МИА ФлешПакети

МИА Флеш

16 јуни 2021

16 јуни 2021

Скопје – Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателот на Владата, Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе оствари работна посета на Софија.

Целта на посетата, како што информираат од владината прес-служба, е интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и за деблокада на европската интеграција на Северна Македонија.

Скопје – Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека во пакет ќе се решаваат прашањата за зголемувањето на платите на судиите и судските службеници.

Во гостувањето на Утрински брифинг, Маричиќ изјави дека секогаш инсистира во договарањето за покачување на платите на судиите и обвинителите, тоа да важи и за нивните службеници и дека ова прашање системски ќе се решава.

Скопје – Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на маргините на Глобалниот безбедносен форум „ГЛОБСЕК 2021“ во Братислава, денеска имаше средба со министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар, при што доби уверување дека Западниот Балкан ќе биде многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ.

Министерството за надворешни работи соопшти дека од Логар е потенцирано дека клучното прашање на неформалните и највисоките можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, со што прашањето за земјите од Западен Балкан ќе биде на врвот на дневниот ред во ЕУ.

Скопје – Копретседателот на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески заедно со европскиот комесар за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји денеска ќе учествува на форумот на кој официјално ќе се конституира „Бизнис платформата ЗБ6-ЕУ“, кој ги обединува претставниците на бизнис заедницата од регионот и Европската комисија.

„Платформата ЗБ6-ЕУ“ ја сочинуваат членовите на Бизнис советот на Коморскиот инвестициски форум, советодавно тело на КИФ кое го сочинуваат 16 водечки компании од регионот, членовите на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум, како и претставници од ЕУ, со кои на редовна основа ќе се дискутира за предизвиците и можностите за бизнис-заедницата од регионот и ќе се овозможи олеснување на дијалогот меѓу европските институции и бизнисите од регионот, во насока на креирање повеќе можности за трговија, инвестиции и други форми на деловна соработка.

Скопје – Јавниот повик за глобалната програма „Accelerate2030“ за македонски стартапи ќе биде отворен до 20- ти јуни. Целта на глобална програма е поддршка на претприемачи од земји во развој кои креираат решенија поврзани со остварување на Целите за одржлив развој. Оваа програма обединува импакт стартапи, корпорации, агенции на Обединетите Нации, финансиски институции, меѓународни развојни организации и други партнери за да се поврземе и да соработуваме за скалирање на најдобрите иновации низ целиот свет.

Како што информираат од тимот оваа година за прв пат македонските претприемачи кои преку своето работење креираат импакт во заедницата, решавајќи важни социјални, еколошки или други предизвици поврзани со Целите на одржливиот развој на Обединетите нации, имаат можност да бидат дел од Accelerate2030!

Скопје –  Падот на БДП во првиот квартал беше очекуван во услови на трет бран на Ковид 19, а податоците за вториот квартал упатуваат на позитивни сигнали, оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика и на која е одлучено да се задржи каматната стапка на благајничките записи на ниво од 1,25 отсто.

Во соопштението од Народната банка наведуваат дека на седницата, одржана вчера, беше одлучено основната каматна стапка да остане непроменета, на нивото од 1,25 отсто, со што монетарната политика и натаму има релаксиран карактер.

Скопје – Состојбата во градинките поврзана со пандемијата предизвикана од коронавирусот е стабилна. Изминатиот период е забележан само еден нов позитивен случај од вработените, а позитивни деца згрижени во градинките нема, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Јахода Шахпаска. Согласно ова таа најави дека доколку епидемиолошката состојба и натаму е стабилна може да се размислува за зголемување на капацитетот на градинките, односно укинување на протоколите.

-Претпазливо одиме во целиот овој процес бидејќи се работи за најмладите и ќе правиме проценка кога би можеле да ги отвориме групите комплетно како во претходниот период. Она за кое имаше измена во протоколите е за време на годишните одмори да можат да се спојуваат децата од 2 до 6 години во иста група за да можат вработените да ги користат одморите, рече министерката Шахпаска по отворањето на нова детска градинка во Шуто Оризари.

Скопје – Екипите на Град Скопје почнаа со асфалтирање на булеварот Никола Карев, кој се проширува и реконструира на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток, информираат од прес службата на Град Скопје.

– Деновиве се поставува носечкиот слој асфалт на проширениот дел од овој нов булевар, а асфалтирањето ќе продолжи и во наредниот период. На терен се работи на траса долга околу еден километар, постојниот коловоз се проширува на 4 сообраќајни ленти, се прави простор за разделно зеленило и се оформуваат мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни, соопштија од Град Скопје.

Скопје – Министерството за внатрешни работи информира дека пасошите на граѓаните, чија важност истекува по 31 јули 2020 година, ќе продолжат да важат до 31 декември 2021 година.

– Согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/2021 на 03.06.2021 кој стапи на сила на 11.06.2021, а ќе отпочне со примена од  01.07.2021, важноста на пасошот, дипломатскиот пасош и службениот пасош, чиј рок на важење е истечен, односно истекува по 31 јули 2020 година, се продолжува до 31 декември 2021 година, се наведува во соопштението на МВР.

Атина – Навистина сме многу горди за Договорот од Преспа. Многу сме горди бидејќи сметаме дека два балкански народа покажаа дека може да постои начин на соработка и начин за мир, нешто што не е воопшто лесно во конкретниот регион, рече портпаролот на СИРИЗА Насос Илиопулос за време на брифингот со странските дописници во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

По повод реакциите од Грција за фудбалската репрезентација, одговарајќи на прашањето на МИА, дали можеби договорот остава простор за различни толкувања на одредени одредби, Илиопулос вели дека вклучени се сите гаранции за доколку се појави било каков проблем или несогласување да се реши со разговор и соработка.

Софија – Пред почетокот на седницата на бугарската Влада, премиерот Стефан Јанев соопшти дека утре во Софија ќе пристигне официјална делегација од Република Северна Македонија предводена од премиерот Зоран Заев, јави дописникот на МИА од Софија.

-Прашањата што ќе бидат разгледани се од исклучителна важност и за двете страни, истакна премиерот Јанев.

Брисел – Европската унија треба постепено да ги олесни корона ограничувањата за влез за патниците од САД и седум други земји по договорот од средата меѓу 27-те земји-членки, јави ДПА.

Патниците од САД, Албанија, Хонг Конг, Либан, Макао, Македонија, Србија и Тајван треба полесно да влегуваат во Унијата, изјави португалското претседателство со ЕУ за германската агенција.

Атина – Намален број нови пристигнувања, намален број бегалци и мигранти кои престојуваат во прифатните центри, како и двојно зголемен број депортации се регистрирани во првите пет месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани, согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Од почетокот на годинава, заклучно со 31 мај, 4.951 лице заминало од Грција, или кон Европа или преку механизмот за принудна депортација на државјани на трети земји, а на островите во Егејското море и преку Еврос пристигнале 68 отсто помалку бегалци и мигранти споредбено со лани.

Женева – Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател, Џо Бајден, денесја ја имаат првата тет-а-тет средба во вилата „ Ла Гранж“ во Женева, каде што зад затворени врати ќе разговараат за голем број спорни прашања во време кога американско-руските односи се на најниско ниво од крајот на Студената војна.

Американскиот претседател вчера пристигна во Женева. По средбата со швајцарскиот претседател и шефот на дипломатијата, тој се повлече во хотелот каде требаше да престојува до средбата со Путин. Се верува дека Путин ќе слета околу пладне.

Женева – Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека разговорите на Владимир Путин со американскиот претседател Џозеф Бајден „нема да бидат лесни“, но веројатно ќе донесат барем одреден напредок.

На неколку часа пред почетокот на самитот Русија – САД, што се одржува во Женева, Песков кажа дека темите што ќе бидат на дневниот ред се „доминантно проблематични“.

Брисел – Европската унија треба постепено да ги олесни корона ограничувањата за влез за патниците од САД и седум други земји по договорот од средата меѓу 27-те земји-членки, јави ДПА.

Патниците од САД, Албанија, Хонг Конг, Либан, Макао, Македонија, Србија и Тајван треба полесно да влегуваат во Унијата, изјави португалското претседателство со ЕУ за германската агенција.

Брисел – Амбасадорите на ЕУ денеска се согласија дека за Северна Македонија, Албанија и Србија треба да се укинат рестрикциите за несуштински патувања, одлуката треба да биде официјализирана во следните денови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа информација ја потврдија денеска од португалското претседателство по средбата на амбасадорите на ЕУ во Брисел (КОРЕПЕР).

Пекинг – Во одговорот на информацијата на американската телевизија Си-Ен-Ен, што беше објавена претходно неделава, Кина денеска соопшти дека нема истекување на радијација во нуклеарната централа Таишан и дека не го покренала прагот на прифатливо ниво на радијација во околината на централата.

Си-Ен-Ен пред два дена соопшти дека „Фраматоме“, француската компанија која ја дизајнираше централата, предупредила дека Кинеската управа за национална безбедност (ННСА) го покренала прифатливото ниво на радијација околу електраната во југоисточна провинција Гуангдонг за да се избегне нејзиното затворање.

Џакарта – Земјотрес со јачина од 5,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди денеска индонезиските Молучки острови, јави Американскиот институт за геофизика (УСГС), додавајќи дека не е издадено предупредување за цунами.

Земјотресот се случил во 1,43 часот по локално време во Бандското море, на околу 70 километри југоисточно од Амахаи, главниот град на островот Серам.

Сеул – Јужна Кореја не се бори ефикасно против широко распространетиот феномен на сексуални престапи на Интернет, соопшти денеска меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч.

Земјата, која е лидер во секторот за нови технологии, останува длабоко патријархално општество каде малку се почитуваат правата на жените, се наведува во извештајот на организацијата.

Тајпеј – Кина вчера испрати 28 воени авиони во зоната за идентификација на тајванската противвоздушна одбрана (АДИЗ), соопшти денеска  тајванското Министерство за национална одбрана, додавајќи дека тоа е најголемиот ваков упад досега.

Бројот на кинески воени авиони што во вторникот упаднаа на тајванскиот АДИЗ очигледно го надмина претходниот рекорд од 12 април, кога во нашата зона влегоа 25 авиони.

Лондон – Бранителот на шампионскиот трофеј во англиската Премиер лига, на стартот на сезоната 2021/22 ќе се сретне со Тотенхем. Овој меч е дерби на првото коло.

Сити со Ливерпул ќе игра на 2 октомври на гости и на 9 април 2022 година на домашен терен. На 6 ноември „граѓаните“ ќе одат на гости кај Манчестер јунајтед, на 5 март ќе се одигра натпревар на стадионот „Етихад“.

Атланта – Компанијата Кока-Кола, производител на безалкохолни пијалаци, одговори на капитенот на Португалија, Кристијано Роналдо, кој ги оттргна шишињата со овој газиран пијалак на прес-конференција пред натпреварот со Унгарија (3:0).

Во изјавата, Кока-Кола истакна дека „секој има свои желби за пиење“, додавајќи дека секој има различни „вкусови и потреби“.

Минхен – Фудбалерот од средниот ред на Франција, Пол Погба, не беше задоволен што шише пиво „Хајнекен“ се најде на маса на прес-конференција по натпреварот од ЕП 2020 со Германија (1:0).

Фудбалерот дојде да разговара со новинарите и кога го здогледа шишето пиво, го зема и го стави под масата, оставајќи пред него две шишиња, со вода и со „Кока-Кола“.

Скопје – Во следните два дена во претпладневните часови времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе има појава на локална нестабилност со краткотраен дожд и ретки грмежи. Се најавува дека температурите ќе бидат во постепен пораст, кои ќе се движат од 10 до 36 степени Целзиусови, соопшти УХМР.

Од УХМР информираат дека во сабота се очекува на повеќе места времето да биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close