МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

2 февруари 2021

Берово, 2 февруари 2021 (МИА) – Општина Берово и во 2021 година продолжува со активностите за расчистување на дивите депонии. За таа цел како што информираше беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, општината преку медиумски кампањи и засилена инспекциска контрола, ќе ја развива свеста за штетноста од постоечките диви депонии во градот и селските средини. Поради ова Пекевски упати апел до несовесните граѓани да се воздржуваат од фрлање отпад на несоодветни локации.

-Со поддршка и иницијатива на дел од граѓаните, во изминатиот период имавме акции преку социјалните мрежи, преку кои се потенцираше присуството на диви депонии во општината. Кон крајот на минатата година почнавме со чистење на депониите онолку колку што ни дозволија временските услови. Остануваат две поголеми депонии за расчистување, за кои е потребна крупна механизација и подобра организација, се со цел, за неколку дена истите да бидат исчистении, истакна Пекевски.

Куманово, 2 февруари 2021 (МИА) – Редовно тече вакцинацијата против беснило кај домашните миленици во Куманово, информираа денеска надлежните од  ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“. Вакцинацијата се спроведува секоја година од јануари и завршува до март месец.

– Секоја година имаме помал број на сопственици кои ги вакцинираат миленичињата. Сега се обврзани да ставаат и чипови кои извесен период беа бесплатни, сега веќе се наплаќаат. Мислам дека тоа е една од причините поради која сопствениците одбегнуваат да ги вакцинираат миленичињата, изјави ветеринарниот лекар, Димитар Венев, од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.

Кочани, 2 февруари 2021 (МИА) – Општина Кочани го почна проектот за проширување и уредување на пешачка патека од населбата Бавчалук до браната Гратче, чија должина е околу 3,5 километри.

Градежните работи се дел од проектот „Планински велосипедски рај“ за кој локалната самоуправа обезбеди грант од над 30,5 милиони денари, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот, а за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран со грант од Европската Унија.

Гевгелија,2 февруари 2021(МИА) – Во валандовското село Чалакли почна изградбата на централната улица, активност што пред неполн месец ја најавија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и валандовскиот градоначалник Перо Костадинов, при посетата на селото. Изградбата на улицата е со финансиска помош од Владата во износ од 4 милиони денари.

Улицата е со должина од 637 метри од кои на 300 метри ќе биде поставен и тротоар. За населеното место, во кое живеат мештани со доминантна турска националност, улицата има огромно значење од причина што ги поврзува сите значајни објекти на селото како што се поштата, џамијата, основното училиште и познатиот фестивал на пролетни веселби „Хит Бах Шен Фест“ од програмата на УНЕСКО.

Делчево, 2 февруари 2021 (МИА) – Во Делчево заврши дводневната работилница на тема „Улогата на старателите во социо-економската интеграција на деца без родители и родителска грижа“. Активноста е дел од проектот „Инклузивен мост 18“, чија главна цел, како што информираа од имплементирачката организација Бравура кооператива, е создавање одржлива програма за инклузивен економски развој на децата без родители и родителска грижа.

Охрид, 2 февруари 2021 (МИА) – Охрид и во услови на епидемија достојно ќе ја чествува 128-годишнината од смртта големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160-годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Центарот за култура и библиотеката од Охрид што го носат неговото име на 5 февруари и во сложени здравствени услови ќе ја одржат традиционалната манифестација „Прличеви беседи“. Настанот ќе биде отворен во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура, а точно на пладне е Свеченоста посветена на лауреатот на наградата најдобра поема за 2020 година – Лилјана Пандева. Нејзината поема „Капетаните“ беше прогласена за најдобра на отворениот конкурс што секоја година се распишува во чест на Прличев. Стручното чири за нејзиното дело вели дека претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, поема конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот“ на Прличев.

 

Back to top button
Close
Close