МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

18 февруари 2021

18 февруари 2021 

Скопје – Поради планирани технички зафати во електроенергетскиот систем во Градот Скопје утре без напојување со електрична енергија ќе бидат дел од корисниците во село Бердовци и во Чаир. 

Како што соопшти Центарот за управување со кризи во периодот од 07:40 до 15:30 часот без струја ќе бидат корисниците во дел од село Бардовци во општина Карпош, а од 10:00 до 15:00 часот и корисниците и објектите околу Арена Петрол – на булеварот „Македонско Косовска Бригада“ и на улиците „Стојко Јовановски“, „Лазар Личеноски“, „Пере Тошев“ и „380“, како и дел од улиците „Славеј Планина“, „Максут Садик“ и „Прохор Пчински“ во општина Чаир. 

Охрид – Снегот што се топи на планините ги интензивира водотеците на реките од сливот на Охридското Езеро, така што ситуацијата на водостојот на езерото веќе е во границите на нормалата. 

Само за една седмица нивото на езерото порасна за седум сантиметри, така што денеска е на котата 693,42 метри надморска височина, што е сантиметар над просекот за февруари или 32 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10). 

Делчево – Помалите здравствени домови во државата, меѓу кои и Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево, се подготвуваат за најавената вакцинација за Ковид-19, која започна со вакцинацијата на здравствените работници во модуларната болница при Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје. 

Како што информираше Марија Глигоровска, директорка на Здравствениот дом „Гоце Делчев“, со вакцинација од Ковид-19, здравствените работници од Делчево ќе бидат опфатени во подоцнежната фаза, бидејки во моментот установата не е опремена со потребните фрижидери за чување на Фајзер вакцините. 

Битола – Високата снежна покривка која надмина 35 сантиметри и ниската температура на воздухот која во изминатите два дена во Битола се спушти на -22 степени под нулата, го забрза процесот на формирање голомразица на троторарите и мраз на крововите и олуците на објектите, чија должина некаде надминува еден метар. 

Според програмата за организирана зимска служба донесена од Советот на Општина Битола, освен претпријатијата и граѓаните имаат обврска за чистење на снегот и мразот пред и од своите објекти. 

Крива Паланка – Во Крива Паланка, Ранковце и Општина Карпош, Скопје, досега се обучени вкупно 55 тренери во рамки на Програмата спор за развој кои користејќи го спортот како алатка развиваат вештини кај младите. 

Програмата е поддржана од ГИЗ Северна Македонија, се имплементира во државата од 2019 година, а ја спроведуваат Здружението за унапредување меѓусебна доверба “ТАКТ”, Скопје и локалните партнерства “Спорт за сите” во Крива Паланка и во Карпош. 

Росоман – Во Тиквешко, во полето кај росоманското село Манастирец, долетаа штркови, иако оваа појава среде снег во февруари не е вообичана. 

Од Здружението за заштита на природата „Аквила” сметаат дека можеби штрковите воопшто не мигрирале. 

Кавадарци – Семејната винарија ,,Пешков” од Кавадарци произведе сертифицирано органско бело вино. Пешкови, кои од скоро имаат регистрирано фамилијарен бизнис, велат дека најубавите вина секогаш имаат своја приказна, со којашто се истакнуваат во посебно светло. 

Информираат дека се работи за мали количини вино, произведено од органско грозје од сортата „смедеревка”. Најавуваат дека и во иднина ќе го следат овој тренд на производство на органски вина. Појаснуваат дека сертифицираното органско бело вино ,,Фариш” е домашен производ врз којшто не се употребени адитиви и вештачки бои, со што самиот производ е безбеден за здравјето на сите коишто го консумираат (во нормални количини). 

Тетово -Тетовската полиција привела сопственик на локал поради работење по дозволеното време и спротивно на прописите за спречување на ширење на заразна болест во време на епидемија.  Локалот работел во 21:30, a при контролата во објектот биле затекнати пет лица – гости и сопственикот. 

–На 17.02.2021 во 21.30 часот, полициски службеници од СВР Тетово извршиле контрола во угостителски објект на ул.„ЈНА“ во Тетово, сопственост на Ф.Ц.(33) од Тетово. Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат, а сопственикот Ф.Ц. бил лишен од слобода и приведен во полициска станица, соопшти СВР Тетово. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close