МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

18 мај 2021/14.30

18 мај 2021/14.30

Скопје – ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје за седум дена санкционираа 135 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

– Во периодот од 10.05. до 16.05.2021 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 83 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 52 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани, соопштија денеска од ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Од ЈП ПОЦ и Општина Центар најавуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.

Куманово – Општата болница Куманово го затвори ковид оддел 2 или одделението за неврологија, поради намален број на примени пациенти, соопштија денеска надлежните од болницата. Вчера во болницата имало само пет хоспитализирани пациенти од кои тројца биле пуштени на домашно лекување, а двајца биле префрлени во модуларната болница. Вкупно во двата ковид оддели (инфективно одделение и модуларната болница) има 47 пациенти и околу 50-тина во дневна болница.

Искрено се надеваме дека трендот на опаѓање на новозаболени ќе продолжи, но сепак, ние сме најголема општина по број на жители во државата, трендот на опаѓање ќе оди побавно во однос на другите градови-изјави директорката ан болницата, Снежана Захариева. Опаѓа бројот и на амбулантски прегледи, дел се за контрола, дел во дневна болница. Иако, вчера немаше новозаболени, сепак, болеста не може одеднаш да исчезне, вели Захариева и апелираше граѓаните да се придржуваат на мерките.

Захариева најави постепено враќање во нормала на хируршкото, очното и другите одделенија кои почнуваат со операции. Ковид 2 ќе се молерисува, ќе се уредува, ќе се адаптираат простории и се очекува да почне хоспитализација на пациентите.

Охрид – Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, најави продолжување на активностите за отстранување на бесправно изградените објекти и урбана опрема на плажите на Охридското Езеро. Тој посочи на владината одлука со која се задолжува ЈП „Македонски пат“ да отстапи дел од својата механизација за потребите на Општина Охрид во справувањето со дивоградбите и нелегално поставената опрема на крајбрежјето.

Притоа Георгиески ги отфрла обвинувањата на одреден дел поранешни концесионери дека се постапува селективно.

–        Уривањето на дивоградбите се врши неселективно и согласно одредена динамика. Сите објекти од плажите на кои се истечени договорите за концесија ќе бидат отстранети. Работиме на терен, оваа седмица ќе стигне дополнителна механизација, обезбедни се и дополнителни три милиони денари за уредување на плажите така што очекувам до 15-20 јуни да биде завршено, изјави Георгиески.

Тој појасни дека се работи за објекти на плажите што биле издавани под концесиски договори, а на кои им се истечени договорите.

Штип – Доколку целата тендерска постапка оди според предвиденото во јуни се очекува да стартува изградбата на брана на река Отиња, капитален проект за Општина Штип, најави денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој се вакцинираше на пунктот во штипската сала „Јордан Мијалков“.

-Во однос на ова прашање, ние го поминавме последниот чекор, електронската аукција, во моментов течат роковите за жалба, штом ќе завршат тие рокови и завршувањето на сите постапки, сметам дека тоа би се случило многу скоро и секако ќе излезам и ќе ја информирам јавноста. Ова е најзначајниот, најголемиот проект за Општина Штип, вели Бочварски.

Забележа дека во буџетот има издвоено пари за браната на река Отиња, а веднаш по изборот на градежна компанија ќе стартуваат и градежните работи. Проекциите на Владата која целосно ќе го финансира овој проект од државниот буџет изнесуваат над седум милиони евра.

Крива Паланка – Градоначалниот на Општина Крива Паланка го потпиша договорот за реконструкција на пешачката патека од спортскиот комплекс во градот кон манастирскиот комплекс Св Јоаким Осоговски, со што и официјално ќе биде овозможена реализација на проектот за подобрување на инфраструктурата за промоција на туризмот во општината.

– Денес го потпишавме договорот за изведување на  градежните работи за реконструкција на пешачка патека од спортскиот комплекс кон манастирот Св.Јоаким Осоговски, место викано Бабин Дол.  Иведувач на градежните работи е компанијата „Цвет компани ДООЕЛ”, а реконструкцијата на пашачката патека е дел од проектните активности од „Одржливо користење на културното наследство во Дупница и Крива Паланка”, што се реализира со средства од Програмата за прекугранична соработка на Европска Унија, помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија.Станува збор за инвестициски проект чијашто цел е зголемување на туристичкиот потенцијал на регионот преку иницијативи за соработка за подобро зачувување и одржливо искористување на природното и културното наследство, информира градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Вкупниот буџет за изградба на патеката е  околу  185 илјади евра, а рокот за реализација е шест месеци.

Гевгелија – Градежните активности на новата детска градинка во селото Јосифово се одвива според предвидената динамика со нивно редовно координирање од страна на надлежните служби при Министерството за труд и социјална политика и претставници од Светската банка, рече при обиколката на терен валандовскиот градоначалник Перо Костадинов.

Новиот објект на детската градинка во Јосифово се гради по сите највисоки стандарди на површина од 410 метри квадратни и со капацитет за престој и згрижување на повеќе од 60 дечиња што е двојно поголем од сегашниот.

– Градиме енергетски ефикасен објект за згрижување дечиња кој во внатрешниот дел од парцелата ќе има уреден парк со детски играчки,паркинг простор од надворешниот дел,соодветни услови за изведување на воспитно образовната настава и можност за вклучување на сите деца од населеното место кои се на пред школска возраст, рече градоначалникот Костадинов.

Битола – Општина Битола ја заврши постапката за јавна набавка за реконструкција на повеќе улици и склучени се договори со избраните изведувачи.

Од секторот за односи со јавност информираат дека ќе се реконструираат улиците „Ѓорги Ѓоргиев Џоџа“, „Пробиштип“, „Цане Василев“, „Кленовец“, „Херцеговина“ и „Ѓорги Беќаров“.

-Избран е изведувач и за реконструкција на пешачката патека на Тумбе кафе. Во тек се постапки за јавни набавки и за реконструкција на улиците „2 Август“, „Македонска фаланга“ и „Солунска“, а паралелно продолжуваат градежните активности во Општина Битола за реконструкција на 9 улици. На дел од нив се врши промена на инфраструктурата а потоа и асфалтирање, а дел од улиците, кои што имаат добра водоводна и канализациона мрежа ќе добијат нов коловоз, посочуваат од тамошната локална самоуправа.

Кичево – На четворица професори од ОСУ„ Мирко Милески“ и девет од ОСУ„ Дрита“ Кичево, во кабинетот на градоначалникот Фатмир Дехари, им беа врачени решенија на неопределено време.

Тие во изминатите две години беа вработени на определено време.

– Се работи за четворица професори од „Мирко Милески“,  еден дефектолог и по еден професор по биологија, математика и турски јазик. Додека во„ Дрита“ решенија на неопределено време добија девет професори, по двајца фармацевти и професори по германски јазик и по еден социолог, биолог, географ , дефектолог и електротехничар, истакна  Зоран Стојкоски.

Од општината истакнаа дека повеќегодишниот придонес на овие професори во образовниот процес се заокружува со решение за работен однос на неопределено време, што ќе биде дополнителен мотив за зголемување на квалитетот на наставата во средното образование  во општината.

Велес – Организацијата „БИРЛИК ЈЕКИПЕ“ од  Велес во соработка  со Здружението „ВАРДАРЛИ ТЕК“ од Криволак, Неготино со тригодишна поддршка од Европска Унија, на Банката за храна МК  во  координација со невладината „Хаус оф Хоп“ на Ленче Здравкин  денеска започна  со поделбата на 80 пакети на храна, заштитни маски и средства за дезинфекција социјално ранливи семејства во Велес и селата Бузалково и Горно Јаболчише.

Ова е дел од националната акција   со наслов #СтоимеЗаедно – #WeStandTogether  – #Qëndrojmësëbashku. Во рамки на Караванот против гладот која започна вчера во Неготино и Кавадарци,   и ќе трае  до крајот на месецов во 20 општини во земјава  ќе бидат поделени 1620 прехранбени пакети,  6480 заштитни маски и 1620 средства за дезинфекција, на 1620 семејства.

Дебар  – Четириесет годишен дебранец е приведен поради физички напад врз сопругата и неговите малолетни деца.

– Вчера во Одделението за внатрешни работи е приведен С.А.(40) од Дебар кој претходно физички ја нападнал сопругата и малолетните деца. По насоки на јавен обвинител, во нивниот семеен дом во Дебар, во присуство на адвокат за малолетници и претставници на Центарот за социјални работи, извршен е разговор со оштетените, рече Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.

Воедно, тој додава дека по целосно документирање на настанот, ОВР Дебар ќе поднесе соодветна пријава.

Исто така портпаролот Димоски, информираше дека вчера околу 13:00 часот во центарот на Дебар, бил нарушен јавниот ред и мир со физички напад.

– На улицата „8 септември“, нарушен е јавниот ред и мир со физички напад извршен од И.И.(33) од дебарското село Отишани врз Р.Б. од Дебар. Напаѓачот е приведен и против него ќе биде поднесена соодветна пријава, рече Димоски.

Гостивар – Пет гостиварци се приведени и задржани во полициска станица, откако утрово, при претрес на деловен објект во кој престојувале се најдени кокаин и марихуана.Според информацијата од МВР, утрово (18.05.2021) околу 02.00 часот од полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – недозволена трговија со дрога и оружје во соработка со Полициска станица Гостивар ги лишиле од слобода Г.Д.(27), С.С.(27), И.С.(39), Ф.И.(27) и А.Б.(32), сите од Гостивар.

– При претрес извршен во деловен објект и подрумска просторија во Гостивар, кој го користи И.С., извршен со судска наредба, биле затекнати приведените лица. Биле пронајдени и одземени кокаин, марихуана и предмети со остатоци од наркотична дрога.

Петмината гостиварци се задржани во полициска станица, а по документирање на случајот против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок за неовластено производство и пуштање по промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close