Дописници МКДРепортажа

МИА на чекор до идниот граничен премин Пулевац

Пред многу години жители на кавадаречките поткожувски села без проблем оделе на пазар во Солун, преку планината Кожуф. Со години заинтересирани од двете страни на македонско-грчката граница сонуваат и копнеат за отворање нов граничен премин, кој ќе ја подобри комуникацијата на луѓето од двете земји. Поминаа многу политички  изборни циклуси во кои се добиваа гласови токму на ова прашање. Со отворање граничен премин, патната разделеност меѓу Кавадарци и Едеса би се свела на стотина, од сегашните 200 километри, кои сега се патуваат преку Гевгелија и Битола. Откако и официјално беше најавено дека сериозно се работи на овој план од високи претставници на двете држави, а целта е преку проект финансиран со европски пари да се отвори овој премин заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи, МИА реши да појде на терен, на чекор до идниот граничен премин Пулевац.

Кавадарци, 8 декември 2019 (МИА) – Пред многу години жители на кавадаречките поткожувски села без проблем оделе на пазар во Солун, преку планината Кожуф. Со години заинтересирани од двете страни на македонско-грчката граница сонуваат и копнеат за отворање нов граничен премин, кој ќе ја подобри комуникацијата на луѓето од двете земји. Поминаа многу политички  изборни циклуси во кои се добиваа гласови токму на ова прашање. Со отворање граничен премин, патната разделеност меѓу Кавадарци и Едеса би се свела на стотина, од сегашните 200 километри, кои сега се патуваат преку Гевгелија и Битола. Откако и официјално беше најавено дека сериозно се работи на овој план од високи претставници на двете држави, а целта е преку проект финансиран со европски пари да се отвори овој премин заради поголема комуникација и соработка меѓу населението од двете земји, како и поголема размена на туристи, МИА реши да појде на терен, на чекор до идниот граничен премин Пулевац.

Отровниот рид

Со група планинари од планинарското спортско друштво „Орле“ тргнавме со комбе од Кавадарци, возевме по асфалт преку висорамнината Витачево и месноста Мушов Гроб. На четириесетина километри, пред селото Мрежичко, мал дел од патот беше изгребан со цел да се обнови. Во селото, кое има едвај неколку жители според лична карта кои не живеат постојано таму, има две фабрики, за вода и за пиво. Во планинарскиот дом се напивме кафе и сркнавме прекрасно приготвена супа од страна на планинарскиот брачен пар Темкови, кои од претходната ноќ беа дојдени таму, за да уживаат во селската идила.

Продолживме уште десетина километри кон селото Мајден, во чиј атар се светски познатиот рудник Алшар и отровниот рид богат со арсен на кој не расте ни трева, а животните умираат ако се обидат таму да бараат храна, копајќи во земјата. По пат ги слушавме раскажувањата за растението вреж, со чие стебло своевремено биле спроведувани воспитни мерки од родители кон деца, за прекрасниот кањон и вир на реката Блашница, која се влева во Тиквешко Езеро, бучалото што го добило името по бучавата што ја прави реката итајќи надолу, видот даб од кој се прават најубавите палки со кои се свири на тапани, од кој примерок бил побаран дури и од далечната Австралија.

– Се наоѓаме во тиквешко Мариово. Селото Рожден е многу познато по Доста Рожденката од романот на Стале Попов. Но, овој крај, како впрочем и целата Тиквешија, располага со бројни убавини што заслужуваат да бидат видени, ми рече претседателот на друштвото Никола Минчоров.

На стартот од уште една прекрасна авантура, планинарот Благој Лазов со многу жар ја изрецитира сопствената кратка песничка „Како се станува планинар“. Планинар се станува вака, да имаш малце мака, никуј да не те сака, леви чевли да ти се пар, ете така се станува планинар. Доби громогласен аплауз. Додека се движевме нагоре, забележавме монтажен објект во кој човек слободно може да се засолни во случај на невреме, а на едно од дрвјата видовме закачено лимено ќумбе, па слушнавме дека најверојатно одвреме-навреме ги користат шумски работници. Колаж од есенски бои мамеше воздишки. Да не знаеш која од која е поубава. Дали жолтата, зелената, златната, бојата на виното и која ли уште не.

Радувај се на угорница, доаѓа удолница

Пешачевме околу два и пол часа новинарско одење по шумски пат, од околу 700 до над илјада метри надморска височина, за да стигнеме до местото во чија непосредна близина во иднина треба да никне новиот граничен премин. Вечерта беше наврнал дожд, така што наидовме на калишта и виришта, но ништо не нè спречи да стигнеме до целта. За оние кои доаѓаа првпат во овој крај од тиквешко Мариово, ветераните не пропуштија да ја раскажат и анегдотата во чиј фокус е авторот на оваа репортажа, поврзана со Мајденска Река, која, иако не е голема, може и да направи големи проблеми во одредени ситуации. Па така, кога планинаревме наоколу пред неколку години, а кога требаше да се преминува реката од камен на камен, еден од планинарите ми подаде рака, демек да ми помогне, но двајцата се најдовме во водата, тој на едната, јас на другата страна од камењата. Мокри до кожа. Одејќи натаму, сега бев цврсто решена да ги собујам чевлите и чорапите, па да ја преминам реката боса, па макар и ги замотала нозете во најлони за да ги заштитам од премрзнување, за да не ми се случи повторно да завршам топтан во студената планинска вода. За моја голема среќа, некој таму направил прекрасен дрвен мост, па така куртулив од ризикот повторно да се најдам во реката. Во такви услови нормално беше да се разврзе и темата околу тоа кој какви планинарски чевли или чизми носи, кои се најводоотпорни и најкомотни и слично. Така едни на други си раскажуваа за „цаката“ што ја практикуваат и со која дополнително ги прават своите обувки да бидат поотпорни на вода. Со посебна маст ги мачкаат неколку часа пред планинарење, за да одолеат на дождот и снегот по планините. На оние кои не беа типични тиквешани требаше да им се преведе тоа шлакатарник, фиросани, дека всушност значи оти лом се направивме од кал.

– При вакви и слични акции најважно е да се чекори со одредено темпо, да не се оди ни премногу брзо ни ептен бавно. На сите оние кои се жалат кога мора да одат угоре, им велиме дека Итар Пејо се радувал на секоја угорница, оти знаел дека потоа доаѓа удолница, коментираа искусните планинари, кои со вицови ги опуштаа оние кои беа дошле првпат, за да им покажат колку е убаво дружењето, за пак да дојдат.

Со едната нога во Европа

Два паралелни патишта, еден до друг, на македонско-грчката граница над селото Мајден. Едниот македонски, левиот, другиот грчки, десниот. Ете тоа го затекнавме на местото на кое таму некаде во близина треба да биде идниот граничен премин Пулевац. Го фотографиравме местото. Тука повторно го фотографиравме веселото планинарско друштво. Дел од нив во нашата држава, дел во соседната. За миг бев застаната со едната нога дома, со другата отаде границата. Секогаш расположени за духовити коментари, моите пријатели дофрлија дека, ете, поголемиот дел од екипата сака да е таму десно, во Европската Унија, отколку да чека во ходникот, лево, за да влезе во неа.

– Има луѓе кои потекнуваат од блиските села од двете земји, планинари, ловџии, кои ги одржуваат пријателствата низ годините. Се среќаваат еве овде, разменуваат искуства. Знаат да ја поделат последната голтка, радоста, тагата, едни раскажуваа, други внимателно слушаа.

 

Се разочаравме кога видовме во каква жална состојба е некогашната воена караула на војската на поранешна Југославија. Распаѓањето континуирано трае сите овие години. Објектот е повеќе од запуштен, се украло сè што можело да се украде, па некој ги извадил дури и каблите од неколкуте простории, кои сега зјаат празни и урнисани, а пропаѓа и покривот. Помеѓу купиштата ѓубре забележавме пар стари чевли, можеби од некој залутан мигрант, бидејќи во минатото овде на диво поминуваа голем број мигранти, главно Романци. Дел од стаклата од влезната врата и прозорците се украдени или испокршени. Само храбрите растенија што растат во ѕидовите како троскот, кој ништо не може да го уништи, даваат верба  дека објектот сепак има надеж да се спаси и дека ќе му одолее на забот на времето. За еден од отворените прозорци, шеговито се коментираше дека е тоа прозорецот што гледа во Европската Унија.

Да се најде мајстор што ќе успее да запали оган кога секоја хартија фрлена наоколу од некој пред нас беше влажна од дождот, а не беа суви ниту гранчињата дрвца што природата ги расфрлала наоколу, па дури ни тие во караулата, беше многу тешко. Многумина се обидоа да го сторат тоа, некои веднаш кренаа раце, а некои навистина се помачија. Огнот ни ја разубави атмосферата, но ни ја стопли и душата. За оние кои дома се греат на струја, пламените јазици беа вистинско задоволство од кое не сакаа да се откажат. Но, мораше да се тргне, зашто е есен и денот е мал, за да не нè фати ноќта по пат и да не мораме да чекориме низ дивината со ламби.

– Да поуживаме уште малку во оваа убавина, да го почувствуваме уште малку мирисот на Медитеранот, тој чудесен мирис што опива, беа само некои од коментарите.

Дождовните капки имаат поинаков вкус на планина

Сè уште седевме на прекрасната тераса од караулата со извонреден поглед во шумата и јадевме, па дегустиравме квалитетни домашна тиквешка ж’та и вино, кога почна да врне. Ги наметнавме кабаниците, некои извадија чадори, па тргнавме. Беше полесно, затоа што се движевме главно право и по удолници. Го снимав шепотот на дождот, дождовните капки навистина имаат поинаков вкус во планина. А мирисот, да не можеш да му се изнарадуваш. Едноставно, да посакаш да останеш таму засекогаш, за да бидеш сведок на љубовниот танц на гранките, лисјата, капките дожд, сонцето и ветерот, облаците, кои како да се на дофат на рацете. Сите сетила уживаат во таа неповторлива мелодија на природата. Два часа се спуштавме. Испешачивме вкупно четири и пол часа. Замор не почувствувавме. Имаше само мали пријателски натегања меѓу оние првите и оние последните, меѓу кои како по некое непишано правило сум и јас, околу темпото на движење. Секогаш сум застапник на тоа дека максимално треба да се ужива во планина и да се оди колку што е можно побавно, за да може да се види, да се слушне, да се фотографира, да се доживее. Па и да се викне громогласно, онака од душа, за да излезе од градите сиот оној немир што се таложел од претходното планинарење наваму, а е резултат на стресносто секојдневие и животни проблеми. И додека едни користат планинарски стапчиња додека се движат, тврдејќи дека тоа им го олеснува движењето за десет – дваесет отсто, или значи една нога плус, јас и неколкумина други претпочитаме да одиме и да си ги манкаме рацете, во ритамот на чекорите со кои се движиме. За нас, стапчињата се дополнително оптоварување. Оние кои снемаа вода во ранците слободно си полнеа во шишињата од двете реки, Мајденска и Јаворска, затоа што водата беше бистра и студена, чиста како солза, бидејќи таму одамна никој не беше поминал.

Љубителите на лековити шумски плодови, тревки и растенија не пропуштија да си понесат по нешто за дома. Го овековечив и дождовникот, кој ми се чинеше како да позира пред мојата фотокамера, можеби радувајќи се што, ете, дошле гости во таа пустелија. Добри гости кои нема едноставно да земат камен и да го удираат, туку такви кои му се радуваат, го гледаат оддалеку и му се восхитуваат, со ништо не нарушувајќи го тој спокој таму во дивината. Бидејќи ние му бевме неканети гости, кои дошле на негов терен. А за вистинските љубители на природата како мене, секое дрво, секој лист, секое вирче, секој звук, сето тоа претставува уметност. Треба само човек да знае да ужива во малите нешта и да му се радува на тоа своевидно царство на земјата. Вистински рај за душата. На враќање ја измивме калта од чевлите, за да не ни се смеат во градот ако одиме така калосани. А спомените за еден убав ден на чекор до идниот граничен премин остануваат врежани во нашите сеќавања како неповторливо доживување. Нив ништо не може да ги измие, нив ништо не може да ги избрише.

Светлана Дарудова

Back to top button
Close
Close