МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

26 јануари 2021

Ресен, 26 јануари 2021 (МИА) – Нивото на водата во Преспанското Езеро е зголемено 17 до 19 сантиметри по последните врнежи од дожд и снег, кои го зафатија регионот на Преспа. Водостојот, денеска, како што информира градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски, е 516 сантиметри под нултата кота, која е на 847,60 метри согласно водомерната летва во село Наколец.

– Состојбата е алармантна. Тоа е резултат на многу фактори, кои влијаат директно или индиректно на хидролошката состојба, како и со природното богатсво, видовите и живеалиштата, познати не само на локално и национално ниво, туку и во светски рамки, изјави Гошаревски за МИА.

Делчево, 26 јануари 2021 (МИА) – Младите од Делчево ќе добијат нов скејт-парк, а како што информираат од Општината ќе се гради во населбата СРЦ, во непосредна близина на градската спортска сала во Делчево. За изградбата на скејт-паркот веќе е објавена отворена постапка за јавна набавка на услуги, постапка коja предвидува и изградба на две фонтани во централното градско подрачје.
– Општина Делчево објави поедноставена отворена постапка за јавна набавка на услуги „Проектирање скејт парк и две фонтани“. Локациите на двете фонтани се предвидени во централното градско подрачје и тоа, едната фонтана пред споменикот на паднатите борци, а втората во градскиот парк пред летната сцена. Локацијата за скејт-паркот е во населбата СРЦ во непосредна близина на градската спортска сала. За реализација на набавката се обезбедени средства од општинскиот буџет за 2021 година во висина од 1 милион денари без вклучен ДДВ, информираа од Општината.

Гевгелија, 26 јануари 2021 (МИА) – Одделението за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина во општина Гевгелија, изминатата 2020 година, за разлика од претходната, решило двојно повеќе предмети и барања поднесени по разни основи.

Од Општината потврдија дека вкупно биле поднесени 1242 барања од кои дури 1239 биле решени, а во тековната година се решаваат заостанати предмети од кои најголем број се поврзани со легализација на бесправни објекти.

Скопје, 26 јануари 2021 (МИА) – Изминатата недела се санкционирани 136 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.

Како што стои во соопштението, во периодот од 18 до 24 јануари 2021 година, со „пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 69 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „блокатор“ санкционирани се 67 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

Back to top button
Close
Close