МИА ФлешПакети

МИА Флеш

27 мај 2021

27 мај 2021

Скопје –  Со посетата на базиликата „Санта Марија Маџоре“, претседателите на Северна Македонија и Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев денеска заеднички ќе им оддадат почит на Светите браќа Кирил и Методиј. Двајцата претседатели ќе положат цвеќе пред пред спомен плочата во чест на Свети Кирил и Методиј. Тие ги предводат делегациите на двете земји во посетата на Рим и Ватикан во чест на сесловенските просветители.

Положувањето цвеќе во спомен на сесловенските просветители на плочите на македонски и бугарски јазик и воопшто заедничката посета и заедничкото патување со бугарски државен авион на двете делегации се оценува како чекор кон затоплување на климата меѓу двете земји и тоа во момент кога на маса е ставен португалскиот предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија и за одблокирање на процесот на евроинтеграција на Северна Македонија.

Софија – Сите бугарски електронски медиуми известуваат за заедничката посета на престедателите на Северна Македонија Стево Пендаросвки и на Бугарија Румен Радев на Рим. Тие обрнуваат внимание на очекувањата од нивната посета на Ватикан и на Италија.

Како што известува дописникот на МИА во Софија, медиумите во Бугарија информираат дека директорите на Медумската информативна агенција – МИА Драган Антоновски и на Бугарската телеграфска агенција – БТА Кирил Волчев потпишаа Договор за размена на информации и професионална соработка помеѓу во присуство на претседателите Пендаровски и Радев. Пишуваат дека овој договор е во согласност со Договорот за пријателство помеѓу двете држави. „БТА и МИА ќе преземат ефикасни мерки за размената на информации да нема недобронамерна пропаганда и поттикнување на насилство, омраза или други слични дејствија, што ќе ги нарушат односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија“.

Скопје –  Состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 22 јуни за време на португалското претседателство за Германија е добра можност Скопје и Софија да дојдат до решение на проблемот прифатливо за двете страни. Скопје пак е умерен оптимист дека тоа е можно, но само доколку постои добра волја и кај Софија.

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, вчера на прес-конференцијата во Скопје со неговиот домаќин вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров порача дека земјата постигна голем напредок, и легитимно е да очекува ЕУ  да ги исполни ветувањата, а по неуспехот за време на германското претседателство Унијата да ги започне преговорите со С Македонија и Албанија, сега работат со португалското претседателство со Советот на ЕУ тоа да може да успее.

Скопје – „Дали се потребни реформи во изборниот систем“  е темата на четвртата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК).

Според организаторите, од темата треба да се развие дебата и да се донесат препораки преку кои ќе ги приближиме граѓаните до политичкиот систем, но и политичкиот систем до граѓаните, од каде тој го црпи својот легитимитет.

Скопје – Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, како кровна организација на лицата со мултипла склероза и параплегија во Македонија, денеска во Музејот на македонската борба, ќе ги одбележи 14 мај – Ден за подигнување на јавната свест за лицата со параплегија во светот и 30 мај – Светскиот ден на лицата со мултипла склероза.

– Тоа се денови кога се преземаат активности со цел подигање на јавната свест за проблемите со кои се соочуваат лицата со мултипла склероза и параплегија и потребата од подобрување на нивните права за независен, самостоен и целосно интегриран живот во општеството, се наведува во соопштението од Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија.

Скопје – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Буџетскиот совет на Собранието и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

На дневен ред на Буџетскиот совет е Предлог- одлуката за давање на финансиска согласност на Предлог-годишниот план за изменување на Годишниот план за вработување во Службата на Собранието за 2021 година.

Скопје – Во организација на Здружението на историчари на Република Македонија (ЗИРМ), денеска ќе се одржи научна трибина насловена „Потребата за промена на учебниците по историја: осовременување или политизирање?!“, прва од серијалот што ќе следи во рамки на одбележувањето на јубилејните годишнини од  револуционерната борба за државност и за независност.

Како воведничари на форумот се најавени претседателот на ЗИРМ проф. д-р Митко Б. Панов кој воедно ќе ја модерира трибината, и проф. д-р Катерина Тодороска, доц. д-р Игор Јуруков, м-р Александар Јаневски  м-р Борче Милошески.

Скопје – Омбудсманите на Албанија Еринда Баланца и на Косово Наим Ќелај денеска ќе го посетат Собранието на Република Северна Македонија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, предвидена е средба со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Скопје – Избор на најуспешни жени менаџерки ќе се одржи вечерва 25-ти пат во организација на Агенцијата Марили, којшто ќе биде посветен на 25 жени менаџери кои биле дел од досегашните избори во иминатиот четврт век, а овојпат ќе бидат наградени за нивното континуирано успешно менаџирање, како и успешно справување во услови на ковид-криза.

Избрани се претставнички на приватниот бизнис од различни области и дејности од целата држава од мали, средни, но и од големи компании, се со цел да се покаже дека жената менаџер е присутна во сите дејности и на сите нивоа и дека е длабоко втемелена во економскиот развој на државата. Најголем дел од овие компании во оваа и минатата година издвојуваа средства и ресурси за помош на здравствени установи и социјално загрозени граѓани, со што дадоа свој придонес за полесно надминување на последиците од пандемијата.

Скопје – Во ЈЗУ Психијатриска болница “Скопје“, денеска свечено ќе биде пуштен во употреба комплетно реновиран болнички објект.

Објектот е со капацитет од 40 болнички кревети и е наменет за продолжено лекување, рехабилитација и ресоцијализација на пациенти од машки пол со душевни растројства и пречки во развојот.

Софија – Новоназначеното бугарско воено аташе во Москва – бригадниот генерал Борислав Сертов, не може да ја преземе функцијата бидејќи му е забранет пристап до класифицирани информации, објави бугарскиот медиум 24 Часa. Сертов е поранешен началник на воената полиција.

Причината за одбивањето на пристапот е сомневање  дека Сертов бил лојален на руската шпионска мрежа во Бугарија.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави подобрување на односите со САД и ги повика големите американски корпорации да соработуваат повеќе со Турција.

Ердоган истакна дека се надева оти најавената средба со американскиот претседател Џо Бајден ќе овозможи отворање на нова ера во односите меѓу Анкара и Вашингтон, што се многу тензични од 2016 година.

Брисел – Во 2020 година, Европската унија извезла речиси 5,2 милиони автомобили (бензин, дизел, електрични и хибридни електрични автомобили), додека три милиони автомобили биле увезени, соопшти Евростат.

Бензинските автомобили го сочинуваат најголемиот дел од извезените автомобили (64 отсто од извозот на автомобили надвор од ЕУ), проследено со дизел автомобили (22 отсто) и електрични и хибридни електрични автомобили (14 отсто). Што се однесува до увозот, бензинските автомобили учествуваат со повеќе од половина од увозот на автомобили што не се членки на ЕУ (53 отсто), а потоа следат електрични и хибридни електрични автомобили (30 отсто) и дизел автомобили (18 отсто).

Париз – Француската фармацевтска група Санофи соопшти дека нејзината вакцина развиена со британската компанија ГлаксоСмитКлајн влегува во последната фаза од клиничките испитувања, односно тестирање врз луѓе, јави дописникот на МИА.

Француската лабораторија соопшти дека почнува со големи испитувања за нејзиниот главен проект за вакцини против Ковид-19. Двете компании сметаат лансирање на овој производ по крајот на 2021 година со неколку месеци на доцнење.

Њу Делхи – Најмалку пет луѓе загинаа, а илјадници останаа без своите домови откако циклонот Јас го погоди источниот брег на Индија.

Циклонот беше пропратен со високи бранови и ветер со брзина од 155 километри на час.
Индиските власти наредија евакуација на околу половина милион луѓе пред налетот на циклонот Јас во Бенгалски Залив, во индиските држави Источен Бенгал и Одиша.

Њу Делхи – Најмалку пет луѓе загинаа, а илјадници останаа без своите домови откако циклонот Јас го погоди источниот брег на Индија.

Циклонот беше пропратен со високи бранови и ветер со брзина од 155 километри на час.
Индиските власти наредија евакуација на околу половина милион луѓе пред налетот на циклонот Јас во Бенгалски Залив, во индиските држави Источен Бенгал и Одиша.

Киншаса – Властите во Демократска Република Конго денеска наредија евакуација на дел од жителите на градот Гома поради опасност од нова ерупција на вулканот Њирагонго.

Официјални лица предупредија дека ерупција на копно или под езерото Киву може да се случи наскоро и без знаци на предупредување.

Париз – Во 2023 година ќе се врати бројот на патници во авионите во светот на нивото од 2019 година односно како пред пандемијата со Ковид-19, што доведе до колапс на воздушниот сообраќај, соопшти Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА).

Се очекува годинава бројот на превезени патници ширум светот да биде 52 отсто од пред кризата, а следната година да се искачи на 88 проценти.

Њујорк – Фејсбук соопшти дека ќе преземе „посилни“ активности против луѓето кои постојано споделуваат неточни информации на платформата.

Фејсбук ќе ја намали дистрибуцијата на сите објави на страницата за новости на сметката доколку корисникот често споделува содржина што се покажува лажна и е верификувана од една од партнерските компании за проверка на фактите, соопшти гигантот за социјални медиуми.

Јоханесбург – Поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума примил мито повеќе од 700 пати пред да стане шеф на државата, соопштија обвинителството, на почетокот на судењето на поранешниот лидер поради корупција.

Зума, претседател на најразвиената африканска економија од 2009 до 2018 година, е обвинет за бројни случаи на корупција, но и за рекетирање, измами, затајување данок и перење пари. Тој е обвинет, меѓу другото, и за примање мито во готовина од француската компанија Талес, која произведува оружје.

Вашингтон – Кинеската Aмбасада во САД синоќа соопшти дека политизирањето на потеклото на Ковид-19 ја попречува истрагата, откако американскиот претседател Џо Бајден изјави дека разузнавачката заедница на САД е поделена околу тоа од каде потекнува вирусот.

Амбасадата соопшти дека „некои политички сили се насочени кон политичка манипулација и наоѓање на виновникот“.

Вашингтон – Кошаркарот на Вашингтон визардс, Расел Вестбрук ја повика НБА да преземе нешто по инцидентот со навивачот во арената „Велс Фарго“ во Филаделфија.

– Не би се осмелил некој на улица врз Расел Вестбрук да истури пуканки, бидејќи знаете што ќе се случи тогаш. Време е да започнеме да ги заштитуваме играчите во арените. Да видиме што ќе направи раководството на НБА-лигата, изјави Вестбрук.

Гдањск – Фудбалерот на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд проговори за поразот на неговиот тим во финалето од Лига Европа против Виљареал.

– Јас сум разочаран. Тешко е да се објаснат овие чувства. Дојдовме да победиме, работевме напорно во текот на целата сезона, имавме можност да освоиме трофеј. Треба да разбереме на што треба да се работи. Тимот нема да се предаде, тренерот нема да се предаде, изјави Рашфорд.

Мадрид – Зинедин Зидан ќе ја напушти функцијата главен тренер на Реал Мадрид. Како што пишува новинарот Фабрицио Романо, вчера францускиот фудбалски стручњак веќе им ја соопштил својата одлука на сите со кои работи, а исто така разговарал и со играчите.

Зидан ќе ја објави својата одлука да го напушти Реал Мадрид заедно со претседателот на клубот Флорентино Перез.

Гдањск – Фудбалерите на Виљареал триумфираа во овогодишното издание на Лига Европа, совладувајќи го вечерва Манчестер јунајтед со 11:10 на пенали, откако финалето во Гдањск по 120 минути фудбал заврши нерешено 1:1.

Во своето прво европско клупско финале, Виљареал дојде во водство во 29. минута преку Жерар Морено, постигнувајќи го својот 82. гол во дресот на шпанската екипа со што се израмни со најдобриот стрелец во клупската историја и поранешен напаѓач на Манчестер јунајтед, Џузепе Роси.

Барселона – Иднината на тренерот на Барселона, Роналд Куман во каталонскиот клуб е неизвесна.

На заедничка средба на 58-годишниот Куман и неговиот агент Роб Јансен, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта јасно стави до знаење дека преговара со други тренери.

Скопје– Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремен пороен дожд и појава на грмежи. Локално ќе има појава на невреме со поинтензивни електрични празнења, силен ветер и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 17, а максималната ќе достигне од 24 до 30 степени. УВ индексот ќе изнесува седум.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Во делови од котлината ќе има нестабилност во форма на невреме со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 27 степени. И во петок ќе има изолирана појава на пороен дожд и грмежи, а ќе дува и засилен северен ветер. Температурата во следните денови ќе биде во постепено опаѓање.

Back to top button
Close
Close