МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

14 јуни 2021

Кичево, 14 јуни 2021 (МИА) – Последните неколку дена во благ пораст е бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево, при што пред три дена Општината беше лидер по бројот на нови случаи на болеста во земјава. Таа бројка на новозаболени се повторува и денеска, кога во Кичево се регистрирани четворица позитивни од 14 тестирани граѓани-потврди за МИА доктор Неџат Балажи.

– По неколкудневна стагнација, бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево е во благ пораст. Така, денеска од 14 тестирани граѓани четворица се позитивни и од 10 лица кои се снимија на ренген кај три лица наодот е позитивен. Во градот е појавен кластер во едно семејство, каде бројот на новозаболени е причина за овие показатели. Граѓаните премногу несериозно ги прифаќаат апелите од Владата, да се придржуваат на мерките да не се групираат и во затворен простор задолжително да носат маски, вели Балажи.

Кочани, 12 јуни 2021 (МИА) – Општинската организација на Црвен крст од Кочани го почнува проектот „Развој на социјални услуги“, преку кој ќе се обучуваат кандидати за нега и грижа за стари лица во домашни услови.

Проектот се реализира во партнерство со Општина Кочани и со Министерството за труд и социјална политика, а финансиски е поддржан од Светската банка.

Делчево, 14 јуни 2021 (МИА) – Почетокот на првиот уписен рок за учениците кои средното образование во учебната 2021/22 ќе го продолжат во гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево започна во најдобар ред. Како што информираше Јасминка Величковска, член на комисијата за успешно спроведување на уписите, гимназијата на располагање за следната учебна година има 195 слободни места, а најголем интерес на стартот учениците покажале за гимназиско образование.

Велес, 14 јуни 2021 (МИА) – Седумдесет и осумгодишнината од загинувањето на револуционерот и поет, Коста Солев Рацин вчера традиционално се одбележа со еднодневен планинарски Марш во негова чест од Велес до Лопушник, Кичево, местото на неговото погибје.

Во чест на ликот и делото на Рацин, учесниците на маршот испешачија 22 километри во два правца, од село Извор до врвот „Стог“ на планината Лопушник и назад. Положија свежо цвеќе на споменикот на Рацин, а во негов спомен запалија свеќи на местото на неговото трагично загинување.

Тетово, 14 јуни 2021 (МИА) – Почна иницијативата „Кале-Срцето на градот“ која претставува предлог за инфраструктурна ревитализација на Тетовското Кале, и негово унапредување во културен центар.

Оваа иницијатива опфаќа средување и ревитализација на Тетовското Кале, уредување на зелените површини во кругот и унапредување, односно адаптација на објектите кои исполнуваат услови за нивна понатамошна употреба, а би се користеле за настани од областа на културата.

Штип, 14 јуни 2021 (МИА) – Во Општина Свети Николе ќе се гради мост на реката Мавровица, а во Општина Карбинци ќе се изгради локален пат до селото Парналија. Средствата за овие два инфраструктурни проекти за двете општини се обезбедени преку Бирото за регионален развој, а градоналниците на Свети Николе и Карбинци, Сашо Велковски и Јордан Насев потпишаа договори за реализација на проектите.

Мостот на светиниколската река Мавровица ќе чини 7.700.000 денари, од кои Општината има обврска да ја обезбеди половина од вкупната вредност.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Во еко-училницата на основното училиште „Вера Циривири – Трена“, во Карпош 2, денеска беа доделени признанија на првенците на генерација од десет основни училишта во Карпош, како и 10.000 денари на секој ученик – првенец од своето училиште, за да се награди успехот, но и да се мотивираат учениците за натамошна креативност, информира Општина Карпош.

Признанијата ги додели градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, кој на младите им посака успешен упис во средните училишта и во понатамошниот тек од животот.

Тетово, 14 јуни 2021 (МИА) – Дванаесет планинари вчера изградија нов импровизиран мост преку Лешничка река во месноста Лешница на Шар Планина откако истиот таков премин беше целосно оштетен и неупотреблив минатата недела. Потфатот го организираа членовите на планинарското друштво „Игл“ (Eagle) со помош и поддршка на колегите од планинарскиот клуб „Тетекс“.

Делчево, 14 јуни 2021 (МИА) – Со средства од Бирото за регионален развој во делчевското село Ѕвегор ќе се градат улици во должина од 720 метри, како дел од доизградбата на велосипедската патека Илин Камен. Активноста е дел од имплементација на проектот „Дел од велосипедска патека од Делчево до место викано Илин Камен” за чија реализација е потпишан договор помеѓу градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Без вода денеска од 11:45 часот се корисниците од улицата „11/46“ во Стајковци во Општина Гази Баба.

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи – Скопје, прекинот е поради уличен дефект ф-100 милиметри на улицата „11/46“ во Стајковци.

Гостивар, 14 јуни 2021 (МИА) – Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шабани извршија увид на работите за реконструкција на патниот правец до село Зубовце, кој се реализира преку проектот за „Поврзување на општините со локални патишта”. Проектот е вреден единаесет и пол милиони денари и треба да биде завршен за половина година.

Министерот Бочварски напомена дека ова е еден од најзначајните проекти за граѓаните, реконструкција на улици и локални патишта.

Кичево, 14 јуни 2021 (МИА) – Сообраќајниот метеж во Кичево се намали по изградбата на паркингот во кругот на Зелениот пазар во градот.

– Минатата година ЈКП „Комуналец“ одлучи дел од големиот зелен пазар да го претвори во паркинг простор каде ќе можат да се паркираат стотина патнички автомобили или шеесетина автомобили и комбиња. Од тогаш состојбата драстично се промени на подобро, сообраќајниот метеж повеќе го нема, а граѓаните можат без грижа за својот автомобил да дојдат да пазарат и да завршат работа, изјави Ариф Алими, раководител на кичевскиот Зелен пазар.

Штип, 14 јуни 2021 (МИА) – Штипските пожарникари вчера интервенирале на планината Плачковица, каде од страна на полицијата било побарано интервенција за симнување на мртво тело од дрво. Станува збор за жител од планинските села, по кој подолг период се трагало, а неговото тело е пронајдено во непристапен планински предел. Пожарникарите интервенцијата ја извршиле во период од 14 до 17.15 часот.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – ЈП Водовод и канализација – Скопје преку соопштение апелира сите корисници на услугите на претпријатието, односно на канализацискиот систем, во него да не фрлаат отпадни материјали кои не се подложни на разложување (како влажни марамици, најлони…), предмети од домаќинствaта и кабаст отпад, со цел заштита на системот, негова нормална функционалност и превенција од затнување и излевање на отпадната вода.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close