МИА ФлешПакети

МИА Флеш

3 јуни 2021

3 јуни 2021

 

Скопје – Премиерот Зоран Заев уверува дека земјата прави се да изнајде решение со Бугарија и ако успее во тоа, веднаш на 23 јуни ќе треба да ја имаме првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ. Во исто време, бугарскиот претседател Румен Радев од Софија порача дека Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Република Северна Македонија.

– Верувам дека ќе бидеме мудри, комплетно како што стоиме сите, а посебно Владата во заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и дека ќе се изнајде конечно решение да направиме исчекор. Правиме се и навистина имаме добра основа низ португалскиот предлог да изнајдеме решение со Бугарија. Ако успее, веднаш на 23 јуни треба да ја имаме првата меѓувладина конференција, изјави вчера премиерот Зоран Заев.

Скопје – Во Собранието за денеска се закажани седници на три комисии, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Законодавно-правната комисија и Комисијата за транспорт, врски и екологија.

На дневен ред на седницата на Комисија за транспорт, врски и екологија, закажана за во 11 часот, ставени се 11 предлог закони, повеќето од областа на екологијата. Членовите на Комисијата треба да ги разгледаат и предлог измените и дополнувањата на Законот за постапување на бесправно изградени објекти, во второ читање, и Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Скопје – Народната банка денеска организира нова работилница од веќе отпочнатиот серијал е-работилници за новинари, која ќе биде посветена на нејзината супервизорска функција.

Во рамки на работилницата ќе се говори за мандатот на Народната банка во однос на супервизијата на банките и штедилниците, што е, а што не, задача на супервизијата, што опфаќа вонтеренската, а што теренската супервизија, контролите на супервизорските процеси, супервизорските мерки итн.

Скопје – Претставници на Советот на амбасадори оствариле работна средба со амбасадорката на Хрватска во земјава, Нивес Тигањ на која се разговарало за повеќе теми од заеднички интерес.

Средбата, како што информираат од Советот на амбасадори, се одржала вчера, а на неа присуствувале претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили и членот на Извршниот одбор Љупчо Арсовски.

Скопје – Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска ќе има средба со претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски.

Како што соопшти Министертсвото за труд и социјална политика, средбата ќе се одржи во во седиштето на ССМ, по што Шахпаска и Димовски ќе дадат изјави за медиумите.

Скопје – Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев денеска ќе ја посетат Полициската станица „Карпош“.

Како што соопшти Општина Карпош, повод за посетата е донацијата на две мопеди за работа на терен, кои локалната самоуправа ќе и ги додели на ПС „Карпош“.

Скопје – Мерење на телесна темпертура на влез, дезинфекциони средства, оддалечен бенд, растојание при танцувањето, задолжително носење маски за вработените, се само дел од строго пропишаните протоколи, што ги усвои Владата за одржување на свадбени прослави.

Според протоколите, дозволено е одржување на свадби во отворениот дел на локалите, односно на летните тераси до максимум сто лица, но не повеќе од 50 проценти исполнетост на капацитетот.

Скопје– Во организација на Институтот за демократија и Советот за регионална соработка (РЦЦ) денеска ќе се одржи онлајн меѓународната конференција „Време да се преселиме на Западен Балкан: Како диверзификацијата на синџирите за снабдување може да има корист за отпорноста на ЕУ“, поддржана од Центарот за меѓународно приватно претпријатие (ЦИПЕ) од Вашингтон.

Конференцијата се базира на истоимениот документ, коавторско дело на Зоран Нечев и Мари Јеленка Кирхнер од Институтот за демократија и има за цел да поттикне дискусија за можностите за диверзификација, скратување и релокализација на европските синџири за снабдување.

Скопје – Заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа утре без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Студеничани, Карпош и Ѓорче Петров, соопштуваат од РЦУК – Скопје.

Во периодот од 08:30 до 12:30 часот без напојување со електична енергија ќе останат корисниците од селата Пагаруша, Вртекица, Рамни Габер и Долно Количани, Општина Студеничани.

Софија – Бугарскиот претседател, Румен Радев, синоќа остварил средба со Пол Ахерн, прв заменик помошник секретар во американското Министерство за финансии, соопшти прес-службата на претседателот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на официјално соопштение, тема на разговорот била корупцијата.

Софија – Американската амбасадорка во Софија, Херо Мустафа, на средба со бугарските медиуми ја коментираше објавата за санкции од САД против шестмина бугарски државјани, вклучувајќи ги и Васил Божков и Делијан Пеевски, објаснувајќо дека последните настани значат дека кога се зборува за корпуција не значи дека некој се обвинува, туку дека државата се потпира  на владеењето на правото.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, на состанокот со медиумите присуствувал и првиот заменик помошник секретар во американското Министерство за финансии, Пол Ахерн, кој е одговорен за борбата против финансирањето на тероризмот и финансискиот криминал. Ахерн од понеделникот престојува во Бугарија, а вчера, заедно со американската амбасадорка Херо Мустафа, имаа серија средби со претставници на владата, политичките партии и поранешните државни службеници, вклучувајќи го и поранешниот бугарски премиер, Бојко Борисов.

Приштина – Заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за европски и евроазиски прашања и за Западен Балкан и Егејот, Метју Палмер, во пресрет на најавената средба на косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, што треба да се одржи кон средината на месецов во Брисел, изјави дека очекува двајцата државни лидери да соработуваат во унапредување на дијалогот меѓу нивните државијави дописникот на МИА од Приштина.

Во изјава за косовската државна телевизија РТК, Палмер синоќа порача дека Вашингтон и Европската унија очекуваат процесот да резултира со „помирување и договор“ меѓу Косово и Србија.

Атина – Редици од патници и доцнење на бродови на атинското пристаниште Пиреас, предизвика рано утрово штрајкот на еден од поморските синдикати во Грција, што од судот беше прогласен за незаконски, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката поморска федерација учествува во генералниот штрајк на Синдикатот на вработени во јавниот сектор што беше закажан за денеска, меѓутоа се одложи за следниот четврток, а едно од здруженијата- членови на федерацијата, реши сепак утрово да одржи штрајк на најголемото атинско пристаниште.

Минск – Белорускиот новинар Роман Проташевич, кој беше уапсен во мај откако авионот на „Рајанер“ со кој леташе за Вилнус принудно беше приземјен во Минск, во снимен видео материјал вели дека нема корист од повикувањето на протести.

Тој ова го кажува за време на испрашувањето што е емитувано на државната телевизија

Виена – Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза ​​Рибеиро ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени новинари и вработени во медиумите во таа земја, наведувајќи дека повеќето од нив се приведени за известување за јавни настани и други политички настани.
„Оваа систематска репресија на новинари и медиумски работници е флагрантно кршење на обврските на ОБСЕ за слобода на изразување и слобода на медиумите, кои Белорусија ги презеде како членка на ОБСЕ“, напиша Рибеиро во писмото до белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи.

Берлин/Москва – По вчерашниот неколкучасовен прекин, продолжија летовите меѓу Германија и Русија, јави германската авиокомпанија „Луфтханза“.

-Руските власти и дадоа одобрение на германската авиокомапнија „ Луфтханза“ во јуни да ги оддржува патничките линии кон Русија. Тоа значи дека летовите на „Луфтханза“ кон Москва и Санкт Петербург ќе бидат изведувани според планираното, изјави портпаролката на групацијата, пренесоа француските медиуми.

Прага – Владата на борбениот популистички чешки премиер Андреј Бабиш денеска треба да се соочи со гласање недоверба во парламентот, јави ДПА.

Бабиш е критикуван за судир на интереси како политичар и основач на деловен конгломерат и му се заканува кривично гонење за измама поврзана со субвенции од ЕУ. Тој е обвинет и за неуспехот во борбата против коронавирусот, додава ДПА.

Торонто – Канадската министерка за домородни работи Каролин Бенет рече дека папата Франциск треба да издаде официјално извинување за улогата на Католичката црква во канадскиот интернатски училишен систем, неколку дена откако беа пронајдени остатоци од 205 деца во поранешното најголемо такво училиште.

Владата на премиерот Џастин Трудо исто така вети дека повторно ќе ги поддржи напорите за пронаоѓање на се уште необележани гробници во поранешните резиденцијални училишта за домородни ученици, институции каде што се држеле домородни деца и биле одземени од нивните семејства низ целата земја.

Минеаполис – Обвинителството на американската сојузна држава Минесота  побара 30-годишна затворска казна за поранешниот полицаец Дерек Шовин, кој на судењето во април беше осуден за убиството на Џорџ Флојд во мај 2020 година.

Адвокатите на Шовин побараа условна казна, покрај времето што тој веќе го помина во притвор.

Лондон – Руската група која стои зад хакерскиот напад врз компанијата за преработка на месо ЈБС работи под името РЕвил, изјави неименуван извор за Ројтерс.
Белата куќа во вторникот соопшти дека ЈБС ја известила американската Влада дека за хакерскиот напад врз компанијата, што го наруши производството на месо во Северна Америка и Австралија, е одговорна криминална организација чие седиште најверојатно е во Русија.
Лондон – Танкер полн со хемикалии тоне покрај брегот на Шри Ланка и се стравува дека несреќата може да се претвори во еколошка катастрофа, пренесува Би-Би-Си.
Танкерот „Х-Прес Перл“, регистриран во Сингапур, гореше скоро две недели пред да се изгасне пожарот оваа недела. Доколку бродот потоне, стотици тони гориво може да се излеат во морето и да го уништат морскиот живот таму.

Манагва –  Министерството за правда на Никарагва вчера издаде потерница по истакнатата опозиционерка, Кристиана Шаморо, само еден ден откако таа кажа дека ќе се кандидира за претседател на земјата на претстојните избори,јаво ДПА.

Покрај обвинението за перење пари, ќерката на поранешната претседателка Виолета Шаморо е обвинета и за „злоупотреба во мнаџирањето“, додаде Министерството за правда.

Вашингтон – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг повика на истрага за данско-американскиот шпионски скандал, по извештаите дека данските власти и помогнале на американската Агенција за национална безбедност (НСА) да прислушува познати европски политичари.
„Земјите вклучени во случајот се сојузници на НАТО и мора да ги стават сите факти на маса и да откријат што навистина се случило“, рече Столтенберг за данскиот јавен радиодифузер ДР.

Вашингтон – Наставник во основно училиште во Вирџинија го тужи Одборот на школите на округот Лаудин откако бил суиспендиран по неговите коментари против предлог-политиката за нови права за трансџендер учениците, јави денеска Ен-Пи-Ар.

Бајрон Танер Крос, наставник по физичко во основното училиште Лизбург, во Вирџинија, изјави дека да се признае дека половиот идентитет на некој ученик е поинаков од оној одреден при неговото раѓање е против неговите религиозни убедувања. 

Лос Анџелес – Кошаркарите на Далас маверикс ноќеска ги победија Клиперс во Лос Анџелес со 105:100 и поведоа со 3:2 во првото коло од плејофот.

Серијата ЛА клиперс – Далас маверикс е трета во историјата на НБА-плејофот кога првите пет победи ги освоија гостинските екипи.

Амстердам – Противникот на македонската фудбалска репрезентација во групата на претстојното Европско првенство, селекцијата на Холандија вчеравечер одигра нерешено 2:2 на домашен терен со Шкотска. Селекторот на „лалињата“ очекува подобрување на формата на неговите избраници до почетокот на Еуро 2020.

– Трениравме во формација 5-3-2 само еднаш, па не можевме да помислиме дека веднаш ќе ги достигнеме височините. Но, јасно е дека ситуацијата треба да се подобри. Сепак, сè уште сум убеден дека можеме да играме многу подобро користејќи ја оваа или која било друга шема. Мислам дека понекогаш бевме премногу статични. Во неколку наврати Де Лихт имаше премалку опции за додавање. Ова е она на што мора да работиме, изјави Де Бур.

Ница – Голманот на Франција, Уго Лорис учествуваше на пријателскиот натпревар против Велс (3:0) синоќа во Ница. Триесет и четиригодишниот голман на Тотенхем го одигра 100-от натпревар како капитен на „Триколорите“ соборувајќи го рекордот на националниот тим.

Актуелниот селектор на француската репрезентација, Дидие Дешамп е на второто место според овој показател, има 54 натпревари со капитенската лента.

Вашингтон – Раководството на НБА-лигата ги смени правилата за борба против лошото однесување на навивачите. Според „Атлетик“, промените биле предизвикани од бројни инциденти со гледачи за време на првото коло од плејофот.

Сега од клубовите се бара три пати во текот на натпреварот да објавуваат кодекс за однесување и да обезбедуваат зголемена безбедност во арените.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 29 степени.

Во Скопје и околината, сончево со мала до умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне до 25 степени. До сабота, времето ќе биде стабилно со пораст на температурите. В недела попладне ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, а на почетокот на наредната седмица се очекува да биде нестабилно на повеќе места.

 

Back to top button
Close
Close