МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

21 јуни 2021

Скопје, 21 јуни 2021 (МИА) – Град Скопје набави пет специјализирани комунални возила-камиони за собирање и транспорт на комунален отпад. Возилата се од марката „Ивеко“ и ќе се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад од контејнерите наменети за колективните домаќинства, како и од кантите поделени во индивидуалните домаќинства на територијата на градот Скопје.

Градоначалникот Шилегов истакна дека до крајот на оваа година ќе бидат набавени уште 32 вакви возила од нив ќе има автоцистерни, камиони, самоподигнувачи и кипери, кои како што рече ќе бидат испорачани до крајот на месецот и нивната вкупна вредност е околу 200 милиони денари со вклучено ДДВ.

Демир Капија, 21 јуни 2021 (МИА) – Со пари од Биро за регионален развој ќе се реконструира улица во Демир Капија, информираа денеска од демиркаписката локална самоуправа.
-Средства во висина од 6.930.492,00 денари и се доделени на општината Демир Капија од страна на Бирото за регионален развој,  за изградба на атмосферска канализација и реконструкција на улицата број 3 во демиркаписка општина. Реконструкцијата на оваа улица ќе ја подобри сообраќајната врска помеѓу левиот и десниот брег од река Бошавица и истовремено ќе придонесе поинтензиен сообраќај во овој дел од патната мрежа, појаснија од Општината.
Кочани, 21 јуни 2021 (МИА) – Детското одделение во Општата болница со проширена дејност од Кочани денеска доби апарат за еходијагностика, како донација од Ротари клубот „Кочани-Виница“. Опремата вредна 1,3 милиони денари е набавена во стратешка соработка со организацијата Проект Хоуп, при што во рамки на донацијата е вклучена обука на медицинскиот персонал.

Валандово, 21 јуни 2021 (МИА) – Валандовскиот градоначалник Перо Костадинов денеска беше во посета на основното училиште во Валандово и на подрачното училиште во селото Казандол каде што веднаш по завршувањето на учебната година почнаа градежни активности за создавање подобри услови при изведувањето на образовниот процес.

Од општината посочија дека моментно се обновува подната површина и се реновираат четири санитарни јазли во централното основно училиште во Валандово и дека се поставува ограда на училишниот двор во селото Казандол.

Гевгелија,21 јуни 2021 (МИА) – Информациите од иницијативата „Учебници и настава мора да има“, според кои во неколку градови во земјава, меѓу кои и Гевгелија, имало ученици со намалено поведение поради учество во протестите против дигиталните учебници, гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков ги оцени како лажни вести.

-Најодговорно тврдам дека ниту еден ученик од основните училишта во општина Гевгелија нема намалено поведение на крајот од учебната година поради учество на протестите, а ако кај некој ученик има тоа е само поради изостаноци од електронската настава, рече Поцков.

Back to top button
Close
Close