МИА Општински пул

МИА Општински пул

5 март 2020 

5 март 2020 

Скопје – Град Скопје и годинава ја почнува кампањата за спречување палење на стрништа преку бесплатно собирање на остатоците од берба. Кампањата ќе излезе од административните граници на главниот град и ќе го опфати целиот Скопски плански регион.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција потсети дека лани оваа кампања првпат беше организирана од Град Скопје со поддршка од УНДП и МДЦ-Ти.нет и биле постигнати одлични резултати.

– Тоа не охрабри кампањата да ја повториме и оваа година и да ја прошириме на повеќе нивоа. Во текот на 2019 година бесплатно подигање на отпадот од бербата од Град Скопје побараа над 120 жители на Скопје, при што беа подигнати, а со тоа беше спречено палењето на околу 700 кубни метри органски отпад. Покрај бесплатното подигање на органскиот отпад, како дополнителна мотивација нудиме можност секој што ќе ја искористи оваа поволност, во сезоната на садење да добие околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми отпад, рече Шилегов.

Скопје – Македонското еколошко друштво (МЕД) со Националниот парк „Маврово“, на 24 февруари со помош на кафез-замка заловија нова единка балкански рис на планината Бистра во близина на селото Ростуше.

Како што соопштуваат од Друштвото, се работи за рисица на возраст од шест до седум години, тешка 15 килограми, и е здрава и витална. Рисицата е крстена Лиса, и е третата женка означена со околувратник во досегашните мониторинг сесии на МЕД.

Околувратникот ќе обезбеди нови информации за распространувањето и однесувањето на ова критично загрозено животно.

Велес – Општина Градско од сопствени средства во висина од 1,3 милиони денари изгради и опреми спортско игралиште во село Кочилари. Овој проект се реализираше изминатите две години во две фази.

Како што информира за МИА, градоначалникот на Општина Градско, Роберт Бешовски, во првата фаза било бетонирано игралиштето, а во втората спортското игралиште се заградило и биле поставени трибини и рефлектори.

Спортското игралиште кое е наменето за мал фудбал и ракомет е лоцирано веднаш до ОУ „Даме Груев“ во Кочилари и веќе се користи за часовите по физичко на учениците, како и за останатите жители на Кочилари, за спорт и рекреација во слободното време.

Гевгелија – Претставници на Општата болница со проширена дејност од Гевгелија во Солун учествуваа на работен состанок со партнерите кои го имплементираат проектот „Заеднички активности за заштита и унапредување на јавното здравје во прекуграничниот регион“.

Покрај гевгелиската општа болница, во имплементацијата на проектот учествуваат уште општата болница од Килкис, Здравствениот дом од Валандово, Националниот центар за брза помош и Фондацијата за локален развој од Гевгелија која им дава стручна и техничка помош на болницата од Гевгелија и на здравствениот дом од Валандово.

Кавадарци – Кавадарчанец со секира се заканувал на соседот, по што бил приведен, информира денеска Верољуб Додевски, портпарол на СВР Велес.

В.Ѓ.(51) од Кавадарци синоќа во 20.30 часот во Одделението за внатрешни работи Кавадарци, пријавил дека околу 18.30 часот неговиот сосед И.О. со секира удирал по ѕидот од неговата куќа и му се заканувал по животот. И.О. бил приведен и се работи на расчистување на случајот.

Гевгелија – Со дел од средствата, во висина од 585.000 евра, што Општина Дојран ги доби од Министерството за транспорт и врски за поврзување локални патишта, во селото Црничани е изградена една од трите централни локални улици со должина до еден километар.

Како што изјави денеска градоначалникот Анго Ангов, за останатите две улици кои треба да се изградат во селата Фурка и Николич, веќе се одобрени проектите. Реконструкцијата ќе се реализира во најкраток можен рок.

Куманово – Во рамки на програмата за одржување на улицата „Ѓорче Петров“, денеска екипи на кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ ја чистеа дивата депонија пред влезот на населбата Перо Чичо. Сметот од депонијата се префрла на оваа централна улица во населбата и затоа се организира акцијата, велат, надлежните од јавното претпријатие. Досега, изнесени се осум камиони-кипери со смет.

-Во наредниот период планираме да направиме физичка бариера од дрвја, ќе се насадат околу местото на сегашаната депонија и сметаме дека на овој начин ќе го спречиме фрлањето на сметот и ќе ги стимулираме граѓаните да не фрлаат. Заедно со невладината организација „ДРОМ“ и согласно потпишаниот Меморандум за соработка, планираме во наредниот период изградба на мини парк со урбана опрема во која ќе учествува и претпријатието, најави директорот на јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски.

Скопје – Град Скопје поднел барање до Општина Центар за преземање на одржувањето и на сопственоста на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“. Имајќи предвид дека станува збор за предизборен период, Советите ќе треба да донесат одлуки што ќе овозможат тоа законски да се реализира.

– Од страна на Град Скопје поднесено е барање до Општина Центар бидејќи ние имаме склучено Договор за одржување како Град, односно мојот претходник и претходникот на градоначалникот Саша Богдановиќ, склучиле Договор за одржување на спомениците и фонтаните, нешто што нашиот град го чини околу 500 илјади евра годишно, а можеби и повеќе, рече градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Back to top button
Close
Close