МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

28 октомври 2020

28 октомври 2020

Куманово – Во Уметничката галерија Куманово вечерва ќе биде отворена ретроспективно монографската изложба на Ѓорѓе Шијаковиќ, на која ќе бидат презентирани четириесет слики, а ќе биде промовирана и книга за неговото творештво од Гоце Божурски.
– Отворањето на изложбата ќе биде кусо согласно протоколите. Значајно е што после отворањето делата ќе може да ги види и публиката согласно протоколите. Секако, изложбата ќе биде поставена наредните десетина дена, така што сите заинтересирани ќе можат да ги видат делата, вели Гоце Божурски, историчар на уметност и сликар, советник во НУ Музеј-Куманово/
Кавадарци – Врз основа на архивската фото-документација, локалниот музеј-галерија Кавадарци денеска ќе ја отвори изложбата „Музејот во Кавадарци низ фотографии”.
-Преку призмата на 280 фотографии,  ретроспективно се презентирани моменти од отворање на изложби од ликовна и музејска дејност, Спомен соба на Никола Бадев, промоции и настани реализирани во  Музејот. Целта на изложбата е да ја потсетиме јавноста на активностите реализирани во Музеј галеријата во делот на музејската дејност, финансиски поддржани од градоначалникот Митко Јанчев со Совет на општина Кавадарци и Министерство за култура,  во соработка со сродни институции  од градот, нашата држава и надвор од неа, информираа од Музејот.

 

Крива Паланка – Организаторите на детскиот фестивал  Распеано симитче 2020“ ги повикуваат дечињата на возраст од осум до четиринаесет години да се пријавуваат за аудиција. Од Центарот за аудиовизуелни уметности „Каартс“ Крива Паланка информираат дека аудициите ќе траат до 31 октомври, а ќе се одвиваат по електронски пат, согласно мерките за превенција од Ковид-19.

– Сите заинтересирани дечиња,момчиња и девојчиња, на возраст од 8 до 14 години, треба да снимаат нивна вокална изведба на омилена песничка, по сопствен избор и да испратат видео. Видеото треба да се испрати во приватна порака на фејсбук-страницата на Распеано симитче“, најдоцна до 31  месецов, изјави Методи Цветковски, директор на фестивалот.

Делчево – Продолжува праксата на доделување стипендии на одлични ученици и студенти во Делчево. Според предвиденото, како што истакна советникот за образование Ванчо Новоселски, годинава општината ќе додели 28 стипендии на ученици и студенти поделени во 4 категории.

-Во првата категорија ќе се доделат 10 стипендии кои се однесуваат на ученици од 2, 3 и 4 година, кои учат во гимназијата „Методи Митевски-Брицо“ и се со континуиран одличен успех, чии родители се невработени, со ниски месечни примања или социјални случаи. Опфатот на стипендиите за оваа категорија годинава е зголемен од 6 на 10 ученици, а износот на една стипендија е 1000 денари за период од 9 месеци во текот на учебната година. За втората категорија ученици предвидени се 8 стипендии на ученици од 2, 3 и 4 година, кои учат во гимназијата „М.М. Брицо“ и се со континуиран одличен успех, а во претходната учебна година имаат и најмалку една награда во поединечна категорија за освоено прво, второ или трето место на државни или регионални натпревари, рече Новоселски.

Битола – Јавното претпријатие „Комуналец“ почна со подготовка на теренот за поставување на подземни контејнери на неколку локации во Битола.

Во првата фаза од оваа комунална активност, подземни садови за собирање комунален отпад ќе бидат поставени на улиците „Васко Карангелески“, и „Столарска“ во непосредна близина на Јени џамија и битолскиот Безистен, а дел од првите подземни контејнери ќе бидат поставени и на Булеварот „Први Мај“ под Ленски мост, кај рибарниците во Битола.

Берово – Општина Берово започнува со активностите за зајакнување на грижата за старите и изнемоштени лица. Како дел од проектот „Возврати со љубов, грижа и почит” во наредниот период 60 возрасни и изнемоштени лица од Берово и населените места, ќе добијат секојдневна грижа и нега во домашни услови. Надлежните информираа дека согласно активностите од овој проект, старите и изнемоштени лица ќе добиваат помош при чистење, готвење, хранење и купување на намирници.
-Општина Берово е во првите осум општини, кои како дел од соработката на општината, Домот за стари лица д-р Иван Влашки и Министерството за труд и социјална политика, воведуваат нов начин на воспоставување на социјални услуги и доближување на институциите до граѓаните. За таа цел деновиве општината го потпиша договорот за имплементација на проектот „Возврати со љубов грижа и почит”, за старите лица. Се работи за проект, преку кој на 60 возрасни изнемоштени лица од Берово и населените места, на кои семејставата им се иселени од Берово, кои живеат сами, без секојдневна грижа, живеат во лоши услови и кај кои постои отсуство на редовни лекарски прегледи, ќе им биде овозможена помош и поддршка во извршување на секојдневните активности, информираа од општината.
Куманово – Почна реконструкцијата на кровот, прозорците, вратите и подовите на истурената зграда на две кумановски централни основни училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“.

Општина Куманово ја распиша тендерската постапка во мај годинава. Објектот, кој ќе се реконструира, е еден од најстарите во градот, а го користат двете училишта за ученици од редовна настава и за ученици со попреченост.

Делчево – Делчевските советници ја усвоија одлуката за ребаланс на буџетот за 2020 година. Согласно новиот ребаланс на буџетот, како што соопшти Анка Христова од одделението за буџет и финансии, истиот е намален за околу 14,8 отсто, со што вкупниот буџет ќе изнесува 301,4 милиони денари.
-Со измените и дополнувањата општинскиот буџет бележи намалување за 52,6 милиони денари. Од овие средства намалување има кај основниот буџет за 32,2 милиони денари или 29 отсто, незначително намалување има кај буџетот на дотации кој е помал за 318 илјади денари. Кај буџетот на донации намалувањето изнесува 14,4 милиони денари или 32 проценти, додека со ребалансот имаме намалување на буџетот на кредити за 5,6 милиони денари или за 17,4 проценти. Во буџетот на самофинансирачки активности нема измена, рече Христова.

Back to top button
Close
Close