МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

17 февруари 2021

 Дебар, 17 февруари 2021 (МИА) – Јапонскиот амбасадор Хиронори Савада денеска престојуваше во посета на Дебар, што е, како што рече негово прво патување надвор од Скопје, по пристигнување во ноември.

Целта на посетата е потпишувањето договор за грант преку Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност, познат како ГГП програма, со кој Јапонија обезбедува печатач за дигитализација на рентгенот во Општата болница со проширена дејност, во износ од 35 илјади евра.

Гевгелија, 17 февруари 2021 (МИА) – На териториите на општините Гевгелија, Богданци и Дојран, каде дејствува Територијалната противпожарна единица од Гевгелија, лани биле регистрирани 127 пожари или речиси половина помалку споредено со 2019 година.

– Најмногу од пожарите или вкупно 90 се регистрирани на отворен простор, 31 се случиле на објекти, а во шест наврати се интервенирало при сообраќајки. На приватен имот се интервенирало 74 пати, 38 пожари избувнале на објекти и простор во државна сопственост и 15 од пожарите биле на отворено на простор во мешовита сопственост, информираа денеска од Противпожарната единица во Гевгелија.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Ќе се зголеми просторниот капацитет на Основното училиште „Исмаил Ќемали“ (поранешно ОУ „Рајко Жинзифов“) во населба Топанско Поле, каде што денеска беше поставен камен-темелник за дополнителен објект во кој ќе има осум училници со современи услови за настава.

Дополнителниот објект ќе биде на два ката со по 290 квадратни метри односно вкупна површина на 580 квадрати. Ќе има два тоалета адаптирани за децата со посебни потреби.

Кавадарци, 17 февруари 2021 (МИА) – Модуларната ковид болница во Кавадарци е во завршна фаза, информираше денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Тој се заблагодари на медицинските лица за нивната пожртвуваност во справувањето со пандемијата од вирусот Ковид-19.

Истовремено, со оглед на тоа што, според глава на жител, Кавадарци е на врвот во државата со број на заразени со коронавирус, Јанчев упати апел за поголема внимателност до своите сограѓани, за полесно справување со вирусот. Затоа што, како што нагласи, некои од заболените во изминатиот период, навистина тешко се избориле против Ковид-19.

Тетово, 17 февруари 2021 (МИА) – Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“ на Општина Тетово и сите училишта додели таблети со цел да се дадат на ученици со посебни потреби и од ранливи категории. Тие доделија 50 таблети кои ќе се распредат во 17 основни и средни училишта.

– Таблетите ги доделуваме на општината, па оттаму на училиштата и тие на децата бидејќи тие знаат да ги идентификуваат деца без разлика на етничка припадност. Свесни сме дека ова е донација е скромна. Ја донира ГИЗ Македонија, НАЛАС и ЗЕЛС ние сме како нивни субгрантисти. Ние имаме експерти кои ќе ги воведат во онлајн платформата за учење и ќе помогнат наставата да се одвива без проблеми, изјави Ферди Исмаили од „Сонце“.

Тетово, 17 февруари 2021 (МИА) – Општина Тетово ноќеска го отстрани оштетениот и проблематичен „лежечки полицаец“ (грпка) на „Индустриска улица“. Сега од локалната самоуправа најавуваат дека ќе поставуваат нова грпка но според законските прописи со друг соодветен материјал. Воедно ќе се продолжи и со намерата за повеќето мерки и активности со цел поголема безбедност на пешаците.

-Грпката од булевар „Индустриска“ е отстранета и веќе до петок  ја очекуваме и дозволата од страна на надлежните органи за нејзино прописно поставување и истата ќе биде изработена  од соодветен материјал на истото место. Со поставување на соодветна сигнализација ќе започнеме кога временските услови ќе го дозволат тоа или поточно после 15 март. Со целосно уредување на овој патен правец планирано е да завршиме до крај на оваа година, изјави Снежана Новаковска, од канцеларијата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Македонска Каменица, 17 февруари 2021 (МИА) – Калиманско Езеро е порибено со 500 килограми крап. Порибувањето се реализираше во рамки на активностите на Спортско риболовното друштво „Шаран“ од Македонска Каменица.

-Спортското риболовното друштво „Шаран“ и годинава продолжи со акцијата за порибување на Калиманско Езеро. За таа цел 500 килограми риба од видот крап се пуштени во близина на браната од Хидроцентралата Калиманци. Од споменатата количина, 50 риби се матици за мрестење кои се обезбедени од Репро-центар „Козјак“, истакнаа од СРД „Шаран“ Македонска Каменица.

Скопје, 17 февруари 2021 (МИА) – Во тек е реконструкцијата на детското игралиште во Козле, во должина на улицата „Јуриј Гагарин“, после Министерството за економија.

Општина Карпош информира дека врши целосна замена на старите и дотраени реквизити, при што се поставуваат нови клацкалки, лулашки, тобогани и друго.

 

Back to top button
Close
Close