МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

30 октомври 2020

30 октомври 2020

Охрид – Во рамки на „Проектот за поврзување на локални патишта” имплементиран од Министерството за транспорт и врски со финансиска поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка ќе се реконструира улицата „Македонски просветители“, која е една од главните сообраќајници во Охрид.

Новото сообраќајно решение предвидува две одвоени коловозни ленти со тротоари од двете страни, велосипедскa патекa, нова атмосферска канaлизација и ново улично осветлување. Возните ленти и такси-паркингот ќе бидат изведени од гранитни камени коцки, обрабени со камени гранитни рабници. Долж улицата планиран е разделен цветен појас, а ќе биде подигнат и нов дрворед, од двете страни.

Македонска Каменица – Во насока за обезбедување дополнителна заштита и безбедност на граѓаните од ширење на коронавирусот, синоќа екипи на јавното претпријатие „Камена Река” извршија вонредна дезинфекција на најфреквентните улици и јавни површини во Македонска Каменица.
-Дезинфекцијата е спроведена како една од препорачаните мерки за спречување и заштита од коронавирусот и таа се вршеше со раствор од хлор. Според однапред утврдениот распоред и динамика, со дезинфекцијата беа третирани сите фреквентни улици во градот, информираа надлежните.

Велес – До утре 31 октомври трае  постапката на прибирање предлози, проекти, сугестии за креирање на програмите на општина Велес: локален економски развој, образование, култура, социјална заштита, здравство, спорт, заштита на животна средина, соработка со граѓанските организации, а тоа значи во  сите области во кои општината има надлежност. Постапката започна на 22 октомври.

Како што информираат од Општина Велес,образецот за аплицирање е достапен на интернет страната на општината за сите граѓански организации, фондации, спортски клубови, културно – уметнички друштва.

Делчево – Коронавирусот ги проблематизираше плановите на Здравствениот дом во Делчево околу најавените специјализации на лекарите, кои треба да ги заменат специјалистите пред пензија. Дополнителен проблем во таа насока, како што информираше директорката на Делчевскиот здравствен дом, д-р Марија Глигоровска создаде и заминување на дел од лекарите од земјава, како и нивно заминување на приватни специјализации, што заедно со обврските кои лекарите ги имаат како дел од справувањето со Ковид-19, создаде ситуација која моментално е „статус кво“, во однос на тоа што беше планирано.
– Во септември и март се распишуваат конкурси за специјализација. Оваа година многу се доцни, веќе сме крај на октомври. Во разговор со деканатот на Медицинскиот факултет, имаме најава за брза средба, за да се разговара на оваа тема. Имаме нов бран со Ковид-19 за чие справување со вирусот вклучени се и самите специјализанти. Од она што е сигурно и што може да го кажеме е дека нови специјализации ќе има, ние направивме програма, меѓутоа веројатно повеќе вниманието сега ќе биде насочено кон есенскиот и зимски бран на епидемијата. Инаку нашата установа и нашиот град Делчево, но и Македонска Каменица многу изгубивме со тоа што ни се случија некои работи, кои ни ги закочија специјализациите. Во 2019 година имавме обезбедено специјализација по неврологија која навистина ни е потребна и за среќа таа специјализација ја реализиравме. Меѓутоа во 2019 година во септември една од лекарките замина на приватна специјализација, бидејки не можевме веднаш да ја пратиме на специјализација, во меѓувреме се откажа, си отиде по свој пат, што е нејзино право, така што и поради ситуацијата со вирусот, а и со тоа што не напуштија две докторки во овие две години, специјализацијата не можевме да ја реализираме, вели Глигоровска.

 

Охрид – Македонско-чешкиот краток игран филм „И(с)згубени“ на охридскиот режисер Антонио Вељаноски е номиниран за најдобра главна улога и најдобар филм во категоријата на Меѓународниот филмски фестивал „Сохо“, што се одржува во Њујорк, САД.

„И(с)згубени“ е филм за осаменоста, надежта и љубовта. Кога осамениот пензиониран лингвист Рудолф (77), оди во пошта, по пат е следен од едно куче од кое не може да се ослободи. Ова ќе доведе до целосна и неочекувана промена во неговиот живот.

Кавадарци – Заменет е начинот на греење во подрачното училиште во село Марена, информираа од Основното општинско училиште „Страшо Пинџур“ од Кавадарци.

-Изразуваме благодарност до градоначалникот Митко Јанчев, локалната самоуправа и фирмата изведувач. Голем е бенефитот кога греењето на дрва со стари шпорети, се заменува со био гориво (пелети) и комбинирано греење. Со овој начин на греење ќе има добробит најмногу за учениците, наставниците, а и за градот, затоа што сме свесни дека има големо загадување. На овој начин, во училиштето се очекува во голема мерка да се намалат трошоците во однос на загревањето во просториите и училниците, а паралeлно со тоа и подобри услови за настава на учениците, појаснија од училиштето.

Back to top button
Close
Close