МИА ФлешПакети

МИА Флеш

14 јуни 2021

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Повеќе домашни компании од агросекторот и прехранбената индустрија ќе ги презентираат своите брендови, а посетителите ќе имаат можност да ги почувствуваат вкусовите на македонските вина, сирење, кашкавал, ајвар, мед, мармалади и други производи кои се наши познати брендови, во рамки на Неделата на македонски производи, што од денеска до 18 јуни се одржува во просториите на Стопанска комора на Романија, во Букурешт.

Ова е прв настан од ваков вид, преку спортска дипломатија да се промовираат македонските производи и започнува од Романија, која е една од земјите домаќини на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Градот Скопје изминатиов период интензивно работи на расчистување на повеќедецениски диви депонии. Ја расчистивме депонијата во Кисела Вода, во Мичурин, во Визбегово и во дел од Вардариште кои полека прераснуваат во убави паркови и во места каде што скопјани може да го поминуваат своето слободно време во здрава животна средина, изјави градоначалникот на град Скопје на денешната прес-конференција на која најави дека од денеска започнува расчистување на големата дива депонија на влезот во село Рашче. Од ова сметиште ќе бидат подигнати над 2.000 кубни метри отпад.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) Во Стопанската Комора на Букурешт во Романија од денеска до 18 јуни е отворена „Неделата на македонски производи“, каде што се изложени штандови со брендови од прехранбената, млечната, кондиторската и винската индустрија од повеќе македонски компании.

Инаку, како што соопштија организаторите, пред отворањето на  „Неделата на македонски производи“ директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески денеска на романските стопанственици им ги презентираше македонската бизнис клима и извозните потенцијали.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа се направени 1.337 тестирања, а регистрирани се четири нови случаи со Ковид-19 од кои три во Скопје и еден во Прилеп. Пријавено е едно починато лице од Скопје (66 г), во болнички услови, соопшти Министерството за здравство.

Регистрирани се и 14 оздравени пациенти и тоа од Скопје 8, Куманово 3 и од Прилеп, Неготино и Македонска Каменица по 1.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Над 9000 странски туристи ја посетиле земјава во април годинава, а од почетокот на годинава 42 586. Објаените податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека од странските туристи во април, чиј број е 9103, најголем дел биле од Турција и Србија, а најпосетена дестинација била Скопје.

Вкупниот број на туристи и домашни и странски во април изнесувал 19 064, од кои 52,3  отсто се домашни туристи, а 47,7 отсто се странски туристи, а за перодот јануари-април годинава 97 735 и бележи намалување од 19,4 отсто во однос на тој период лани. Кај домашните туристи има зголемување за 23,3 отсто, а кај странските има намалување за 44,3 отсто.

Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) – Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамките на лидерскиот НАТО Самит на земјите членки на Алијансата во Брисел, оствари средба со неговата холандска колешка, Сигрид Кааг, што воедно претставува и нивна прва средба, откако неодамна Кааг ја презеде функцијата министерка за надворешни работи на Холандија.
Како што соопшти МНР, двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Министерката Кааг во оваа прилика истакна дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија.

Приштина, 14 јуни 2021 (МИА) – Неколку косовски медиуми денеска објавија дека претседателката на државата Вјоса Османи побарала оставка од претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК), Ваљдете Дака, недолго пред наредните локални избори во земјата, кои треба да се одржат оваа есен, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според неименувани извори на медиумите, Дака ја одбила понудата на Османи, решена да го заврши до крај својот втор мандат, порачувајќи дека ја врши задачата во согласност со Уставот на Косово.

Софија, 14 јуни 2021 (МИА) – Бугарија секогаш покажувала искрена волја и напори за конструктивен и прагматичен дијалог со Република Северна Македонија и ќе продолжи во оваа насока,  изјави бугарскиот премиер Стефан Јанев за време на средбата со грчкиот амбасадор во Софија Димитрис Хронопулос.

Според бугарската агенција БГНЕС, грчкиот амбасадор изразил разбирање за бугарската позиција.

Париз, 14 јуни 2021 (МИА) – Францускиот државен секретар за европски прашања Клемент Бон се заканува дека Париз ќе реагира во случај на непочитување на договорите за Брегзит од страна на Велика Британија, јави дописникот на МИА.

Француско-британските односи беа нарушени за време на дискусиите во врска со трговијата со Северна Ирска.

Сана, 14 јуни 2021 (МИА) – Над 150 луѓе загинаа во близина на брегот на Јемен, објавија денеска јеменските медиуми.

Несреќата се случила откако чамецот со кој патувале се судрил со рибарски брод и потонал.

Според јеменските медиуми во чамецот се превезувале повеќе од 400 илегални мигранти од Африка.

Копенхаген, 14 јуни 2021 (МИА) – Легендарниот дански голман Питер Шмајхел проговори за ситуацијата со натпреварот Данска – Финска (0:1) во првото коло од групната фаза на ЕВРО 2020 по срцевиот удар на играчот од средниот ред Кристијан Ериксен.

– Видов изјава од УЕФА, во која беше забележано дека тие донеле таква одлука по совет на играчите, демек фудбалерите инсистирале да го завршат мечот. Но, ова не е точно. На играчите им беа понудени три опции. Првата беше да се заврши натпреварот веднаш. Втората опција беше следниот ден напладне да се доиграат преостанатите минути. Третата беше службен пораз со 3:0.

Back to top button
Close
Close