МИА Општински пулПакети

МИА Општински пул

17 септември 2020

17 септември 2020

Кавадарци, 17 септември 2020 (МИА) – Со два бастуна се движи низ Кавадарци, 85-годишниот Митре Јаневски е пример за своите сограѓани. Тие што го познаваат, велат дека од него треба да учат помлади кои наместо да се рекреираат и да се движат во природа, прекумерно седат пред компјутери и со паметните телефони, но и постари, кои не знаат што со себе во третата доба и како паметно да се искористи вишокот слободно време во староста.

Го сретнав на излезот од кавадаречкиот градски парк, кој важи за еден од најубавите во државата, кај некогашниот култен ресторан ,,Бриони“, а го фотографирав и како се движи полека накај градот. Ми кажа дека пешачењето му е редовен ритуал на кој му посветува внимание и од кој не се откажува.

Кавадарци, 17 септември 2020 (МИА) – Поради дефект на главен вентил на водоводна линија,  денеска   прекин во водоснабдувањето до 15 часот ќе има во населбата ,,Бел камен” во Кавадарци, известија од кавадаречкото јавно претпријатие ,,Комуналец”.

Оттаму побараа трпение и разбирање од жителите кои живеат во тој дел на градот Кавадарци.

Прилеп, 17 септември 2020 (МИА) – На летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше промовирана книгата „Односите со јавноста, социјалните мрежи и јавното мислење“ од Каролина Мицевска, долгогодишен новинар, а сега повеќе години вработена во Центарот за култура за односи со јавноста. 

Темата „Односите со јавноста, социјалните медиуми и јавното мислење“, многу битна за секојдневното функционирање на општеството, според авторот Мицевска, досега на овој начин ретко третирана, како спој на сите сегменти, побудува постојан интерес.

Струмица, 17 септември 2020 (МИА) – Во населеното место Ангелци, Општина Василево, почна изградбата на нова детска градинка наменета за згрижување на деца од населените места Ангелци, Градашорци, Седларци и Едрениково.

Градинката ќе има капацитет за 55 деца, а изградбата, со комплетно внатрешно опремување со потребниот инвентар, треба да заврши за 16 месеци. Средствата се обезбедени од Владата во висина од околу 15 милиони денари.

Крушево, 17 септември 2020 (МИА) – Во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“ наредниов викенд продолжуваат обуките за членовите на советот на општина Крушево. Обуките ги продолжуваат девет советници во крушевскиот совет и ќе бидат на тема: „Финансиска контрола и ревизија“.

Обуките повторно започна да се спроведуваат минатиот викенд по неколкумесечната пауза поради кризата со коронавирусот.

Тетово, 17 септември 2020 (МИА) – ЕВН Македонија почна со градежни работи во Тетово поради поставување на нов 35 киловолтен кабелски вод од трафостаницата кај хидроцентралата на река Пена се до трафостаницата 35/10кВ Тетово на булеварот Видое Смилевски Бато. Кабелскиот вод поминува низ пешачката зона на Бањиче, се движи кон централното градско подрачје, а вкупната должина е од 3,5 километри.

– Се работи на изградба на нов 35кВ кабелски вод ТС 35/10кВ Тетово-TС 35/10кВ ХЕЦ Пена. ЕВН Македонија е компанија чија главна цел е обезбедување на непречено, стабилно и квалитетно снабдување на корисниците со електрична енергија. Токму затоа, ЕВН во континуитет вложува во модернизација, развој и реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа, соопшти одделот за комуникации при ЕВН Македонија.

Охрид, 17 септември 2020 (МИА) – Во Охрид и на падините на планината Галичица викендов ќе се одржи најдолгата маратонска планинска трка во рамки на второто издание на „Охрид Ултра Трејл“ манифестацијата. Покрај трките „Летница“ на 18 и „Галичица Ултра“ на 66 километри, најподготвените тркачи ќе ја тестираат својата физичка и ментална подготвеност на „Охрид Ултра Трејл“ трката во должина од 107 километри.

Трасите на трите трки се изготвени од страна на Здруженијата „ТРЕКС“ од Скопје и „Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид, по сите безбедносни критериуми според ITRA (International Trail Running Association).

Куманово, 17 септември 2020 (МИА) – Во Куманово на неколку локации се поставени корпи за одлагање на користени, еднократни маски и ракавици, информираа денеска од Секторот за животна средина од Општината. Граѓаните можат да ги користат овие корпи и да го одлагаат ваквиот отпад и да придонесат за заштита на животната средина.

– Од почетокот на ширењето на коронавирусот се создава ваков отпад, маските станаа секојдневие, затоа е потребно соодветно да се одлагаат. Во соработка со граѓански организации поставени се вакви садови за смет пред неколку маркети во Куманово, изјави овластениот инспектор за животна средина, Бобан Бојковски.

Кичево , 17 септември 2020 (МИА) – Во пресрет на новата учебна година започна целосното санирање на покривот на подрачното основното училиште во кичевското село Колари, кое е дел од општинското основно училиште „Реџ Рушит Зајази“ од село Зајас. Покрај покривот, и училишната фасада ќе се обнови целосно со соодветна топлинска изолација според современите стандарди.

Овие денови се работи на целосно санирање на покривот на подрачното училиште во село Колари, како и нова училишната фасада со стандардна модерна топлинска изолација.Ова е инвестиција на општина Кичево која го направи проектот и обезбеди половина од финансиските срества од општинскиот буџет, а другата половина ги обезбеди Дирекцијата за регионален развој на Влада. Овој инфраструктурни проект, кој ќе чини близу еден милион и осумстотини илјади денари, се очекува да биде завршен во рок од два месеца, вели раководителот на секторот за образование во општина Кичево Емин Насуфи.

Неготино, 17 септември 2020 (МИА) – Жена од неготинско село пријавила физички напад од сопругот вчера околу 18 часот во СВР Велес.

– Дваесетгодишна жена пријавила дека во семејниот дом, по претходна расправија била физички нападната од 22-годишниот сопруг. Тој бил лишен од слобода и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок,  појасни портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски.

 

 

Back to top button
Close
Close