МИА ФлешПакети

МИА Флеш

1 јули 2021

1 јули 2021

Скопје – Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ги одржи продолженијата на 29-тата, 30-тата, 34-тата, 39-тата и 41-вата седница на чиј дневен ред се повеќе законски решенија.

На дневен ред на 29-тата седница се предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за лична карта и на Законот за прекршоци, двата по скратена постапка.

Скопје – Проектите од Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 се реални вложувања, коишто живот значат за граѓаните, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за телевизијата „Клан“, според кого забелешките од опозицијата дека станува збор за празни ветувања се неосновани и тенденциозни.
– Имаме писма, документи, сме дошле до одредена фаза, донесена е одлука на Влада за усвојување на сите тие проекти и дадени се задолженија на институциите да влезат во финализација на правните документи за да почнат со реализација ваквите инвестиции, истакна премиерот Заев и нагласи дека станува збор за процес на кој се работи подолго време, но дека сега се создадени услови да биде соопштен пред јавноста.

Скопје – На армискиот полигон „Криволак“ денеска ќе се одржи презентација на моделите на лесните тактички оклопни возила JLTV (Joint light tactical vehicle) на производителот „Oshkosh Defense“ за кои е планирано да станат составен дел од капацитетите на Армијата на Република Северна Македонија.

На настанот ќе присуствуваат министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменикот началник на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.

Скопје – Универзитетската клиника за детски болести – Скопје денеска ќе го одбележи Светскиот ден на детето.

На настанот, како што најавија од Клиниката, ќе присуствуваат министерот за здравство Венко Филипче, словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш и претставници од компанијата „Алкалоид“.

Скопје – Од денеска граѓаните ќе можат да се движат без маски на отворено, ќе се дозволи организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси до максимум 100 лица, а ќе биде дозволено и присуство на публика на спортски натпревари што се одржуваат на отворено до 30 проценти од вкупниот капацитет на посетители. Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека иако епидемијата спласнува, граѓаните да останат внимателни.

Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести за олабавување на мерките, кои вчера беа прифатени од Главниот координативен Ковид-19 кризен штаб на Владата. Тие треба да важат од денеска. Владината прес-служба соопшти дека Штабот ги разгледал и потврдил препораките на Комисијата и ги предлага на конечно усвојување на денешната Владина седница.

Скопје – Европската Унија да ги засили евроинтеграциските процеси во регионот и на тој начин ќе даде одговор на проектите за големи држави и нови граници на Балканот, изјави вчера премиерот Зоран Заев. Во исто време, Центарот за европски политички студии, еден од највлијателните тинк тенкови во Брисел објави анализа на бугарско-македонскиот спор во контекст на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија и предупреди дека вовлекувањето на идентитетските прашања, ЕУ може скапо да ја чини.

Премиерот Заев, вчера во интервју за ТВ Клан Македонија, рече дека „феноменот на „нон-пејперите“ и сега овој проект за „Илирида“ кој повторно се иницира, се промотори на националистичките политики во регионот, и не само во регионот кога затајува Европа.

Скопје – АД Пошта на Северна Македонија денеска ќе  ја промовира поштенската марка „Република Северна Македонија на Европско првенство во фудбал 2020“.

Промоцијата ќе се одржи во просториите на Дирекцијата на АД „Пошта на Северна Македонија“ – Скопје. 

Скопје – Колку има политички мандат во Бугарија да се донесе оваа одлука пред изборите, каде ќе биде Патоказот и која би била содржината на Патоказот – ова се трите суштински фактори. Нашиот пристап е дека сите карти се ставени за пробив во јуни, но овие три прашања ќе бидат клучни за исходот, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во интервју за „360 степени“, шефот на дипломатијата не крие дека Бугарија бара Патоказот да биде дел од формалниот преговарачки процес на Северна Македонија, но вели дека на тоа се противат други земји членки на ЕУ, бидејќи евентуален преседан во македонскиот случај би можел да биде вовед во слични ситуации во иднина, во регион полн со билатерални спорови.

Скопје – Прекин на водоснабдувањето денеска од 09:15 часот ќе имаат корисниците од улица „Букурешка“ 83 и дел од улица „Прашка“, во Тафталиџе 1.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје информира дека корисниците ќе бидат без вода поради уличен дефект ф-80мм на улица „Букурешка“ 83.

Скопје – Добрите економски и билатерални односи меѓу Србија и Северна Македонија може дополнително да се унапредат со јакнење на динамиката и темпото на работа за изедначување на деловното опкружување и постигнување поголема вредност на регионот како една дестинација за инвестирање пред меѓународните пазари и институции, вели претседателот на Стопанската комора и ко-престедател на Коморскиот инвестициски форум Бранко Азески во интервју за српскиот дневен весник „Вечерни новости“.

Ова, како што истакнува, може да се направи преку заеднички проекти и заеднички инвестиции на сродни компании од двете земји, преку унапредување и продлабочување на економската соработка.

Виена – Австриската министерка за интеграција, Сузана Раб, во денеска објавените коментари застана во одбрана на контроверзната „карта на политичкиот ислам“, што беше објавена на Интернет кон крајот на мај.

-Ова во никој случај не е општо сомневање во муслиманите, изјави Раб за германскиот весник „Дие Велт“.

Москва – Со ставање на Чешка на списокот на непријателски земји, Русија ги нарекува работите со своето име, вели портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Не, Виенската конвенција е во спротивност со грабежот на рускиот дипломатски имот во Соединетите Американски Држави и протерувањето на руските дипломати од Прага поради долгорочна неможност да ги испита сопствените инциденти. А, Виенската конвенција не забранува да се нарекуваат работите со нивно име“, напиша Захарова на Фејсбук.

Варшава – Во судот во Варшава денеска треба да почне судскиот процес за шпионажа, во кој се вклучени поранешен полски агент од тајните служби и поранешен вработен во „Хуавеи“.

Полска во јануари 2019 година ги уапси двајцата мажи под сомнение дека шпионирале за Кина, што ја забрза меѓународната дебата за потенцијалните безбедносни ризици од користењето на опремата на „Хуавеи“ во комуникациските мрежи, пренесуваат британските медиуми.

Минск – Главната уредничка на независниот белоруски медиум TUT.BY, Марина Золотова е обвинета за затајување данок, соопшти медиумот, наведувајќи дека тоа е измислица во рамките на репресивната акција против медиумите.
„На Золотова и се заканува затвор од три до седум години доколку биде прогласена за виновна по сослушувањето зад затворени врати“, соопшти TUT.BY.

Богота – Венецуелската армија ги ослободи осумте војници кои на почетокот на мај беа киднапирани од страна на колумбиските вооружени групи во близина на меѓудржавната граница.

Според изјавата на венецуелските воени авторитети, операцијата „Столетен орел“ била изведена вчера и нивните војници се безбедни.

Рејкјавик – Исландските глечери, на кои им се заканува целосно исчезнување до 2200 година, веќе изгубија 750 километри квадратни површински простор од почетокот на 2000 година или седум проценти од вкупната површина, како резултат на глобалното затоплување, покажуваат податоците на најновото истражување.
Вкупно површината на глечерите, кои сè уште опфаќаат нешто повеќе од 10 проценти од островската држава, падна во 2019 година на 10.400 квадратни километри, според публикацијата во научното списание „Јокул“.

Женева – СЗО ги смени имињата на мутациите на коронавирусот, пишува Би-Би-Си.

Британскиот, индискиот и останатите соеви отсега ќе бидат именувани според буквите од грчката азбука. Така британскиот вид, на пример, е наречен Алфа, додека јужноафриканскиот стана Бета. Индискиот сега е Делта.

Тулса – Леси Бенингфилд Рендл (106), се уште може да се сети на куќите зафатени со пламен и телата наредени во камиони, ужасите во Тулса што по 100 години доведоа до ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден дека ќе работи на расната правда.

-Бев многу мало дете, но се сеќавам дека трчав и војници влегуваа, рече Рендл во интервју за британските медиуми, додека нејзиниот роден град Тулса се подготвуваше за обележување на едно од најтемните поглавја во својата историја.

Скопје – Виктор Давидовски го освои четвртото место на трката што се возеше викендот на „Пол Рикар“ за Големата награда на Франција, а овој пласман е највисок во историјата за македонските возачи откако се организираат трките од првенството на ТЦР Европа.

Согласно пропозициите, неделниот стартен распоред беше по обратен редослед од местата освоени во квалификациите, па возачот на „ПСС Рејсинг“ беше промовиран од 10 место на пол позицијата, а неговиот тимски колега Франко Џиролами беше на второто стартно место.

Скопје – Македонската фудбалска репрезентација денес од 18 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе одигра пријателски натпревар со словенечката селекција.

Ова ќе биде прва проверка за подготвеноста на избраниците на селекторот Игор Ангеловски пред настапот на Европското првенство.

Вашингтон – Кошаркарот на Вашингтон, Расел Вестбрук, му помогна на својот тим да избегне метла во серијата од првото коло против Филаделфија со трипл-дабл на четвртиот натпревар. Визардс ноќеска победија со 122:114 и намалија на 1:3 во серијата прв до четири победи.

Вестбрук средбата ја заврши со 19 поени, 21 скок и 14 асистенции. За него ова беше 12-от трипл-дабл во плејофот. Тој се најде на третото место во историјата за оваа статистичка категорија.

Рим – Играчот за врска на Рома, Хенрих Мхитаријан ќе го продолжи договорот со клубот, објави новинарот Николо Шира.

Според Шира, 32-годишниот Ерменец ќе потпише договор до 2023 година со плата од 4,5 милиони евра плус бонуси.

Скопје – Времето ќе биде променливо облачно и свежо со локални врнежи од дожд и ретки грмежи, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец, а температурата ќе биде под просекот за овој период од годината. Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 12, а максималната од 15 до 24 степени. Во Скопје ќе биде променливо облачно, со попладневен повремен пороен дожд. Минималната температура ќе биде околу 9, а максималната ќе достигне до 20 степени.

Back to top button
Close
Close