МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

5 февруари 2021

Куманово, 5 февруари 2021 (МИА) – Јавната набавка за реконструкција на Кумановскиот театар ќе се распише во првото тромесечје од оваа година, информираа од Министерството за култура. Реконструкцијата на зградата на театарот е опфатена во Годишната програма за инвестиции во културата за 2021 година, содржи проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и националните установи од областа на културата кои се носители на активностите.

-Реализацијата на проектот за комплетна реконструкција на објектот во кој е сместен театарот ќе се одвива во повеќе фази. Јавната набавка за првата фаза од реализацијата предвидено е да биде распишана во првото тримесечје од годинава, и за оваа фаза предвидена е сума од 10 милиони денари, соопштија од Министерството за култура.

Скопје, 5 февруари 2021 (МИА) – Општина Центар во координација со екипите на Град Скопје започнува со теренски активности за поставување вертикална сообраќајна сигнализација за воведување еднонасочен сообраќаен режим на ул. „Св. Климент Охридски“ – позната како Адвокатска улица со цел регулирање и намалување на сообраќајот, како и зголемена безбедност за сите учесниците во сообраќајот, особено за учениците од локалното училиште.

-Во интерес на зголемување на безбедноста и подобрување на сообраќајот во овој дел на територијата на Општина Центар, еднонасочниот сообраќаен режим ќе биде воспоставен во правец на движење од страна на бул. „Крсте Петков Мисирков“ кон ул.„Филип Втори Македонски“, стои во соопштението од општината.

Скопје, 5 февруари 2021 (МИА) – Без вода денеска ќе бидат корисниците од улиците „Марко Цепенков“, „Иван Козарев“, „Томе Томшич“, дел од „Христо Татарчев“, „Христофер Жефаровиќ“, „Роман Каскалиевиќ“ и дел од „Алиа Авдовиќ“, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.

Прекинот на водоснадувањето на улиците „Марко Цепенков“, „Иван Козарев“, „Томе Томшич“ и дел од „Христо Татарчев“ е поради изведување на водоводен приклучок Ф100мм.на ул. „Марко Цепенков“ 11 и ќе трае до завршување на дефектот.

Охрид, 5 февруари 2021 (МИА) – Националниот фестивал „Охридско лето“ се приклучи на кампањата „Ги запознаеме ретките болести“ што веќе трета година по ред ја организира Здружението на лица со ретки болести „Живот со предизвици“. Во знак на поддршка на пациентите со ретки заболувања, од синоќа во заштитните бои на кампањата беше осветлена сцената на Долни Сарај.

„Со осветлување на сцената на Долни Сарај, како едно од најважните обележја на Охрид, ќе дадеме мал придонес на оваа благородна идеја да се продолжи континуитетот на запознавање на општата популација со ретките болести како и да се даде поддршка на лицата кои се борат со ретките дијагнози. Ретки се, но не се сами. Заедно сме посилни и можеме да направиме многу повеќе. Уметноста обединува, не прави посилни и токму затоа како најзначајна музичко-сценска манифестација сме горди што можеме да бидеме дел од еден вака значаен проект“, вели директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.

Гостивар, 5 февруари 2021 (МИА) – Полициските службеници во Гостивар изминативе денови спроведоа акции за отстранување на непрописно паркирани возила во централното градско подрачје. Санкционирани се 67 возачи, а подигнато е 21 возило кои го попречувале безбедното движење на другите учесници на сообраќајот.

Во рамки на засилените активности, гостиварското Одделение за внатрешни работи до вчера има изречено 67 мерки за погрешно паркирање. Според СВР Тетово, за два дена биле изречени 20 мерки, кои се однесувале на непрописно паркирање и го попречувале нормалното и безбедно движење на другите учесници на сообраќајот.

Пехчево, 5 февруари 2021 (МИА) – Библиотеката „Кочо Рацин” од Пехчево ги додели наградите за најдобрите читатели за изминатата година. Директорката на библиотеката Габриела Костадинова информираше дека награди се доделени во две категории.

-Со години наназад библиотеката „Кочо Рацин” од Пехчево ја одржува манифестацијата „Најчитатели рекордери и читатели рекордери” за годината што поминала. Но, поради пандемијата со Ковид 19, минатата година не успеавме да ја одржиме. Но, тоа не значи дека ги заборавивме читателите туку напротив, во просториите на библиотеката ги доделивме дипломите на најчитателите и читателите рекордери за 2020 година, а тоа се Јасмина Цековска, Бојана Најдовска, Викторија Јангелова, Наташа Лазаровска, Елена Михаилова и Олеандра Китански на кои им честитаме за наградата, изјави Костадинова.
Скопје, 5 февруари 2021 (МИА) – Поради дефект на водоводна цевка пред влезот во Калето од 08:20 часот без вода ќе бидат жителите од улиците „Самоилова“, „Јоаким Крчовски“ и „Банатска“.

Од јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување на дефектот.

Гостивар, 5 февруари 2021 (МИА) – Екипи на гостиварското комунално претпријатие вчера ја расчистуваа дивата депонија покрај пругата во близина на железничката станица. Неодговорни лица на ова место фрлаат градежен шут, автомобилски гуми, мебел и друг вид на отпад.

За ден ипол колку што траеше расчистувањето, комуналците подигнаа над 30 тони отпад и го транспортираа на депонија.

Back to top button
Close
Close