МИА ФлешПакети

МИА Флеш

11 јуни 2021

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Синдикалната кошничка за месец мај 2021 година е зголемена за 180,00 денари во однос на претходната за месец април 2021 година. Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400,00 денари. Ако продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200, 00 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејно домаќинство, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Според ССМ, зголемувањето на трошоците е неоправдано имајќи во предвид дека цената на нафтата на која се водат алчните газди и ја користат како оправдување за зголемување на цените во 2018 година изнесувала 63,50 денари во месец јуни, 60.00 денари во 2019 година, 50.00 денари во 2020 година, а овој месец е 60.50 денари. Тоа, велат од ССМ, значи дека во 2020 година во време на пандемија предизвикана од Ковид 19, морало да се донесе и Уредба со законска сила за определување на највисоките цени  на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, заради енормното зголемување на цените на штета на граѓаните, а за профит на газдите.

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Државниот пазарен инспекторат изрече забрана за работа на компанијата „Евротим“ од Кичево, поради отстапки во кавлитетот на мазут, утврдени при дополнителните анализи.

– Надлежните институции продолжуваат со постапувањата во врска со случајот за увоз на мазут и нафтени деривити. Државниот пазарен инспекторат ги доби резултатите од земените дополнителни мостри од скалдот за мазут во Ресен, во сопственост на компанијата „Евротим ГДС ДООЕЛ Кичево“. Според анализите, констатирано е дека параметрите вода и седименти и содржина на пепел, се повисоки од граничните вредности пропишани со стандардот МКС Б.Х2.430. Поради констатираните отстапувања на квалитетот на производот, од страна на ДПИ е донесено решение за забрана за промет на производот мазут, кој е затекнат во складот на економскиот оператор „ЕВРОТИМ ДООЕЛ Кичево“, се наведува во соопштението на ДПИ.

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Од почетокот на 2021 година до Агенцијата за пошти биле поднесени вкупно 30 претставки од корисниците на поштенските услуги, што според директорката на Агенцијата, Билјана Аврамоска Ѓореска, во овој период бројот на поднесени претставки е двојно зголемен во однос на изминатите години.

– Дваесет и четири поднесени претставки се од физички лица, додека пак преостанатите шест се од правни лица. Од подносителите, во својство на примачи на пратки се евидентирани 17 корисници, а 13 како испраќачи. Основата за поднесување на претставките е различна. Во 15 претставки подносителите бараат информација за тоа на кој начин можат да ги остварат законсите права, во три бараат препораки за тоа како да постапат во случај кога пратките не се доставени, во четири претставки се бара информација за статусот на пратките, во три корисниците бараат обештетување по различен основ и во една претставка подносителот информира за онлајн измама, изјави директорката на Агенцијата за пошти.

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Во македонски услови каде свесноста за човековите права не е на особено високо ниво и надвор од вонредна состојба, голема е веројатноста државата да ги нема на ум или лесно да донесува одлуки за ограничување на човековите права, истакна Драгана Дрндаревска правничка и активистка за правата на маргинализираните заедници, на денешната онлајн промоција за истражувањето на влијанието што мерките за справување со Ковид-19 го имаат врз човековите права на маргинализираните заедници насловено „Човековите права на маргинализираните заедници во услови на Ковид-19“.

Теренското истражување е направено помеѓу маргинализираните заедници: Роми и Ромки, сексуални работници, луѓе што живеат со ХИВ, луѓе што употребуваат дроги, жени жртви на семејно насилство и ЛГБТИ. Извештајот опфаќа повеќе области,  влијанието на забраната и ограничувањето на движењето, правото на образование, пристапот до правда, социјалната заштита и влијанието на економските мерки.

Белград, 11 јуни 2021 (МИА) – Директорот на државниот Архив, Емил Крстески и македонскиот амбасадор во Белград, Александар Поповски денеска на средби во Архивот на Југославија и Државниот архив на Србија во Белград постигнаа договор за интензивирање на дигитализацијата на архивската граѓа.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по овој прв официјален состанок, Крстески, кој воедно е и претставник на македонската Влада за сукцесија на Анексот Д за архивската граѓа од поранешна СФР Југославија, изјави дека македонскиот Државен архив има одлична и долгогодишна соработка со Архивот на Југославија.

Велес, 11 јуни 2021 (МИА) – Рациновите средби, 58. по ред денеска во фоајето на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес започнаа со меѓународната научна конференција „Синтези: Рацин и Конески“.

Конференцијата е во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а е поддржана од Министерството за култура, Општина Велес и театарот „Ј.Х.К. Џинот“.  На конференцијата, посветена на двајцата великани на македонската културна историја, со свои излагања учествуваа еминентни имиња од научната мисла за јазикот од земјава и од соседството.

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони воведе нов пристап во поттикнувањето на странските инвестиции кој подразбира не само да се донесат инвестиции со подобар квалитет, туку и инвестиции од кои придобивки ќе имаат сите граѓани преку стимулирање на рамномерен регионален развој, најави директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Јован Деспотовски.

-Очекувам да имаме повеќе квалитетни компании на повеќе локации освен во главниот град. Компаниите кои ќе решат да инвестираат во Скопје нема веќе да бидат повластени како досега и разликата која треба да ја платат за наем на земјиштето меѓу повластената цена и пазарната ќе им се засметува во пакетот што државата им го нуди како помош. Со тоа компаниите кои ќе се решат да инвестираат во зоните во главниот град ќе добијат многу помалку средства во однос на компаниите кои ќе се решат да инвестираат во сите останати технолошко индустриски развојни зони во државата, изјави Деспотовски на денешната средба со новинарите.

Скопје, 11 јуни 2021 (МИА) – Во последните 24 часа се направени 2.885 тестирања, а регистрирани се 20 нови случаи на Ковид-19. Пријавени се две починати лица и 30 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство, повикувајќи се на податоците од Институтот за јавно здравје.

Од 20 новозаразени, од Куманово се 5, Скопје и Битола – по 4, Тетово – 3, Прилеп, Охрид, Кичево и Крива Паланка – по 1.

Сараево, 11 јуни 2021 (МИА) – Директорот на Граничната полиција на Босна и Херцеговина, Зоран Галиќ денеска изјави дека од почетокот на годината спречени со повеќе од 2.300 луѓе илегално да ја преминат границата.

Тој наведе дека со подобрување на временските услови се зголемува и миграцискиот притисок, што е најинтензивен во источниот дел од границата на БиХ.

Вашингтон, 11 јуни 2021 (МИА) – Германската канцеларка Ангела Меркел на 15 јули ќе има средба со американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон за да ги потврди длабоките билатерални односи меѓу двете земји, објави во петокот портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

– Лидерите ќе разговараат за нивната посветеност за тесна соработка за различни заеднички предизвици, вклучително и ставање крај на пандемијата со Ковида-19, решавање на климатските промени и промовирање на економски напредок и меѓународна безбедност, засновани врз нашите заеднички демократски вредности, истакна Псаки на маргините на првиот ден од Самитот на Г-7 во Англија.

Лондон, 11 јуни 2021 (МИА) – Лидерите од Групата седум најразвиени економии во светот на средбата во Корнвол ќе ја разгледаат можноста за прераспределба на 100 милијарди долари од резервите на Меѓународниот монетарен фонд, а со цел да им се помогне на државите најмогу погодени од ковид-кризата, соопшти Белата куќа.

„САД и нашите партнери од Г7 активно ги разгледуваат глобалните напори за зголемување на ефектите од предложената алокација на специјалните права на влечење (СДР) на земјите со најголеми потреби“, соопшти кабинетот на американскиот претседател.

Сантјаго, 11 јуни 2021 (МИА) – Здравствените власти на Чиле најавија дека повторно ќе го затворат главниот град, Сантјаго поради зголемен број на новоинфицирани лица со Ковид-19.

Бројот на новозаболени лица е во пораст и покрај тоа што во Чиле речиси 60 проценти од населението примило две дози вакцина против коронавирусот.

Букурешт, 11 јуни 2021 (МИА) – Македонскиот фудбалски репрезентативец Егзон Бејтулаи денес ги сподели своите очекувањата за настапот на Европско првенство кое ќе биде дебитантско за „црвено-жолтите“.

– Се чувствувам одлично што сум дел од оваа репрезентација која направи историски успех. Со нетрпение го очекувам почетокот на првенството. Се надевам дека во Букурешт ќе се претставиме во одлично светло и ќе успееме да ги израдуваме нашите навивачи. Секогаш давав се од себе, во младата репрезентација на Македонија до 21 година и во А репрезентацијата. Треба подеднакво добро да напаѓаме и да се браниме. Имаме одличен тим, подготвени сме за Евро 2020.

 

 

Back to top button
Close
Close