МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

26 ноември 2020

26 ноември 2020

Пехчево – По Делчево и Општина Пехчево наградена за позитивниот пристап во соработката со трети компании. Сертификатот за квалитет кој го доби општината, како што информираше Живко Каликов, го доделува Здружението за истражување, анализа, стандардизација и сертификација.
-Општина Пехчево откако претходно беше наградена со квалитет за општествена одговорност, сега доби уште едно признание во делот на позитивниот пристап во соработката со трети компании. Во таа насока, сертификатот се доделува по претходно извршена анализа за услужливост кон купувачите како и извршени интернет – анализа за позитивни споменувања, гаранција за услугите и позитивен пристап во соработката со трети компании, за што ИАСС одлучи дека Општина Пехчево ги исполнува условите за овој Сертификат за квалитет, вели Каликов.

 

Гевгелија – Четири од десетината капитални проекти што општина Гевгелија планира да ги реализира во наредната година, веќе поминаа кај ревизорот на развојната КФВ банка, што значи дека за нивна реализација се обезбедени пари, потврди градоначалникот Сашо Поцков.

-Станува збор за проектите за изградба на канализациска мрежа на јужниот дел од Гевгелија, нова водоводна линија за жителите на Мрзенци, Негорци и Прдејци, пречистителна станица за отпадните води од Негорски бањи, Негорци и Прдејци и нова водоводна линија со поголем капацитет од Гевгелија кон селата Богородица, Стојаково и Селемли, рече Поцков и додаде дека со средства за кои општината аплицирала преку Министерството за транспорт и врски ќе се изградат и реконструираат неколку улици во градот и населените места.

Крива Паланка – Реконструкцијата и проширување со трета лента на патот Крива Паланка – Деве Баир, граничен премин со Бугарија, се одвива со забрзано темпо. Увид во градежните работи на терен денес извршија премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Штип – Општинската изборна комисија од Штип ги подготвува решенијата за членовите на избирачките одбори. Покрај избирачките одбори за ковид пациентите и за гласачите во изолација, се формираат и пет избирачки одбори за казнено-поправните установи со цел осудените лица да го остварат своето право на глас. 

Наша задача е и петте затвори да бидат покриени со избирачки одбори, каде што ќе гласаат осудениците на 12 декември, еден ден пред првиот изборен круг, изјави претседателката на Општинската изборна комисија Сенка Андреева.

Скопје – Град Скопје апелира до граѓаните за време на „Black Friday“ да го оставаат кабастиот отпад на местата за складирање. Оттаму потсетуваат дека амбалажата за пакување на големи производи, особено за бела техника, но и старите електронски уреди и мебел, се третираат како кабаст отпад и не треба да се ставаат во садовите за отпад.

– Овој вид  отпад да се одложи во центрите за селекција на отпад на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош и Вардариште, без плаќање паричен надоместок. Исто така, граѓаните можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт на кабастиот отпад со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. Услугата за собирање кабаст отпад од домовите на граѓаните се наплатува согласно со ценовникот на ЈП „Комунална хигиена“, информира Градот.

Тетово – Средствата кои Владата ги додели на Општина Тетово за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“ се всушност за продолжување на делницата преку веќе постоечки мост на реката Пена, информираше на денешната седница на Советот, претседателот Беким Мемети.  Парите ќе се искористат за првата фаза од продолжувањето на булеварот.

-Владата издвои 29,5 милиони денари за реконструкција на булеварот „Благоја Тоска“, што значи дека наредната година овој долгогодишен проблем на Тетово ќе биде минато. Проект е во три фази, а сега има средства за да се реализира првата. Тоа е продолжување на булеварот преку мостот на реката па се до текстилното училиште. Пред крај е експропријација на осум куќи кои треба да се рушат за да се продолжи булеварот во првата фаза, изјави Беким Мемети.

 

Back to top button
Close
Close