МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 јуни 2021

Брисел, 22 јуни 2021 (МИА) – Денеска се одржува Советот за општи работи на ЕУ на кој министрите за европски прашања на земјите членки на Унијата треба да донесат одлука за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија, но сигналите од Софија не даваат голем простор за надеж, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Португалија, која претседава со денешниот состанок, не се откажува од позитивна одлука, според нивните дипломати во Брисел. Дипломатските контакти на релација Лисабон – Софија се интензивираа во последните недели, а Португалија поднесе и конкретен предлог до двете страни, кој треба да служи како компромисно решение за Бугарија да ја крене својата блокада.

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) – Министерката за надворешни работи на Шведска и актуелен претседавач со ОБСЕ Ан Линде, која престојува во посета на С Македонија, денеска во Скопје ќе има средби со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Во фокусот на средбите, како што соопшти МНР, ќе бидат приоритетите на Шведското претседателство со ОБСЕ, очекувањата и тенденциите во следниот период, предизвиците на Организацијата, кои ќе ги оформат и приоритетите на претседавањето на С Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) – Владата денеска на седница треба да ги разгледа и да одлучи за двете законски решенија кои се однесуваат на најавеното намалување на ДДВ на електричната енергија и воведувањето еколошка такса на горивата. Министерот за финансии Фатмир Бесими вчера изјави дека Владата ќе оди со предлогот мерките да важат од 1 јули и со очекување дека дотогаш Собранието ќе успее да ги изгласа.

-Владата треба да ги разгледа и да одлучи во однос на двете мерки. Имаме предлог за законот за ДДВ за намалување во транзиторен период, односно да се помогне на домаќинствата кога се прави либерализација на пазарот на електрична енергија. Домаќинствата ќе добијат олеснување во однос на цената на електричаната енергија преку намалување на делот на ДДВ, што е конректна мерка која директно влијае врз буџетот на домаќинствата, рече вчера министерот Бесими одговорајќи на новинарско прашање по потпишување на договорот со ЕИБ за креидтна линија од 100 милиони евра.

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) – Романот „Азбука за непослушните“ од Венко Андоновски, во превод на македонистот Борислав Павловски е објавен неодамна во издание на ТИМ-прес од Загреб.

По „Вештица“ и „Папокот на светот“ ова е трет роман на Андоновски во Хрватска. Андоновски е и кроатист кој често пишува критички осврти и поговори за хрватските писатели. Затоа, „Вечерњи лист“ објави големо интервју со Андоновски, не само за романот, туку и за политичката ситуација на Балканот.

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) – Министерството за внатрешни работи уште еднаш ги информира граѓаните дека поради миграција во нов систем од утре, 23 јуни од 21 часот до недела, 27 јуни до 21 часот нема да биде во функција системот за прием и издавање лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола).

-Се известуваат граѓаните кои имаат закажано термин за аплицирање за личен документ во итна постапка во деновите 23, 24 и 25 јуни 2021 година, да дојдат во просториите на Министерството каде што имаат закажан термин за личен документ на 22.06.2021 година во текот на целиот работен ден или на 23. 06.2021 година до 12 часот, наведува МВР.

Скопје, 22 јуни 2021 (МИА) – На патниот правец А2 Кичево – Охрид, на делницата Пресека – село Врбјани, сообраќајот ќе биде во прекин 15 – 20 минути меѓу 12:00 и 15:00 часот.

Како што соопшти ЈП „Македонија пат“, причина за прекинот е изведување градежни работи (минирање).

Софија, 22 јуни 2021 (МИА) – Минимална разлика има помеѓу бугарските партии ГЕРБ-СДС и „Има таков народ“ покажуваат податоци од анкета на „Тренд“ нарачана од „24 часа“, направена помеѓу 11 и 18 јуни врз 1003 лица постари од 18 години.

Според податоците, 6 + 1 формации ќе бидат вклучени во следното Национално собрание.

Лондон, 22 јуни 2021 (МИА) – Европската унија се подготвува да реагира против непропорционалното количество британска телевизиска и филмска содржина прикажана во Европа по брегзит.

Велика Британија е најголем производител на филмски и ТВ програми во Европа, вреден 1,4 милијарди фунти од продажба на меѓународни права, но нејзината внатрешна доминација е опишана како закана за европската културна разновидност во документ на ЕУ, до кој дојде британскиот дневен весник „Гардијан“.

Манила, 22 јуни 2021 (МИА) – Филипинскиот претседател Родриго Дутерте им се закани со затворска казна за граѓаните кои одбиваат да се вакцинираат против Ковид-19 додека неговата земја води голема битка со коронавирусот и има над 1,3 милиони заразени и над 23.000 смртни случаи.

– Вие одлучувате, или ќе се вакцинирате или одите во затвор, им рече претседателот Дутерте на граѓаните во телевизиско обраќање по извештајот за низок одговор на вакцинациите во главниот град Манила.

Бразилија, 22 јуни 2021 (МИА) – Капитенот на Аргентина, Лионел Меси го изедначи рекордот на Хавиер Маскерано по бројот на натпревари во националниот тим.

Меси се најде во почетната постава за натпреварот од Купот на Америка против Парагвај одигран ноќеска во Бразилија. Ова беше 147. натпревар во репрезентацијата на Меси.

Глазгов, 22 јуни 2021 (МИА) – Хрватскиот играч за врска Иван Перишиќ раскажа што очекува од натпреварот од последното коло во групната фаза на ЕВРО 2020 со Шкотска.

– Се надеваме дека ќе видиме друг хрватски тим. Шкотска ќе биде многу мотивирана, очекувам добар натпревар, се надевам дека ќе оствариме победа и ќе продолжиме понатаму, изјави Перишиќ за официјалната веб-страница на УЕФА.

Лос Анџелес, 22 јуни 2021 (МИА) – Американскиот глумец Џорџ Клуни започна едукативна програма во Лос Анџелес, со цел помош на средношколците кои се во неповолна положба за професија во филмската индустрија.

Програмата ја спонзорираат Клуни, Ева Лонгорија и Дон Чидл, а таа ќе започне есента 2022 година. Првично ќе биидат опфатени ученици на возраст од 14 до 16 години кои посетуваат средно училиште во Лос Анџелес.

Сиднеј, 22 јуни 2021 (МИА) – Австралиските власти почнаа со евакуација на неколку стотици осуденици од затвор во сојузната држава Нов Јужен Велс, поради наезда на глувци. Како што соопштија денеска тамошните власти, затворениците ќе бидат префрлени на друго место додека не се санира штетата предизвикана од глодарите.

„Здравјето, безбедноста и благосостојбата на вработените и притворените лица се наш врвен приоритет. Затоа е важно да се дејствува што е можно побрзо за да се отстрани ова”, соопштија надлжните.

Back to top button
Close
Close