13 мај 2020

Рим, 13 мај 2020 (МИА) – Пандемијата на Ковид-19 влијае на сите аспекти од животот, па карантинот во Италија го зголеми и бројот на оние што чекаат за развод до толкава мера што не можат да се решат со редовна постапка пред судија, па некои судови се одлучија на развод преку интернет.

Судовите се преполни со барања за развод, па некои италијански градови, Торино, Верчели, Верона, Монца, одлучија да донесат пресуда за развод и да ја испратат до заинтересираните страни по електронска пошта. И така, барем за сега, во вонредна ситуација, озаконет е и развод „онлајн“.

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Институтот за јавно здравје денеска регистрира 24 оздравени пациенти и тоа во: Скопје-12, Прилеп-7, Тетово-3, Кавадарци-1, Пехчево-1. Починати се три лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина пациентка од Прилеп на 59 години, хоспитализирана на 7 мај. Во Општата болница во Велес почина пациент од Велес на 76 години, хоспитализиран на 6 мај, а пациентка од Тетово на возраст од 68 години почина на пат кон Инфективната клиника во Скопје, упатена од Клиничката болница во Тетово, соопшти Министерството за здравство.

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Министерството за здравство соопшти дека денеска почна таргетираниот скрининг на одредени критични категории на пациенти за Ковид-19.

-Од денеска почнува скринингот на одредени критични категории. Почнуваме со вработените во градинките, со цел паралелно на овој процес со кој се прави изготвување на протоколот за работа на градинките, тие да се ставаат во функција. Сметаме дека е ова најдобриот пристап, затоа што и на тие несвесни носители на вирусот ќе бидеме во можност контактите да ги ставиме во изолација. Затоа и го нарековме таргетиран скрининг, рече министерот Филипче.

Белград, 13 мај 2020 (МИА) – Србија целосно ќе ги отвори границите од 1 јуни, но само со четири соседни земји, со Северна Македонија, Албанија, БиХ и Црна Гора. Оваа одлука е донесена затоа што ниту една од овие земји не била жариште на коронавирусот, изјави епидемиологот и член на српскиот владин кризен штаб, д-р Предраг Кон.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Кон за ТВ Пинк ја презентираше потребната документација и процедура за туристите и сите оние кои сакаат да влезат во Србија.

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – По релативно солидниот раст на економијата во 2019 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на оваа година упатуваат на продолжување на растот, но со забавено темпо, соопшти денеска Народната банка.

И покрај поволните движења во првите два месеца од годината, укажува централната банка, првите ефекти од корона-кризата се забележуваат во март, а се видливи преку падот на активноста во индустријата и трговијата. Во градежништвото, и во текот на вториот месец од годината е регистриран висок раст на активноста.

Њујорк, 13 мај 2020 (МИА) – Гувернерот на Њујорк Ендру Куоми изјави дека се истражуваат околу сто случаи на синдром кој ги погаѓа крвните садови и органите и има симптоми слични на Кавасаки болест и токсичен шок. Таков инфламаторен синдром, поврзан со коронавирусот, е отриен кај стотина деца во американската сојузна држава Њујорк, од кои три починаа.

Куомо побара сите болници при тестирањето на Ковид-19 да дадат предност на децата кои покажуваат такви симптоми.

Скопје, 13 мај 2020 (МИА) – Подружницата на српската компанија „Свислион Таково“ во земјава, „ПИ Свислион“ ДОО Скопје најави дека планира да достави понуда за откуп на преостанатите 8.364 акции на „Агроплод“ од Ресен што не се во нејзина сопственост.

Како што јави СЕЕ Њуз, „Свислион“ планира да понуди по 13.530 денари за акција на „Агроплод“.

Компанијата информира дека конечната понуда за откуп на акциите ќе ја достави откако ќе ги добие потребните одобренија од Комисијата за хартии од вредност.

Back to top button
Close
Close