МИА Општински пул

МИА Општински пул

25 септември 2020 

25 септември 2020 

Кавадарци – Општина  Кавадарци  во рамки на буџетот субвенционира купување велосипеди и еколошки грејни тела. Вкупната сума е еден и пол милион денари. Ваква одлука изгласа денеска Советот на општината.

– Максималната субвенција за купување велосипеди е три илјади денари, а за грејни тела 15 илјади денари, појасни кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Велес – Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес  денеска свечена заклетва дадоа 67 кандидати за професионални војници, меѓу кои и девет девојки. 
Тие ќе се обучуваат за професионални војници во следните три месеци, а по завршување на обуката, ќе бидат распоредени во некоја од единиците на Армијата.

Од 67-те професионални војници, 19 се испратени на обука во Гардата на Армијата во касарната „Илинден“ во Скопје, а останатите 48 војници се обучуваат во Центарот за индувидуална обука кој е во склоп на Командата за обука во велешката касарна.

Скопје – На затворањето на меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ што синоќа се одржа на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов го повика претседателот Стево Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на овој култен објект во Скопје.

– Фестивалот „Синедејс“ не само што успешно ја пребродува короната, туку тоа го прави и на најдобриот можен начин, реоткривајќи ги културните простори во Скопје. Дел од проекциите на фестивалот се одржаа пред поранешните кина Маџари, Влае, Кисела Вода, Напредок. И еве сме, пред еден предизвик. Јас сум спремен, претседателе Пендаровски, како градоначалник да го финансирам проектирањето и ве повикувам вас, заедно да го уредиме овој простор како нов културен простор, а во име на кандидатурата на нашиот град за Европска престолнина на културата во 2028 година. Заеднички, вие како покровител, а јас како реализатор, да отвориме еден нов културен простор како што е покривот каде што вечерва се наоѓаме, истакнал градоначалникот Шилегов, пренесуваат од прес-службата на Град Скопје.

Скопје – Со ноќното бележење на улицата „Благоја Стефковски“ во Општина Гази Баба цел месец пред предвидениот рок завршија градежни работи за обнова на нејзиниот коловоз.

Како што соопштија денеска од Градот Скопје, втората фаза од реконструкцијата на улицата „Благоја Стефковски“ го опфати потегот од свртувањето кон улицата „Перо Наков“ до Кино „Маџари“, во должина од околу 850 метри.

Скопје – Осумте основни училишта во Аеродром подготвено го чекаат стартот на учебната 2020/21 година под нови услови и со нови протоколи, информираат од Општината.

Како што наведуваат во изминатиот период беа реконструирани и реновирани зградите на основните училишта, што опфати молерисување, обнова на тоалетите, замена на подовите, на прозорците и влезните врати, а беше извршена и повеќекратна дезинфекција на училишните простории.

За училиштата и за учениците, стои во соопштението, Општина Аеродром првпат набави нова спортска опрема и облека, училишни униформи и ИКТ-опрема, смарт-табли, прожектори и дидактички материјали.

Гевгелија – Од почетокот на пандемијата до денеска, на територијата на општина Валандово се регистрирани вкупно 20 инфицирани пациенти од коронавирусот од кои девет се веќе оздравени, а моментно активни се до сега рекордни 11 случаи.

Здравствените власти упатија предупредување дека епидемиолошката состојба во општината се влошува, поради што вонредно заседаваше и Кризниот штаб со кој раководи градоначалникот Перо Костадинов.

Поради влошената епидемиолошка слика беа донесени заклучоци со кои се наложува максимална институционална вклученост на сите чинители во борбата против Ковид-19, да се интензивираат контролите на полицијата и пазарниот инспекторат низ општината и редовно да се дезинфицираат детските градинки, училиштата и останатите институции во општината.

Гевгелија – Зголемениот број инфицирани од коронавирусот во последните две недели во гевгелиско за епидемиологот Сашо Олумчев од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија е очекуван со оглед на големиот број граѓани кои се вратија од годишни одмори, има собирање на младите по дворовите, се одржуваат забави и концерти.

– Последните денови се поголем е бројот на инфицирани лица од младата популација, а тие го импортираат вирусот на постарите кога се враќаат дома, па се надевам дека симптомите што се јавуваат сега ќе влијаат врз нив да го сменат однесувањето и да ги почитуваат и применуваат заштитните мерки, истакна д-р Олумчев.

Тетово – Претпладнево во периодот од 6 до 10 часот, откриени се седум возила, претежно комбиња и минибуси, кои превезувале патници од Тетово кон Скопје, а кои не ги поседувале потребните документи и пред се лиценци, соопшти СВР Тетово.

-На сопствениците на овие возила ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци согласно Кривичниот законик и член 284 (н.з нелојална конкуренција во работи на надворешно-трговскиот промет), во кои се предвидени ригорозни казни.  Сите мерки се планирани и координирани од Јавен обвинител и со несмален интензитет ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се воспостави поголем ред и безбедност во јавниот превоз на подрачјето и да се спречи нелојалната конкуренција во оваа област, информираат од СВР Тетово.

Гостивар – Формалното функционирање на ЈП Русино-Полог е одложено за најмалку уште еден месец со што организираното управување со отпад во полошкиот регион и натаму е неизвесно. Гостиварскиот совет е последниот од деветте општини кои треба да предложи членови во управниот одбор на новото претпријатие.

Предлог-одлуката за предложување на членови на Управниот одбор на заедничкото јавно претпријатие Русино-Полог, претходно не помина на соодветната комисија со образложение дека треба да се тргне од дневен ред. Ваквото решение дојде по барање од граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух за Гостивар“.

Тетово – Тетовската полиција ја информира јавноста дека ќе спроведува соодветен сообраќаен режим на регионалниот пат Карпалак-Желино поради изведување на реконструкција на делницата. Полициски службеници со употреба и на сигнализација ќе вршат прилагодување на сообраќајот.

-Секторот за внатрешни работи Тетово ги информира граѓаните дека градежните работи ќе се одвиваат секој ден од 8 до 16 часот. За таа цел, зависно од содржината и динамиката на работите што ќе се изведуваат на овој потег, ќе се прилагодува и сообраќајниот режим, за што непосредно ќе бидат ангажирани полициски службеници и ќе се постави соодветна сообраќајна сигнализација. СВР Тетово апелира до возачите на макеисмална внимателност и на целoсно почитување на наредбите на полициските службеници и на сообраќајните знаци, стои во соопштението до јавноста.

Делчево – Во делчевското село Очипала започна уредувањето на надворешниот и внатрешниот дел на манастирот „Св.Јован Крстител“. По првичната сторија за манастирот објавена на МИА пред неколку месеци, како што информира ктиторот Ванчо Симовски се јавиле доста спонзори, со чии средства започна уредувањето на екстериерот и ентериерот во самиот манастир.

-Доста луѓе и фирми се јавија како спонзори кои помогнаа и обезбедија средства и материјал за да може манастирот да се доизгради целосно. Очекуваме целосно да го завршиме најдоцна до следната пролет. Се работи за манастир кој се наоѓа на многу стар локалитет. Познат е по овој камен од кој извира вода, каде многу луѓе се имаат крштевано од него. Во негова близина има секогаш многу убава вода, за очобол, за глава, за здравје поради што може секој да дојде, секој да проба, да види и да чини адет, вели Симовски.
Уредување на  манастирот Симовски им го додели на група од три момчиња кои сакајки и самите да дадат придонес за негова доизградба прифатиле да работат за пола цена.

Скопје – Последната недела од септември е недела посветена на лицата со попречен слух, а Младинското здружение на глуви и наглуви лица во соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија, организираат настан со цел да се подигне јавната совест за оваа категорија на граѓани.

Во Градскиот парк од 21 септември до 27 септември се организираат активности  со цел да се подигне совеста за важноста на знаковниот јазик и неговата употреба во секојдневниот живот.

На 23 септември се одбележува меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Делчево – Во Делчево продолжува имплементацијата на проектот „Подобрување на општинските услуги“ преку кој подобра патна инфратсруктура ќе добијат над 1.100 жители од неколку делчевски населби.
Како дел од овој проект завршени се градежните активности за асфалтирање на улицата „7“ во населбата СРЦ. Со активноста како што информираат од општината за прв пат оваа улица добива асфалт, а населбата добив нов урбан лик.

Дебар – Општина Дебар не доби согласност за организирање настава со физичко присуство на учениците во ниту едно училиште, чиј основач е Советот на општината.

-Во трите општински основни училишта и гимазијата, според одлуката на Владата, наставата ќе се изведува онлајн. Ние како општина побаравме настава со физичко присуство на учениците да се овозможи во основното училиште „Пенестија“ и гимазијата „ 28 ноември“. Планираме седница на Советот на општината од каде ќе доставиме барање одлуката да се преразгледа, изјави за МИА градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

 

Back to top button
Close
Close