МИА ФлешПакети

МИА Флеш

17 јуни 2021

Софија, 17 јуни 2021 (МИА) – Премиерот на Бугарија Стефан Јанев за време на заедничката прес-конференција со неговиот македонски колега Зоран Заев рече дека како соседи и братски народи ни треба постојана комуникација и размена на мислења.

-Во рамките на овие разговори, нема да бидете изненадени што главна точка за која зборувавме е европската перспектива на Република Северна Македонија, рече Јанев.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Човечкиот капитал е во директна корелација со економскиот раст, односно преку раст на знаењата и вештините на граѓаните може да се делува кон забрзување на растот. Оттаму, еден од приоритетите во плановите и проекциите за заздравување и забрзан раст се инвестициите во човечкиот капитал, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на вебинарот организиран од Економскиот факултет на тема „Предизвици за високото образование од областа на економијата во периодот на пост-Ковид-19“.

Министерот, соопшти Министерството за финансии, посочи дека еден од столбовите на Стратегијата за заздравување и забрзување на економскиот раст е вложувањето во човечкиот капитал, односно развој на човечките ресурси (образование, наука и здравство), поголема активност на работоспособното население и социјална заштита, во чии рамки се предвидени различни мерки и активности. Тој истакна дека изминатите неколку години се настојува да се издвојуваат повеќе средства во буџетот за областите образование, здравство и социјална заштита, што резултирало нивно повеќекратно зголемување.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Градското кино „Милениум“ денеска почнува повторно да прикажува филмови за пубиката.

На репертоарот се новиот дел од филмската сага „Брзи и бесни“, „Денови на гнев“ од Гај Ричи, драмата „Шарлатан“, современата верзија на класичниот роман на Чарлс Дикенс – „Твист“ и шведскиот анимиран филм „Безопашестиот Пеле“.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со бугарскиот колега Стефан Јанев по нивната средба во Софија уште еднаш повтори дека проблемот меѓу двете земји е билатерален и дека така треба да се реши.

-Разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели секаде во светот, но проблемот е билатерален и решението треба да го најдеме овде, билатерално, ние, двете страни. Ако сме одговорни политичари тоа е наша обврска – да работиме на изнаоѓање решение, рече Заев.

Софија, 17 јуни 2021 (МИА) – На почетокот на кампањата за изборите во Бугарија, резултатот  изгледа се повеќе непредвидлив, се вели во анкетата на Галуп направена за Бугарското национално радио.

Анкетата беше спроведена од Галуп Интернешнл Балкан во перидот 3-11 јуни.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска, повикувајќи се на писмо од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати, соопшти дека овие две меѓународни синдикални организации се загрижени за нефункционирањето на социјалниот дијалог во земјава.

– Од Светската и Европската конфедерација на синдикати многупати е упатено прашањето до премиерот, што се случува со социјалниот дијалог во Македонија, што се случува со КСС и зошто синдикалните лидери од КСС добиваат откази, но одговорот на премиерот е дека не е запознаен со ситуацијата. КСС има доставено низа барања за средби, имаме одржано низа протести и настани, со кои ги искажуваме нашите негодувања и со кои бараме таквите притисоци да престанат, рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Пандемијата само ги интензивираше и ги исфрли на површина проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, нивните родители и лицата што се грижат за нив а дека државата сѐ уште заостанува во исполнување на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, е заклучокот од денешната презентација на анализата посветена на ефектите, кои пандемијата ги имаше врз лицата со попреченост во земјата спроведена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) –  Дирекцијата за култура и уметност на Скопје на денешната прес-конференција ја презентираше програмата за четириесет и второто издание на фестивалот Скопско Лето, што секоја година традиционално се одржува од 21 јуни до 31 јули.

-Нашата држава располага со голем број квалитетни и талентирани автори и уметници. Затоа и оваа година најголемиот дел од програмата е посветен токму на домашните изведувачи, но ја отвораме и портата за меѓународна соработка. Оваа година во програмата имаме гости од регионот,  односно Србија, Хрватска и Црна Гора. Исто така имаме гости од Австрија, Германија, Канада, изјави директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, Никола Георгиев.

Скопје, 17 јуни 2021 (МИА) – Судијката Александра Ристовска, која го води судењето за предметот „Тортура” денеска не ја објави најавената пресудата за овој случај со образложение дека на судот не му било јасно кои дејствија ги презеле обвинетите. Од оваа причина рочиштето го закажа за 8 јули, кога обвинителството ќе треба да достави дополнителни докази.

Случајот за овој предмет го водеше судијката Александра Ристовска, а обвинението го застапуваше јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Бостон, 17 јуни 2021 (МИА) – Познатиот кошаркар на Бостон селтикс, Пол Пирс именуваше двајца играчи кои недостасуваат во идеалните петорки за НБА сезоната 2020/21.

Поранешниот експерт за „ЕСПН“ зборуваше и за промените што треба да се направат во процесот на составување на идеалните тимови.

– Немам ништо против момците кои влегоа во идеалните петорки оваа сезона, но кога во нив не ги гледам Џејсон Тејтум и Донован Мичел, тоа значи дека е време да смениме нешто. Престанете да бидете врзани за позициите при составувањето. Врвните играчи треба да бидат во симболичната петорка, без оглед на позицијата, напиша Пирс на Твитер.

 

Back to top button
Close
Close