МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

23 декември 2020

23 декември 2020

Гевгелија – Акцијата за реконструкција на ООУ „Ристо Шуклев“ од Негорци и подрачното училиште во Прдејци, која со повеќе инвестициски зафати се изведува околу месец дена, ќе продолжи уште неколку дена заради изведба на дополнителен зафат за изградба на санитарен дел за ученици со телесен инвалидитет, соопштија денеска од училиштето во Негорци.

– Со средства од над 30 илјади денари, што ги обезбедивме од сопствениот буџет, одлучивме долгата реконтруктивна акција со која обезбедуваме подобри услови за изведување настава и престој на сите ученици, да заврши со изградба на санитарен дел во ООУ „Ристо Шуклев“, во Негорци за учениците со телесен инвалидитет за кои претходно изградивме и пристапна рампа до училиштето, рече директорката Жаклина Линкова.

Скопје – Децата од градинката „Перуника“, на иницијатива на воспитувачката Жаклина Јорданова, подготвија колачиња во знак на благодарност кон медицинските лица од Универзитетската клиника за детски болести.

– За вработените на клиниката, децата изработија и новогодишни честитки. Воспитувачката Жаклина Јорданова, во име на децата, колачињата и честитките ги однесе во детската болница, каде истите ги прими портпаролката на Универзитетската клиника за детски болести, Марија Тасев, информираат од Општина Кисела Вода.

Кавадарци – Трета година по ред, во овој период од годината, се пошумува во Кавадарци, рече денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев,  во изјава за медиумите. Тој појасни дека овојпат се садат десет илјади садници ,,чемпрес”  во месноста ,,Журов дол”, во соработка со јавното претпријатие ,,Национални шуми” и кавадаречката подружница ,,Бор”.

-Станува збор за ерозивно подрачје па се договоривме пошумувањето да продолжи и во иднина. Следната година ќе се издвојат  поголеми финансиски средства за пошумување од општинскиот буџет. Во акцијата се вклучи и бизнис секторот, се со цел пошумување на подрачјето од 40 хектари, нагласи Јанчев.

Гевгелија – Општина Дојран, за подобрување на условите за развој на туризмот, од Владата ќе добие 750.000 евра или повеќе од 45 милиони денари за подобрување на квалитетот на водата во Дојранското езеро и за обновување на пречистителната станица.

Парите се дел од средствата планирани за изградба на карго аеродром во Штип, што владата ги пренамени за осумдесетина инфраструктурни капитални проекти во земјава.

Скопје – Градежните активности за изградба на експресниот пат Прилеп-Градско ќе се интензивираат следната година. За првата делница од Градско до Дреново веќе е завршена постапката на преземање на градежните работи од страна на новиот изведувач, а за втората делница од Дреново до Фариш веќе е распишан тендер кој е во фаза на евалуација.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува на почетокот на следната година да биде избрана нова компанија која ќе продолжи со градежните работи на делницата од Дреново до Фариш.

Тетово – Проектната документација со геодетски елаборат за патот до Луковица која мештаните сами ја финансисираа е готова и доставена до Општина Желино, информираат од месната заедница и Здружението на жители на Луковица. Сега се надеваат дека општината ќе најде средства од разните фондови при Владата и меѓународните организации за изградба и асфалтирање на патот.

-Проектната документација е доставена до Општина Желино на 18 декември, а истата беше примена во архивата и беше добиен архивски број (1270/1).  Се надеваме дека општина Желино ќе ја забрза постапката за аплицирање пред надлежните органи во државата за асфалтирање на патот со цел да се реши деценискиот сон на жителите на село Луковица, вели Миле Сибиновски од месната заедница и Здружението на жители.

Скопје – Нов зелен корнер со детски површини, дрјва и клупи доби населбата Карпош 2 на „Илинденска“. Како што соопшти градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев кој денеска беше во посетата на корнерот, станува збор за ново зеленило, наменето претежно за население со мали деца.

Според Богоев, овој зелен маалски корнер е најголема потврда за создавање на нов квалитет и вредност на јавните простори во градот и во општините.

Кочани – Привршуваат армирачко-бетонските градежни работи на Планинарскиот дом на Пониква, чија изградба е во рамки на проектот „Планински велосипедски рај“.

Објектот ја доби новата скелетна конструкција, а од стручните служби на Општина Кочани најавуваат продолжување на работите на кровната конструкција.

 

Back to top button
Close
Close