шест коловозни ленти, централно зеленило, како и пешачки и велосипедски патеки.

– Конечно еден од најгорливите проблеми во нашиот град ќе почнеме чекор по чекор да го надминуваме. Моите очекувања се 2 до 3 години од сега ќе зборуваме за сосема поинакво Скопје, за сосема поинаков Чаир. Ова неформално значи и изградба на втората траса на Бас Рапид Транзитот имајќи предвид дека тука имаме коридор по кој ќе се движи БРТ до железничката во Бутел, изјави Шилегов, кој додаде дека овој булевар ќе биде широк 29 метри.

Гевгелија, 23 јуни 2021(МИА) – Гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков, денеска приреди прием за петте ученици кои беа прогласени за првенци на генерациите во општинските основни училишта за учебната 2020/21 година.

Градоначалникот им оддаде признание на првенците Радмила Зашева, Зорица Геровска, Јована Ѓореска, Ивана Грујиќ и Живко Узунов за постигнатите резултати и нивниот континуиран одличен успех во текот на основното образование и им врачи решенија за парични награди од по 5.000 денари.

Виница, 23 јуни 2021 (МИА) – Општина Виница обезбеди финансиска поддршка од над 2,4 милиони денари преку Министерството за локална самоуправа, наменети за реконструкција на водоводот во селото Блатец и за подобрување на енергетската ефикасност.

Реализацијата на овие инфраструктурни проекти се очекува до крајот на годината, а од локалната самоуправа најавија и сопствено учество во комплетирањето на градежните работи.

 

Back to top button
Close
Close