Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) – По повод Светскиот ден на детето – 1 Јуни, Народниот правобранител потсетува на обврската за создавање основни предуслови со кои секое дете ќе може да ги ужива правата загарантирани со Конвенцијата за правата на детето.

-Тоа во пракса значи да се почитува детето како личност, да се сослуша неговото мислење и да му се овозможи непречено без никакви форми на дискриминација да си ги остварува правата.Само на овој начин ќе покажеме дека навистина се залагаме за почитување на најдобриот интерес на детето, се вели во соопштението.

Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) – Основната јавна обвинителка од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска денеска оствари работна средба со својот албански колега главен специјален обвинител во Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал Арбен Краја, на која бил потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу обвинителствата со кои раководат.

Русковска и Краја, како што информираат од ОЈО, на средбата имале плодна дискусија во врска со подобрување и унапредување на билатералната соработка во борба против организираниот криминал и корупцијата, а водени од принципите на еднаквост, меѓусебно разбирање и заемни интереси.

Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) – По повод Меѓународниот ден на детето – 1 Јуни, денеска група деца се сретнаа со вицепремиер и министер за политички систем и односи помеѓу заедниците Артан Груби.

– Денес на 1 јуни, Денот на детето, мојата канцеларија ја исполнија токму тие. Забава, едукација, состаноци, задачи… Иднината им припаѓа на младите генерации, напиша Груби на Фејсбук.

Скопје, 1 јуни 2021 (МИА) – Излекуван е потполковникот кој заболе од Ковид-19 во Централноафриканската република и беше транспортиран во земјава и хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје, објави на Фејсбук министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

– Среќна завршница на патешествието на нашиот потполковник, кој во Централноафриканската република заболе од Ковид-19. По 22 дена на Инфективната клиника, тој е сосема излекуван и денеска си оди дома! Го испрати д-р Илир Демири и дел од медицинскиот персонал кои се грижеа за него, напиша Шекеринска  на својот ФБ профил.

Белград, 1 јуни 2021 (МИА) – Според мајското истражување на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), доколку изборите во Србија се одржат денеска, одзивот би изнесувал 69,1 отсто, а 41,1 отсто од граѓаните би гласале за новата обединета партија СНС-СПАС, јави дописникот на МИА од Белград.

За СПС на Ивица Дачиќ би гласале 6,5 отсто граѓани, за опозицијата која ја вклучува и ССП би гласале 32,9 отсто, се уште не се одлучиле за кого би гласале 9,8 проценти, а за опозицијата која би коалицирала со владејачката СНС, доколку оваа партија ги покани – ДСС, ПОКС, СРС и Заветници, би гласале 5,8 отсто. Партиите на националните малцинства имаат 3,7 отсто поддршка.

Приштина, 1 јуни 2021 (МИА) – Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Европската унија и САД не вршат притисок за продолжување на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој е во прекин од септември минатата година, кога во Вашингтон се сретнаа тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Алксандар Вучиќ, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите во Призрен, каде што го посети тамошниот бизнис парк, Курти потврди дека кон средината на овој месец ќе се сретне со Вучиќ во Брисел.

Виена, 1 јуни 2021 (МИА) – Борбата против трговијата со дрога и нејзините врски со другите облици на организиран криминал бара координиран и коoперативен пристап, изјавија денеска учесниците на отворањето на овогодишната Конференција посветена на шверцот на наркотици во Европа, соопшти Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

– Трговијата со недозволени дроги е сериозна закана за нашата заедничка безбедност, изјави амбасадорот Хакан Јеврел, специјален претставник на Шведска за организиран криминал, кој зборуваше во име на шведскиот претседавач на ОБСЕ во 2021 година.

Берлин, 1 јуни 2021 (МИА) – Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска соопшти дека претставници на Германија и САД водат разговори во Вашингтон заради решавање на спорот околу гасоводот Северен тек 2.

Мас не соопшти повеќе детали за средбата, и воедно изрази уверување дека ќе се пронајде решение за спорот, иако тоа веројатно нема да биде ниту бргу ниту лесно.

Тел Авив, 1 јуни 2021 (МИА) – Израел во 2020 година извезе оружје во износ од 8,3 милијарди долари, а поголемиоит дел од извозот беше наменет за подрачја во Азија и Пацификот, соопшти денеска израелското Министерство за одбрана.

– Тоа е втор историски рекорд по 2017 година, кога беше извезено одужје за 9,3 милијарди долари и е зголемување за една милијарда долари (или 15 отсто) во споредба со претходната година, се наведува во соопштението.

Сана, 1 јуни 2021 (МИА) – Во јеменското пристаниште Ходеида на Црвеното Море денеска се преврте брод при истоварување на товар, при што загина најмалку еден работник, соопштија јеменските власти.

Товарот е во сопственост на Агенцијата за храна на Обединетите нации, соопштија неименувани официјални лица, пренесуваат западни медиуми. Тие велат дека засега не е позната причината за инцидентот, но додаваат дека бродот бил многу стар.

Вашингтон, 1 јуни 2021 (МИА) – Американската фармацевтска компанија „Модерна“ денеска соопшти дека поднела барање до властите во САД за добивање целосно одобрение за користење на својата вакцина против Ковид-19.

Моментно вакцината на Модерна е одобрена само за итна употреба.

Мадрид, 1 јуни 2021 (МИА) – Главниот тренер на Евертон, Карло Анчелоти може да се врати во Реал Мадрид.

Шеесет и едногодишниот Италијанец сега е фаворит за испразнетото место по заминувањето на Зинедин Зидан, објави „Марка“. Тој има предност во однос на Маурисо Покетино од ПСЖ, Антонио Конте и Раул.

Back to top button
Close
Close