МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

2 февруари 2021

Охрид, 2 февруари 2021 (МИА) – Охрид и во услови на епидемија достојно ќе ја чествува 128-годишнината од смртта големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160-годишнината од создавањето на неговата поема „Скендербег“.

Центарот за култура и библиотеката од Охрид што го носат неговото име на 5 февруари и во сложени здравствени услови ќе ја одржат традиционалната манифестација „Прличеви беседи“. Настанот ќе биде отворен во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура, а точно на пладне е Свеченоста посветена на лауреатот на наградата најдобра поема за 2020 година – Лилјана Пандева. Нејзината поема „Капетаните“ беше прогласена за најдобра на отворениот конкурс што секоја година се распишува во чест на Прличев. Стручното чири за нејзиното дело вели дека претставува еден вид посвета на Прличевиот поетски подвиг, поема конструирана низ своевиден паралелизам преку композициска, структурна, поетичка и содржинска аналогија со поемата „Сердарот“ на Прличев.

Кавадарци, 2 февруари 2021 (МИА)- Се санира патот од село Ресава до заливот на Тиквешко Езеро, информираат  од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

-Станува збор за проширување и тампонирање на патот. На оваа локација се наоѓаат околу 100 викендици кои сега ќе имаат побезбеден пристап. Овој проект е донација од општествено одговорната компанија ,,Кожувчанка”,  во вредност од еден милион денари, велат од кабинетот на Јанчев.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Општина Карпош започна реконструкција на четири пешачки патеки во населбата Козле. Имено, во тек е реконструкција на два пристапа – влезови кон зградите на улицата „Јуриј Гагарин“, број 43 и 45.

-Исто така, се прави една пристапна патека во должина на парковското зеленило, со цел граѓаните да имаат безбедно движење во овој рекреативен дел, како и една пешачка патека од гаражите кон паркингот, информираат од општината.

Кавадарци, 2 февруари 2021 (МИА) – Планинарите од планинарско спортското друштво „Орле“ од Ксвадарци, ја обележаа патеката до месноста „Катунишки камен“, кај кавадаречкото село Ваташа.

– Ставивме дрвени патокази по патеката за рекреација која е долга околу четири километри и која се изодува за околу час и половина. На неколку места е предвидено поставување на летниковци. Најгоре има прекрасен и моќен видик, како на дланка се гледаат делови од Тиквешко Езеро, Ваташа и Кавадарци. Има и карпа и можност за во иднина да се организира спортско качување по неа, за МИА појасни Никола Минчоров, претседател на друштвото.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – Без вода денеска од 9:00 часот се корисниците од улицата „Црвена Вода“ бр.11 во населбата Дебар Маало.

Како што соопшти Регионалниот центар за управување со кризи-Скопје, прекинот е поради уличен дефект од Ф-80мм на улицата „Црвена Вода“ бр.11 во населба Дебар Маало.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА) – За само една недела санкционирани се вкупно 190 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП Паркинзи на општина Центар.

– Со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 95 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 95 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани, стои во соопштението.

Скопје, 2 февруари 2021 (МИА)- Во текот на утрешниот ден без струја ќе останат делови од општините Гази Баба, Сарај и Сопиште.

Како што информираат од РЦУК Скопје, ќе има прекин во снабдувањето со струја  во периодот од 08.55 до 11 часот кај корисниците од улиците бр.5, 7, 8, 10, 13, 14 и 15, како и ул. Јурумлери во населба Јурумлери Општина Гази Баба, а во периодот од 9 до 11 часот, дел од корисниците од село Семениште, во Општина Сарај во периодот од 09 до 12 часот, корисниците од бул. Јане Сандански бр.17, 19 и 21 во Аеродром.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close