МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 мај 2021

27 мај 2021

Скопје – Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува до 8 јуни да се најде на дневен ред на следната седница барем една од двете интерпелации поднесени за министерот за правда Бојан Маричиќ и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски.

Џафери на денешниот брифинг со новинарите, информира дека до крајот на овој месец се очекува ребалансот на Буџетот да стигне во Собрание.

Скопје – Имајќи предвид дека пратениците и службите во Собранието се вакцинирани и со втора доза, плановите се од наредната седница да бидеме во редовната сала, Сала 1, информира денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Додава дека на тоа ќе претходи мислење и оценка од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.

Скопје – Владината Група за процена денеска едногласно реши да предложи од  Управувачкиот комитет за координација во Системот за управување со кризи, Владата да достави предлог до Собранието за продолжување на кризната состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на пандемија прогласена од Светската здравствена организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, соопшти ЦУК.

Истовремено, со тој предлог придружно оди и предлогот институциите во Системот за управување со кризи (СУК) да продолжат со активностите согласно за Акцискиот план за превенција и справување со ширењето на заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CоV-2, што е донесен на Втората седница на Главниот штаб за управување со кризи, од прогласувањето на кризната состојба што се уште трае.

Скопје – Државниот инспекторат за животна средина информира дека парично биле казнети физички лица кои во Струмица и Куманово без дозвола собирале отпаден метал од електрична опрема, електронска опрема и автомобилски школки на сопствено земјиште.

-Во Струмица е спроведена опсежна акција на осум локации од страна на државен инспектор за животна средина, инспектор по економски криминал од МВР, комунален инспектор и овластен инспектор за животна средина во општина Струмица и по утврдување на незаконско собирање, складирање и селектирање на отпад на приватно земјиште, изречени се соодветни санкции, стои во соопштението од инспекторатот.

Скопје – Премиерот Зоран Заев денеска ја прими втората доза на вакцината „Синофарм“ на вакциналниот пункт во спортската сала „Борис Трајковски“, согласно националниот план за имунизација на населението.

Како што соопштија од владината прес-служба, премиерот Заев се чувствува одлично и ќе го продолжи работниот ден согласно неговата агенда.

Скопје – Немаме дилеми да ги испорачаме гаранциите. Ние сме мирољубив народ и од нас може да се очекува само градење пријателство и соработка, вели премиерот Зоран Заев по повод изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека Бугарија сака јасни гаранции за нејзината национална безбедност и нејзините национални интереси.

Заев во интервју за „Фокус“ додава дека „ако се мисли на краткото и долгото име, Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија и точно се однесува на државата без никакви територијални претензии ниту кон Бугарија ниту кон другите соседи“.

Скопје – Без вода денеска ќе бидат улиците „Карл Либнехт“, „Темко Попов“, „Анри Барбис“ и „Модест Мусогорски“, информираат од ЈП „Водовод и Канализација“ – Скопје.

Прекинот на водоснабдувањето е поради изведување водоводен приклучок Ф 100 на улица „Благоја Стевковски“ и ќе трае до завршување со активностите.

Скопје – Агенцијата за млади и спорт денеска, во 13 часот, во нејзините простории, ќе додели награди од конкурсите за „Млади поети“, „Млади уметници“ и „Млади музички уметници“.

-Темата на сите конкурси беше одбележување 100 години од животот и делото на Блаже Конески, информираат од Агенцијата.

Скопје–  Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски заедно со градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, беа во посета во Општина Едемиш, Република Турција.

Како што информираат од општина Бутел, на средбите биле поставени темелите на културните и економските мостови и новите области на соработка.

Скопје – Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје доби полнач за електрични возила кој ќе биде наменет за истражувања и обука на студентите од електроника и електроенергетските насоки, информираат од ФЕИТ.

Полначот е донација од Република Словачка, поточно од Словачкиот фонд за предизвици, добиен во рамки на проектот „Greener Mobility“ и има моќност од 2×22 кw.

Скопје – Како се рефлектираше пандемијата Ковид  – 19 врз електроенергетските системи и какви мерки презедоа регулаторите од Европа за да го заштитат потрошувачите се дел од темите на третиот трилатерален состанок организиран од Советот на европски регулатори на енергија (CЕЕR), Одборот на регулатори на Енергетската заедница (ECRB) и Здружението на медитерански регулатори на енергија (MEDREG) .

Како што информираат од Комисија за енергетика и водни услуги, регулаторите се сложиле дека во изминатиот период поради концентрираната работа од дома кај потрошувачите има зголемен интерес за нивните права кога станува збор за квалитетот на испорачаната енергија и понудената услуга од снабдувачите.

Скопје – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се сретна со министерот за Европа на СР Германија, Михаил Рот. На средбата присуствуваа и потпретседателите Александар Николоски и Владо Мисајлоски и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски.

Мицкоски, како што се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, го запозна Рот со политичката ситуација во земјата, но и недемократскиот однос на власта.

Скопје – Младински образовен форум со поддршка од Американска амбасада го спроведува проектот „Младински претприемачки вештини“. Проектот има за цел да ја пополни празнината што ја остави формалното образование за практични вештини и применливо знаење, додека се бори против една од клучните причини за иселување на младите – невработеноста.

Како завршна активност МОФ отвара повик за пријавување на тимови, најмногу до тројца, или поединци кои имаат идеја и ќе изработат свој бизнис план до 04.06, а на 06.06 ќе го презентираат истиот пред жири-комисијата.

Скопје – Со џез концерт на отворено и еден од најголемите класици на немиот филм „Толпата“ (THE CROWD) вечерва, со почеток од 20 часот, во летното кино „Мирно лето“, стартува 11-тото издание на Филозофскиот филмски фестивал.

-Вљубениците на добриот звук ќе имаат можност, од 20 часот,  да уживаат во музичкиот  перформанс на YORDAN KOSTOV QUINTET, маркантна и сонично флуентна екипа на млади, но беспрекорно талентирани музичари, велат организаторите.

Атина – Поддршка за европската перспектива на Западен  Балкан изразиле алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија Гашпер Довжан за време на нивниот состанок преку видеоконференција, јави дописничката на МИА од Атина.

Варвициотис и Довжан разговарале во пресрет на словенечкото претседателство со ЕУ што започнува на 1 јули, а како што соопштија од двете министерства, била потврдена и грчката поддршка за претседавањето на Словенија.

Љубљана – Словенечкиот премиер Јанез Јанша го поддржа проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан, оценувајќи дека членството во Унијата ќе реши многу проблеми во тој регион, вклучувајќи го и прашањето за границите и мешањето од странски фактори.

– Проширувањето на ЕУ е од заеднички интерес, тоа треба да биде наш стратешки одговор на бројни предизвици, изјави Јанша на виртуелната заедничка прес-конференција со претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.

Тирана – Во Албанија од први јуни се укинува задолжителното носење заштитна маска на лицето на отворен простор а полицискиот час се скусува за еден час и ќе трае од 23:00 до 6 часот.

Ова се дел од мерките што денес ги соопшти техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата, по направената анализа на епидемиолошката состојба.

Брисел – Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија ќе разговараат за воведување економски санкции против Белорусија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.

Причината е принудното слетување на патнички авион на „Рајанер“ во Минск на 23 мај и притворањето на новинарот Роман Протасевич и неговата пријателка.

Сеул– Јужна Кореја го потпиша меѓународниот договор предводен од САД со кој се утврдуваат правилата за истражување на вселената, објави НАСА.

Американската вселенска агенција соопшти дека Јужна Кореја е десеттата земја која ја потпишала програмата Артемис, започната во 2020 година и е именувана по програмата на НАСА за слетување на астронаути на Месечината до 2024 година.

Женева – Неодамнешните израелски воздушни напади врз Појасот Газа може да бидат оквалификувани како воено злосторство, предупреди шефицата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединети нации, Мишел Бачелет.

– Ако се утврди дека имало неселективни и непропорционални напади врз цивили и цивилни објекти, таквите напади може да претставуваат воени злосторства, нагласи Мишел Бачелет на специјалната седница на Советот за човекови права на ОН.

Вашингтон – Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин се очекува да одобри денеска преместување на единствениот носач на авиони кој се наоѓа во азиско-пацифичкиот регион кон Блискиот Исток, објавија американски медиуми.

Ретките движења на носачот на авиони УСС „Роналд Реган“, лоциран во Јокосука, Јапонија, кои обично се случуваат околу Пацификот, би поддржале повлекување на американските трупи од Авганистан, соопштија официјални лица

Делчево – Младите кик-боксери од Кик-боксинг клубот „Ас“ од Делчево кои на Европскиот куп што се одржа во Србија, освоија повеќе медали добија признание од  градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој организираше свечен прием во нивна чест. Оддавајќи им признание за спортските успесиТрајковски го потенцираше значењето на постигнатите резултати на младите кик-боксери и нивниот придонес кон развојот на спортот и натпреварувачкиот дух кај младите во Делчево.

– Секогаш сме горди на спортските успеси на младите спортисти во Делчево, бидејќи тие го запишуваат Делчево на листата градови каде се негуваат спортски таленти, а кик-боксот има квалитетна и долга традиција. Сите овие медали се поттик повеќе за поддршка на младите спортисти кои не само што придонесуваат за развој на индивидуалниот и колективниот спорт во Делчево, туку и спортот да се наметне како начин на живот на младите во нашиот град, рече Трајковски.

Цирих – Македонската фудбалска репрезентација останува на 62. место на најновата ФИФА ранг-листа објавена денес.

Избраниците на селектор Игор Ангеловски во јуни ги очекува настап на Европското првенство каде се во група со Холандија која е 16-та, Австрија која се наоѓа на 23. место и Украина 24-пласирана во рангирањето на Светската фудбалска асоцијација.

Милано – Францускиот фудбалер Оливие Жиру ќе се пресели од Челзи во Милано. Според „Calciomercato.com“, италијанскиот клуб се договорил со напаѓачот за двегодишен договор со плата од околу четири милиони евра годишно. Французинот веќе бара дом во Милано.

Останува страните да се договорат за малите детали од договорот. Трансферот ќе биде објавен по финалето во Лигата на шампионите помеѓу Челзи и Манчестер сити закажано за 29 мај.

Амстердам – Селекторот на Холандија, Франк де Бур, донесе конечна одлука кои 26 играчи ќе ги пријава за претстојното Европско првенство.

Недостатокот на минутажа во Тотенхем за 23-годишниот Бергвијан во текот на последните месеци од Премиер лигата го чинеше настап на ЕВРО 2020, бидејќи Де Бур го избра Коди Гакпо од ПСВ Ајндховен.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close