МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

17 мај 2021

17 мај 2021

Скопје – Винарската визба „Тиквеш“ денеска ќе ја промовира инвестицијата во нови лозови насади на 120 хектари во месноста Бабуна, во околината на Велес.

Инвестицијата е дел од четиригодишната инвестициска програма на „Тиквеш“ во сегментот на примарно производство, чија цел е до крајот на 2022 година да бидат насадени над 400 хектари со нови висококвалитетни сорти грозје и да бидат обновени над 50 проценти од постојните 1000 хектари лозови насади на винарницата.

Охрид – Црквата „Свети Јован Канео“, едно од најрепрезентативните обележја на Охрид, е мотивот на наградената фотографија што ја додели вчерашното издание на неделното издание на лондонскиот весник „Тајмс“.

Станува збор за фотографија на Стив и Џин Куртек, испратена до весникот на отворениот конкурс за најдобра фотографија, за потребите на специјалното издание за патувања „Treilfinders“.

Гевгелија – Општина Гевгелија распиша тендери за три капитални инфраструктурни објекти чија што реализација беше најавена уште на почетокот од годината со ребалансот на општинскиот буџет, соопшти општинската служба за односи со јавноста.

Првиот тендер, посочија од општината, се однесува на изградба на улицата „Свети Климент Охридски“, која претставува продолжување на гевгелискиот булевар, поточно негов западен крак, кој треба да излезе кај излетничкото место „Динќут“ и да претставува заобиколница за дислокација на товарниот сообраќај кој се одвива покрај училиште на улицата „Петар Мусев“.

Ресен – Во организација на домот на културата ,,Драги Тозија” вечер во ресенскиот Сарај ќе бидат доделени наградите од литературниот конкурс ,,Волшебниот свет на книгата”.
Конкурсот, на кој пристигнаа 60-тина шифрирани творби, поезија и проза, беше распишан од Ресенската библиотека по повод Светскиот ден на книгата – 23 април.

Делчево – Членови на Планинарскиот-спортски клуб „Голак“ од Делчево во пресрет на одбележувањето на годишнината од Разловечкото востание реализираа планинарски марш до месноста Калаџерџево на 1130 метри надморска висина на планината Обозна над село Разловци. Во рамки на планинарската маршрута долга 20 километри, како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски планинарите ја посетиле куќата на Цоне Спасов – Ингилизов, кој бил еден од куририте на великанот Гоце Делчев.

-Оваа куќа се наоѓа кај месноста Калаџерџево на 1130 метри надморска.висина на планината Обозна над село Разловци. Ретко е посетувана од гости намерници, а прилика да ја посетат имаа наши членови. Планинарскиот марш се реализира во пресрет на одбележувањето на 145 годишнината од Разловечкото востание, со придржување на мерките за заштита од Ковид-19, рече Чучуковски.

Крива Паланка – Во организација на спортско-рекреативен риболовен клуб „Мрена“ вчера беше одржан годинашниов општински натпревар во риболов на пливка. На натпреварот учествуваа исклучиво членови на ЗСРРК „Мрена“.
-И годинава, во одлични временски услови го реализиравме општинскиот натпревар во риболов на пливка „Мрена 2021”. На натпреварот учествуваа петнаесет рекреативни и спортски риболовци, членови на здружението, а беа запазени сите протоколи за заштита од Ковид-19.

Куманово – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се вакцинираше против Ковид-19 на вакциналниот пункт во спортската сала на „Перо Наков“ во Куманово. Тој изрази задоволство од заинтересираноста на кумановци за вакцинација и изрази благодарност до медицинските лица за спроведување на процесот на имунизација.

Спасовски повика граѓаните да се пријават и да се вакцинираат, бидејќи, нагласи министерот тоа е единствен начин да се победи пандемијата. За него, вакцинацијата е граѓанска, лична и општествена одговорност.

 

Back to top button
Close
Close