Скопје, 8 март 2021 (МИА) – Поради реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Истарска“ бб во општина Центар, утре од 9 часот без вода ќе бидат жителите на улицата „Истарска“, како и дел од улиците „Битолска“, „Светозар Марковиќ“ и „Мирче Ацев“.
Во среда од 09:30 часот без вода ќе бидат селата Рашче, Бојане и Копаница во општина Сарај, поради реконструкција на усис во ПС Рашче 2.
Кочани, 8 март 2021 (МИА) – По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, а согласно Локалниот акциски план за еднакви можности за 2021 година, Општина Кочани обезбеди нова финансиска поддршка за жените во социјален ризик, како и за лицата со пречки во развојот.
Мерката се применува трета година по ред, а целта е да им се обезбеди општинска помош на жени од ранливите категории.
Скопје, 8 март 2021 (МИА) – Од денеска се до 26 март, матурантите од средните училишта на Град Скопје ќе имаат можност да се запознаат со студиските програми на факултетите и на универзитетите, што ќе им помогне полесно да ја изберат својата идна професија и кариерна ориентација. Градот Скопје по четврти пат го реализира проектот „Училиштата на Градот Скопје со отворени врати за факултетите и универзитетите за промоција на нивните студиски програми“, но велат дека оваа година, за разлика од претходните, претставувањето на универзитетите и факултетите ќе се реализира со он-лајн презентации.
Од прес-службата на Град Скопје информираат дека за да се олесни комуникацијата меѓу учениците и факултетите на овие настани секое училиште имаат назначено лице за контакт кое е задолжено да ги координира активностите на ниво на училиште.
Скопје, 8 март 2021 (МИА) – Симболични подароци им беа доделени денеска на згрижените лица, жените жртви на семејно насилство, како и стручниот персонал кои се дел од Шелтер центарот во Карпош, информираат од Општината.
Во соопштението од локалната самоуправа се наведува дека градоначалникот Стефан Богоев, во своето обраќање, потсети дека 8 Март само нѐ потсетува на фактот дека правата на жените се унапредуваат секојдневно и безусловно. Богоев го честиташе 8 Март со пораката „Не си САМА! Ти се спротивстави на насилството и победи“.
Скопје, 8 март 2021 (МИА) – Одлуките за прием на донација на проектно-техничка документација за објект ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, како и за изменување и дополнување на одлуките за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање, се главните точки за кои ќе расправа и одлучува Советот на Град Скопје на денешната седница, информираат од Градот.
– Советот треба да расправа за примање на донацијата на проектно-техничка документација за реконструкција и санација на Универзалната сала. За потсетување, обезбедени се 120 милиони денари средства од Буџетот на РСМ за реализација на овој проект од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција, велат од Град Скопје.