МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

19 февруари 2021

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) – Министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски денеска присуствуваа на почетокот на изградба на Дневен центар за деца со посебни потреби и Центар за сензорна интеграција во населбата Железара.

Двата центри ќе се протегаат на површина околу 450 метри квадратни, а во план е и изградба на инклузивен парк со реквизити и паркинг простор приспособен за корисниците. Изградбата на овие објекти чини над 22 милиони денари, средства издвоени од Општина Гази Баба. Се очекува тие да бидат готови за околу 100 дена.

Кавадарци, 19 февруари 2021 (МИА) – Црвен крст Кавадарци распиша конкурс за обука за нега на стари лица. Оваа активност е врз основа на верификацијата на посебната програма за негувателки и негуватели за помош и нега на стари лица на  Црвен крст на Република Северна Македонија.

-Се работи за проектот ,,За развој на социјални услуги”,  во партнерство со Општина Кавадарци и Министерство за труд и социјална политика, финансиран од Светска банка. Сите што ќе посетуваат обука, имаат можност да се стекнат со верификуван сертификат, соопштија од Општинската организација на Црвен крст.

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) – Општина Аеродром соопшти дека го повлекува неодамнешниот конкурс за новинари за промоција на европските вредности. Конкурсот се однесуваше на новинарски статии од областа на заштитата на животната средина, модернизација на урбаното живеење, подобрување на квалитетот на живот и руралниот развој.

Одлуката за повлекување на повикот е донесена по денешната средба на градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, со претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски и со извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

Гостивар, 19 февруари 2021 (МИА) – Донација од Амбасадата на Јапонија, вредна 60 илјади евра, ќе добие гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Преку грант, вреден 60.635 евра во рамки на програма за мали проекти и човекова безбедност, ќе се обезбеди современа медицинска опрема. Со овој проект се обезбедени средства за набавка на дигитален апарат за радиографија, со што ќе се подобри квалитетот на услугите во Одделот за радиологија.

Кавадарци, 19 февруари 2021 (МИА) – Вработени во службата „Мој општинар“ при кавадаречката локална самоуправа денеска поделија флаери со препораки за заштита од Ковид-19 во Кавадарци.

Флаерите, како што информираа од Кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев,  беа поделени на оние места каде што има зголемено групирање на луѓе.

Охрид, 19 февруари 2021 (МИА) – Самуиловата тврдина, Охридската гимназија „Св. Климент Охридски“, Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, Историскиот архив, скулптурата „Фаќач на крст“, па дури и водите на Охридското Езеро се дел од локациите и објектите што беа осветлени во знак на поддршка на лицата заболени од ретки болести.

Станува збор за активност во рамки на годинашната трета национална кампања „Ги запознаваме ретките болести 2021“, што се спроведува во организација на Здружението на граѓани со ретки заболувања „Живот со предизвици“.

Кочани, 19 февруари 2021 (МИА) – Последните снежни врнежи и топењето на снегот го зголемија дотокот на вода во акумулациите од хидросистемот „Брегалница“, со што поуспешно ќе се реализира претстојната наводнителна сезона.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани информираат дека водостојот во реките е двојно повисок од пред еден месец, што придонесе во браната Калиманци веќе да се акумулирани околу две третини од нејзиниот капацитет.

Скопје, 19 февруари 2021 (МИА) – Екипи на градските власти денеска почна со партерно уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од градскиот плоштад до улицата „Стив Наумов“. Со овој проект, партерно ќе се уреди површина од околу 12.500 квадратни метри која концептуално ќе се поврзе со околните објекти. На почетокот на активностите за уредување на овој дел од кејот, присуствуваа премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.

Проектот е вреден 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Град Скопје. Рокот за изведување на проектот е четири месеци. Се работи за површина од 12.500 метри квадратни, која ќе го поврзе Плоштадот со улицата „Стив Наумов“. Предвидено е ново поплочување, патека за лица со инвалидност, дрворед, ќе бидат поставени клупи, нова урбана опрема, смарт-клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери, канделабри, рефлектори за осветлување…

 

Back to top button
Close
Close