МИА ФлешПакети

МИА Флеш

7 јуни 2021

7 јуни 2021

Белград – Македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, резултат на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи, истакнува претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за белградска „Политика“ објавено денеска.

– Северна Македонија споредено со своите соседи, најдоцна ја заокружува својата државност низ еден сложен процес на борба за национално ослободување и еманципација и веројатно тој фактор има големо влијание врз одредени негаторски тенденции кај дел од јавноста и политичарите во соседните држави. Меѓутоа, нашата државност и нашиот стандарден јазик се заокружен процес и тој факт треба да биде прифатен од сите, како клучен чекор кон градењето на соработка имајќи предвид дека сите соседни држави имаат иста стратешка ориентација во Евроспката Унија, вели Пендаровски.

Скопје – Новата европска стратегија за безбедност на храната, перспективите и предизвиците во примарното производство во поглед на безбедноста на храната, интегралната заштита на растенијата, се дел од темите на тркалезната маса што ќе се одржи денеска во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство, под годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – „Безбедна храна денес, за безбедно утре“

На тркалезната маса ќе се дебатира и за флексибилната примена на правилата за системот за безбедност на храната низ призмата на потрошувачите и за употребата на здравствените тврдења и измамите при нивно користење, за антимикробната отпорност и за иновираната храна како предизвик на 21 век.

Скопје –  Туристичката понуда на Црна Гора како сигурна летна дестинација ќе биде претставена денеска во Скопје, во организација на Амбасадата на Црна Гора во Северна Македонија и црногорската Национална туристичка организација.

Настанот ќе го отвори амбасадорот на Црна Гора во државава Марија Петровиќ, а туристичата понуда ќе ја претстави менаџерот на Националната туристичка организација Лилјана Чукиќ.

Скопје – Во рамки на проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA” кој е ко-финансиран од Европската Унија и се спроведува во шест држави (Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Естонија), фондацијата „Метаморфозис“ организира онлајн информативна сесија во форма на вебинар за потенцијални апликанти на Повикот за грантови за граѓански организации.

За Северна Македонија, сесијата ќе се одржи денеска во 10:00 часот на ZOOM платформата со времетраење до 1 час. Сесијата ќе се состои од кратко претставување на проектот, Повикот и одговарање на поставените прашања во врска со Повикот.

Скопје – Наодите од истражувањето „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“ денеска ќе бидат претставени на презентација преку платформата Зум.

-На презентацијата на истражувањето, кое беше спроведено од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство и во соработка со истражувачкиот тим на „Реактор-истражување во акција“, предвидено е обраќање на министерката за образование и наука Мила Царовска, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, најавија носителите на проектот.

Скопје – Културно-информативниот центар на Северна Македонија во Софија информира дека денеска со почеток во 18:30 часот ќе бидат промовирани книгите „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева и „Вилино“ од Винка Саздова.

Двете книги се во издание на издавачката куќа „Персеј“ од Софија, а како што најавуваат од КИЦ на Северна Македонија во Софија, на промоцијата ќе присуствуваат двете авторки.

Љубљана –  Словенечкиот претседател Борут Пахор изјави дека државата не е во политичка криза и дека евентуалните предвремени избори што ги бара опозицијата ќе ја намалат способноста на земјата да се докаже како успешно претседателство со Советот на Европска Унија.

– Не сме во политичка криза затоа што функционираат сите институции, изјави Пахор за Словенечката телевизија, истакнувајќи дека поради нестабилното и неизвесно владејачко мнозинство во Парламентот, станува збор за „состојба на зголемена политичка неизвесност“, а не за политичка криза.

Софија – Лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ шоумен и ТВ водител Слави Трифонов ќе предводи две листи на изборите.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Ива Митева, која беше претседател на 45-то Национално собрание на Бугарија, исто така ќе предводи две листи.

Берлин – Сè поголем број компании во Германија размислуваат да ги зголемат цените на своите производи, покажуваат резултатите од мајското истражување на Институтот ИФО од Минхен.

– Голем број компании зголемениот трошок за набавка го пренесуваат на цената на крајниот производ. Зголемувањето на цените делумно е резултат на напорите да се компензира претходното намалување на цените за време на кризата со коронавирусот, изјави раководителот на истражувањето Клаус Волрабе.

Париз – Два месеци по Канада, Франција го следи нејзиниот пример. На крајот на март, владата во Отава прва нареди повлекување на неколку милиони маски изработени од кинеската компанија Шенгкван. Дистрибуирани особено во училиштата, овие маски опремени со тенок слој на графен предизвикаа тешкотии во дишењето кај некои деца, иритација на кожата кај други, па дури и впечаток како да се  „вдишуваат влакна од мачка“, јави дописникот на МИА.

Нанографенот што влегува во нивниот состав е составен од јаглеродни снегулки со наноскопска големина. Ултралесен, ултра отпорен и одличен спроводник, тој се наоѓа во многу индустриски апликации во последниве години, особено во електрониката. Но, за изминатата година, токму неговите антивирусни својства привлекоа внимание, што поттикна неколку компании да дизајнираат маски кои содржат графен, за кои се вели дека се поефикасни против коронавирусот. Проблемот е што овие честички, доколку се вдишат, се потенцијално опасни за организмот; особено, тие можат да ги оштетат белодробните клетки.

Берлин – Германија воведува построги инспекции во центрите за тестирање за Ковид-19 поради стравувањата дека некои приватни лаборатории, на кои државата им плаќа за секој тест, го зголемувале број на извршени тестови, јави ДПА, повикувајќи се на плановите на Министерството за здравство.

Операторите на таквите центри, што рапидно се појавуваат низ целата земја, вклучително и во барови, кафулиња и на други места, ќе бидат предмет на построги контроли и ќе можат да земат помалку пари за тестирање во иднина. Сомнежите за измама од големи размери се појавија по истрагите на некои места за брзи тестови.

 Лондон – Повеќе од 100 поранешни премиери, претседатели и министри за надворешни работи ги повикаа лидерите на Г-7 да платат две третини од 66 милијарди долари потребни за вакцинирање против Ковид-19 во најсиромашните земји.

Во писмото, во кое Гардијан имаше увид, се наведува дека лидерите на Велика Британија, САД, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Канада мора да ја направат оваа година „пресвртница во глобалната соработка”.

Meксико Сити – Владејачката партија во Мексико изгуби апсолутно мнозинство на изборите за Долниот дом на Парламентот. Тоа се првите официјални проценки на резултатите.

Според првите резултати на изборната комисија, партијата на Морено на претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор ќе има меѓу 190 и 203 од 500 места.

 Токио – Јапонските власти планираат ова лето да почнат со издавање сертификати за вакцинација против Ковид-19, објави весникот Никеи. Во првата фаза, таквите пасоши ќе бидат издадени на граѓани кои често патуваат во странство.

Според весникот високи јапонски службеници во моментов користат сертификати кога патуваат во други земји, бидејќи САД и европските земји се повеќе бараат информации за статусот на вакцинација. Системот за пасоши за вакцинација во Јапонија го развива тим специјалисти под надзор на генералниот секретар на Владата, Катсунобу Като.

Струмица – По крајот на финалниот натпревар од завршниот турнир во Европската сребрена лига видно беше разочарувањето кај нашите одбојкари поради поразот од Данска со 3:1 во сетови. Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, смета дека репрезентативците на турнирот во Струмица не го покажале тоа што го знаат.

– Колку што видов од статистиката двајца играчи на Данска не победија. Тоа е прво што можам да го видам. Мислам дека на овие два натпревари не одигравме онака како што знаеме, не одигравме течно, постојано бевме стегнати и не покажавме тоа што треба. Ете, втор пат ни се случува, можеби затоа што сме организатори на финалниот турнир. Со Хрватска пред три години и вчера не покажавме некоја убедлива игра, а во финалето иако поведовме со 1:0 во сетови, не издржавме. Можеби сами на себе си создаваме притисок дека можеме повеќе, но не можеме да го издржиме тој притисок. Противникот беше подобар денеска. Но, ние сме подобри од Данска и уште 99 натпревари да играме исто толку пати ќе победиме, рече капитенот Никола Ѓорѓиев.

Љубљана – Германската фудбалска репрезентација го освои Евро У21 по трет пат. Во решавачкиот натпревар на Европското првенство за млади, синоќа во Љубљана, Германија ја совлада Португалија со 1:0.

Повеќе трофеи од Германците во оваа категорија фудбалери, имаат само Италија и Шпанија. Тие по пет пати биле европски шампиони.

Скопје –  Времето денеска ќе биде променливо облачно, уште од претпладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Како што најави УХМР, ќе има услови за локална појава на невреме со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град.

Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 22 до 31 степен. УВ индексот ќе изнесува 7. Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 25 степени.

Back to top button
Close
Close