МИА ФлешПакети

МИА Флеш

24 јуни 2021

Скопје, 24 јуни 2021 (МИА) – Министерот за правда Бојан Маричиќ и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска имаа средба на која разговараа за законодавната агенда на Министерството за правда со акцент на разговорите за измените на Изборниот законик, соопшти Министерството за правда.
Министерот Маричиќ истакнал дека е задоволен од конструктивноста на разговорите за измена на Изборниот законик и посочил дека е постигната начелна согласност за исполнување на препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

Тетово, 24 јуни 2021 (МИА) – Во тетовско Теарце беше промовирана мобилна библиотека, дел од проектот Регионална мрежа за културна разновидност (РЕАД), која ќе патува низ нашата и други држави за да промовира повеќе вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање особено кај младите, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.

Проектот го спроведува Гете-институт Скопје заедно со партнерските организации Центар за балканска соработка – „Лоја“ од Тетово, како и организации од Албанија, Косово, Србија и Турција.

Скопје, 24 јуни 2021 (МИА) – Новиот роман „Брезите што шумеа крај Темза“ од Катерина Серафимовска е промовиран на терасата на книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

–  Процесот на издавање на оваа книга се одвиваше со една убава динамика, во беспрекорна хармонија и моето искуство е навистина мошне пријатно, рече Катерина Серафимовска.

Скопје, 24 јуни 2021 (МИА) – Во последните 24 часа од направени 2.302 тестирања, регистрирани се десет нови случаи на Ковид-19, три лица починаа, а 17 се оздравени, Министерството за здравство информира, согласно податоците од Институтот за јавно здравје.

Новите случаи на Ковид-19 се регистрирани во Скопје и Куманово – по два и во Тетово, Велес, Кавадарци, Охрид, Свети Николе и Крива Паланка – по еден.

Скопје, 24 јуни 2021 (МИА) – Кога се претставува државата, а фудбалската репрзентација ја претставува државата, тогаш се употребува на Северна Македонија, додека македонско, македонска, Македонец, сите делови на придавката, нашиот идентитет, македонскиот јазик се употребуваат во сите други форми на дискусија, општење и соопшутување на нашите ставови, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

На прашање од пратеничката Ане Лашкоска, од ВМРО-ДПМНЕ, за извинувањето дека направил грешка што напишал „македонска фудбалска репрезентација“, Заев посочи дека коректно е и политички, човек да се корегира кога нешто е спротивно на Преспанскиот договор.

Брисел, 24 јуни 2021 (МИА) – Советот на Европската унија денеска донесе одлука за воведување економски санкции против Белорусија, што ќе влијаат врз нафтениот сектор, како и на производството на калиум хлорид, пренесуваат агенциите.

„Советот на ЕУ денеска воведе нови рестриктивни мерки против белорускиот режим како одговор на сериозните повреди на човековите права“, се наведува во соопштението.

Париз, 24 јуни 2021 (МИА) – Францускиот премиер Жан Кастекс ги повика Французите да се вакцинираат против коронавирусот, истакнувајќи дека се помалку луѓе се пријавуваат за вакцинација во летниот период.

Ние вакцинираме 200.000 луѓе на ден со првата доза, рече Кастекс за време на посетата на југозападна Франција, каде што 70 проценти од сите нови случаи се заразени со новата варијанта на вирусот – Делта.

Будимпешта, 24 јуни 2021 (МИА) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан го бранеше денеска законот со кој се забранува промовирање на хомосексуалноста и промена на полот во училиштата, тврдејќи за себе си дека е борец за правата на ЛГБТ лицата.

– Јас сум борец за нивните права. Бев борец за слобода во комунистичкиот режим. Хомосексуалноста беше казнувана и се борев за нивна слобода и нивните права. Затоа, јас ги бранам правата на хомосексуалците, но законот не е за тоа, изјави Орбан пред новинарите по доаѓањето на самитот на европските лидери.

Брисел, 24 јуни 2021 (МИА)Дијалогот со Русија е неопходен за стабилноста на Европа, но тој мора да биде „напорен“ за да не „отстапиме од нашите вредности“, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.
„Станува збор за тежок дијалог затоа што не отстапуваме од нашите вредности, ниту од нашите интереси“, рече Макрон по пристигнувањето на самитот на Европската унија во Брисел.
Лидерите на Европската унија вечерва на самитот ќе разговараат за односите со Русија и форматот на дијалогот што треба да се води со рускиот претседател Владимир Путин.
Минск, 24 јуни 2021 (МИА) – Во белорускиот град  Гомел денеска почна судењето на Сергеј Тихановски, затворениот сопруг на белоруската опозициска лидерка, Светлана Тихановскаја, кој и самиот сакаше да се кандидира на претседателските избори, јавои ДПА.

Тихановскаја на нејзиниот канал на мрежата Телеграм го искоментира почетокот на судењето, по повеќе од една година откако нејзиниот сопруг беше уапсен во источниот град Гомел. „Тој е обвинет за организирање масовни немири“, меѓудругото напиша Тихановскаја, која се наоѓа во егзил во Литванија.

Тунис, 24 јуни 2021 (МИА) – Туниската крајбрежна стража спаси 267 мигранти од давење откако им се расипал бродот на пат кон Европа, изјави денеска локален хуманитарен претставник, пренесе ДПА.

Спасувањето на мигрантите, главно од Бангладеш, било изведено крај крајбрежниот град Бен Гуердане, изјави за ДПА, Мунџи Салим, шеф на Црвената полумесечина во јужната туниска провинција Меденини.

Вашингтон, 24 јуни 20201 (МИА) –Индија Волтон може да стане првиот градононачалник-социјалист на голем американски град за повеќе од 60 години.  Кандидатката синоќа победи на прелиминарните избори за демократски градоначалник на Бафало, сојузна држава Њујорк. Таа извојува победа над актуелниот градоначалник кој ја вршел функцијата четврти мандат. 

Според некои американски медиуми, Волтон добила 52 отсто од гласовите, додека актуелниот градоначалник Бајрон Браун добил 45 отсто. 

Мадрид, 24 јуни 2021 (МИА) – На гледачите ќе им биде дозволено да присуствуваат на натпреварите од шпанската Ла Лига следната сезона. Шпанската влада објави дека навивачите ќе можат да ги посетуваат стадионите од почетокот на новата сезона на шампионатот.

Во моментов не е прецизирано дали на клубовите ќе им биде дозволено целосно или делумно да ги полнат стадионите.

 

Back to top button
Close
Close