МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 мај 2021 

18 мај 2021 

Скопје – Единствено евроинтеграциите водат кон долгорочна перспектива за регионот на Западен Балкан, но доколку евроинтеграциите траат со години алтернативите за ЕУ ќе стануваат покредибилни. Затоа, процесот на европеизација и интеграција на Западниот Балкан е единствен одговор на влијанието на надворешните актери во регионот.Ова беше порачано денеска на свеченото отворање на регионалната школа за безбедност „Надворешните актери и нивното влијание на регионалната безбедност и евро-интегративниот процес на Западен  Балкан“ во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот за европски студии Вилфред Мартенс и Универзитетот Св. Климент Охридски-Битола.

Скопје –  Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои се пријавиле преку веб платформата vakcinacija.mk е 376.987 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.445 граѓани, а вкупниот број на вакцинирани граѓани во текот на вчерашниот ден е 9.721, информира Министерството за здравство.

– Во државата вкупно се аплицирани 207.219 дози вакцини, а ревакцинирани се 31.599 граѓани. Со последните бројки, 40 проценти од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 33 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, соопшти Министерството.

Скопје  –  Во Уставниот суд денеска се одржа подготвителна седница по иницијативите за оценување на уставноста на Указот за прогласување на Законот за јавното обвинителство и Законот за јавното обвинителство од 16 февруари 2020 година. Судијата Осман Кадриу на почетокот на седницата констатира дека во врска со Законот за јавно обвинителство, до Уставниот суд се поднесени три иницијативи, и тоа од Тодор Петров, Томе Тодоровски и Михајло Маневски. Со иницијативите, како што рече судијата Кадриу, се тврди дека со донесениот Закон се повредени повеќе одредби од Уставот на Републиката.

Скопје – Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија во рамки на 41 седница едногласно и без расправа ја донесоа Одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „ALTEA“ во Босна и Херцеговина и Одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Скопје – Пратениците денеска пред утврдување на дневниот ред на 41. седница не ги усвоија предлозите на Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица кои предлагаат по скратена постапка да се донесе Законот за утврдување на максималните цени за болничко лекување и за тестирање на пациенти со КОВИД-19 во приватните задравствени установи.

Не беше усвоен и предлогот на група пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои предлагаат по скратена постапка да се донесе законот за дополнување на Законот за здравствената заштита.

Скопје – ЈЗУ Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на белодробни заболувања Отешево со поддршка од Министерството за здравство, подготви дел наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација. Оваа болница е единствена од ваков вид во државата за пулмонална и физикална рехабилитација која постои и работи 40 години. Оваа болница е „воздушна бања” односно е сместена помеѓу двата национални паркови Галичица и Пелистер, покрај Преспанското Езеро, информира денеска Министерството за здравство.
-Голем дел од пациентите кои имале Ковид-19 се соочуваат со потешкотии во дишењето и движењето и тие полесно би се надминале со стручна помош односно со респираторни и физикални вежби. Резултатите од оваа рехабилитација имаат голем бенефит по здравјето на овие болни и оваа рехабилитација претставува важен сегмент во здравствениот систем.

Скопје – Сојузот на синдикатите на Македонија апелира до надлежните државни и инспекциски органи да преземат мерки за санкционирање на работодавачи кои ги попречуваат работниците да се вакцинираат во термините кои им се определени во работните денови или пак денот за имунизација им се третира како неплатено отсуство.

Сето ова, како што соопштија од ССМ, ги дестимулира работниците да се имунизираат, а со тоа се загрозува животот и здравјето на работниците, но и се попречуваат мерките на Владата за масовна имунизација на населението како единствен излез од здравствената криза и можност за постепено враќање на сите функции на општеството и државата.

Белград – Загадувањето на воздухот и понатаму останува водечки фактор на ризик за животната средина придонесувајќи на вкупниот број смртни случаи и инвалидитет во Западен Балкан. Проценетите годишни економски трошоци поврзани со штетите по здравјето предизвикани од ова загадување се запрепастувачки, со просечни 240 милиони долари во Косово (3,6 отсто од БДП), 750 милиони долари во Северна Македонија (6,9 отсто од БДП) и 1,38 милијарди долари во Босна и Херцеговина (8,2 отсто од БДП) во 2016 година, соопшти Светска Банка (СБ).

Софија – Новиот бугарски министер за правда, Јанаки Стоилов, за неколку дена ќе нареди ревизија во Агенцијата за регистрација и Дирекцијата за бугарско државјанство и анализа на склучените јавни набавки. Како што јавува дописникот на МИА од Софија, целта на инспекциите, што се очекува да завршат до крајот на месецот, не е да се прават смени, туку да се утврди дали во овие институции има лоша пракса, што треба се елиминира во корист на граѓаните, објасни министерот Стоилов.Ќе се проверува, исто така, и како се спроведува механизмот за борба против корупцијата во Бугарија.

Хаг – Дваесет и две осомничени лица се уапсени во меѓународна полициска операција во која учествуваа пет земји со поддршка на Европол и Евроџаст. Се претпоставува дека уапсените се членови на организирана криминална група, која го оштетила шпанскиот буџет за повеќе од 26,5 милиони евра.

-Во серија координирани рации на 28 април беа извршени претреси на 24 места кои припаѓаат на криминалната банда“, соопшти Европол. Претреси беа извршени во Шпанија (18), Холандија (5) и Белгија (1).Истражителите запленија 16 луксузни возила и 13 недвижности во вредност од околу 1,3 милиони евра и замрзнаа десетина банкарски сметки што ги држеле криминалците во 33 различни финансиски институции.

Ерусалим,– Палестинците во Израел, Ерусалим и на окупираниот Западен брег денеска одговорија на повикот за генерален штрајк во знак на протест против конфликтот во Појасот Газа. Тие протестираат и против израелската политика, за која многу активисти и некои организации за човекови права тврдат дека претставува систем на апартхејд во кој на Палестинците им е ускратено правото што го имаат Евреите.
Израел ги отфрла ваквите проценки, тврдејќи дека граѓаните на таа земја ги имаат истите права и ја обвинува Хамас, исламската екстремистичка организација што владее со Газа, за конфликтот и за поттикнување насилство низ целиот регион.

 

Токио  – Здружението на лекари во Токио повика на откажување на Олимписките игри на околу два месеци пред нивниот почеток во јапонската престолнина поради пандемијата на коронавирусот, наведува ДПА.

Во писмо испратено до јапонскиот премиер Јошихиде Суга, меѓудругите, групата од околу 6.000 лекари побара од владата и организаторите да се консултираат со Меѓународниот олимписки комитет (МОК) за откажување на Игрите.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close