МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

21 јануари 2021

Берово, 21 јануари 2021 година (МИА) – Набавена е нова опрема за подобрување на воспитно-образовниот процес во беровската гимназија „Ацо Русковски“. Како дел од оваа активност, како што информираше директорот на училиштето Сашко Корчовски набавени се нови лап-топ компјутери.
-Наставата во второто полугодие во нашата гимназија започна да се одвива со подобрени услови за настава за учениците и наставниот кадар. Со набавката на 18 нови лаптоп компјутери, кои ги содржат сите потребни технички карактеристики за непречено одвивање на наставата со задоволство можам да кажам дека ќе имаме поуспешна реализација на наставниот процес. Дополнително за унапредување на наставниот процес се набавени и смарт табли. Средствата за набавка се обезбедени од буџетот на училиштето, рече Корчовски.

Штип, 21 Јануари 2021 (МИА) – Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов денеска оствари средба со директорот на Хидросистемот „Злетовица“, Миле Илевски и директорот на пробиштипското комунално претпријатие „Никола Карев“, Ненад Павичевиќ. Николов вели дека на средбата се разговарало за капацитетите и трајното снабдување со вода за пиење од ХС „Злетовица“.

-Општината е целосно посветена на изнаоѓање одржливо решение за снабдување со вода и правиме максимални напори тоа да се оствари, вели Николов.

Струмица, 21 јануари 2021 (МИА) – Во Струмица, денеска, беше одбележана 78 – годишнината од смртта на првоборецот Герас Цунев.

За животот и делото на Цунев говореше секретарот на Општинскиот одбор на Сојузот на борците од НОАВМ, Петре Ѓоргиев.

Гевгелија, 21 јануари 2021(МИА) – Општина Гевгелија ги истакна јавните повици за изградба, реконструкција и бетонирање на улици и краци со што официјално означи почеток на реализација на проекти и активности од програмата за локални улици и патишта во 2021 година, потврди денеска надлежната општинска служба.

– Со овие тендери предвидуваме изградба на нови улици во градот и населените места со должина од 2000 метри, реконструкција на постојни улици со вкупна површина од 16 700 метри квадратни како и бетонирање на помали улици и краци со вкупна површина од 15.250 метри квадратни, велат од општината.

Kамењане, 21 јануари 2021 (МИА) – Населеното место Камењане при Општина Боговиње од денеска има нова градинка во која може да се сместат 87 деца.  Градинката ќе функционира во целосно реконструиран објект на поранешното училиште, а средствата во висина од 16 милиони денари се грант на Министерството за труд и социјална политика.

Гевгелија, 21 јануари 2021 (МИА) – Подрачното основно училиште во село Богородица, кое работи во состав на ОУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија, второто полугодие од учебната година го почна со среден двор и нова ограда.

Непосредно пред почетокот на второто полугодие, акцијата за уредување на дворното место со зимзелени садници и сезонско цвеќе ја изведоа вработени во гевгелиското комунално претпријатие, кои се погрижија да ја постават и новата ограда на училиштето.

Скопје, 21 јануари 2021 (МИА) – Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 142 возила од јавните површини во Град Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 18 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 124 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Како што соопштуваат од Град Скопје, контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 218 возилa, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 18 возилo се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

 

Back to top button
Close
Close