МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 мај 2021

18 мај 2021

 

Скопје – Македонска и бугарска делегација на 26 овој месец со заеднички активности во Рим ќе го слават делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

Делегациите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија предводени од претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев, оваа година заедно со бугарски авион, ќе патуваат за Рим. Претседателот Радев ќе допатува во Скопје и по кусата средба со претседателот Пендаровски на скопскиот аеродром, заедно со група бугарски и македонски новинари ќе отпатуваат за Рим, информираат од кабинетот на Пендаровски.

Скопје – Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја одржи 41. седница на која на дневен ред се 70 точки – предлог одлуки и закони од повеќе области, како и интерпелации за работата на министерот за правда Бојан Маричиќ и на вицепремиерот за борба против корупцијата, за одржлив развој и за човечки ресурски Љупчо Николовски, поднесени од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според предложениот дневен ред, интерпелациите за Маричиќ и Николовски се 35 и 36 точка на седницата, а први точки се предлог одлуките за испраќање на припадници на Армијата за учество во меѓународните операции на Европската Унија „ALTEA“ во Босна и Херцеговина  и „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република.

Скопје –  ЕУ да го забрза процесот на пристапување, повикувајќи на итно отворање преговори за членство со Албанија и Северна Македонија, е еден од заклучоците во декларацијата на осумте претседатели од Западен Балкан меѓу кои и претседателот Стево Пендаровски од десетиот самит на процесот Брдо-Бриони во Словенија.

Претседателот на Словенија Борут Пахор соопшти дека со заедничка декларација се повикува Европската унија да го види регионот на Западен Балкан како целина, а не само како одделни држави со кои преговара и оти треба да гледа на регионот како на геополитичко прашање.

Скопје – Онлајн информативната сесија за сезонска работа ќе се одржи денеска, активност на Македонското здружение  на  млади  правници во  партнерство со  Националната  комисија  за  борба  против трговија  со  луѓе  и  илегална  миграција  на  Северна  Македонија преку  проектот „Подигнување  на свеста за трговија со деца преку интернет и трудова експлоатација на сезонски работници во Северна Македонија поддржан од ГИЗ“.

Од МВР најавија дека на информативната сесија ќе учествува државната секретарка во МВР и национална координаторка за борба против трговија со луѓе Магдалена Несторовска.

Скопје – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, 24 Мај (понеделник), е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерството на сите граѓани во Република Северна Македонија им го честитаат празникот „Св.Кирил и Методиј”, Денот на сесловенските просветители.

Скопје – Македонскиот јазик, литература и култура веќе 45 години се изучуваат на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ – јубилеј којшто е исклучително значаен за македонистиката. По тој повод денеска ќе се одржи свечен настан преку платформата Зум, на кој ќе се обратат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Никола Јанкуловски,  рускиот амбасадор во државава Сергеј Александрович Баздникин, Оливера Чаушевска-Димовска, в.д. амбасадорката на Северна Македонија во Руската Федерација, проф. д-р Андреј Александрович Липгарт, декан на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М. В. Ломоносов“ и проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.

Скопје –  Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје од денеска до сабота ќе спроведува акција за собирање кабаст отпад во сите скопски општини. Претпријатието, во рамки на акцијата, ќе постави специјални садови во кои граѓаните ќе можат да го одложат стариот мебел и отпадот од електричната и електронската опрема.

Контејнерите наменети за одлагање кабаст отпад, ќе бидат поставени на следните локации:

Скопје – Платформата за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ (Safe Travels Stamp) и протоколи за безбедно патување на Светскиот совет за туризам и патување денеска официјално ќе бидат промовирани во Скопје.

На настанот ќе се обратат министерот за економија Крешник Бектеши, швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и Ана Таневска Ѓоргиевска, претседател на Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора на Северна Македонија.

Скопје – Без вода денеска од 8:30 до 9:30 часот ќе бидат корисниците на дел од населба Радишани.

Како што информираат од ЈП Водовод и канализација Скопје, прекинот е поради чистење и дезинфекција на лева комора од резервоар Радишани.

Скопје – Во Изложбениот салон – Империјал 1 во КИЦ – Скопје вечер ќе биде отворена изложба од ликовниот уметник Росица Лазеска што ќе трае до крајот на месецов. На изложбата ќе бидат изложени 30 дела работени во техниките: туш, колаж, пастел и пенкало, создадени последниве три години.

Лазеска е родена во 1956 во Скопје. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1986 година и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика во 1992 година.

Скопје – Во Музејот на РС Македонија денеска ќе биде отворена изложбата „На Срем“ на која ќе бидат поставени над 120 фотографии, селектирани од богатата фото документација зачувана во Музејот.

Низ слика и текст, изложбата го следи борбениот пат на македонските единици, офицери и борци, како и нивните премрежја на Сремскиот фронт и во завршните операции за ослободување на Југославија и за победа над фашизмот, во последните месеци од Втората светска војна.

Софија – Новите бугарски министри за надворешни работи и за економија во техничката Влада, Светлан Стоев и Кирил Петков, со американската амбасадорка во Софија, Херо Мустафа, ги разгледаа темите од агендата на стратешкиот дијалог Бугарија-САД и претстојното бугарско претседателство со иницијативата за три мориња.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот за надворешни работи Стоев го истакна континуитетот во надворешната политика на службената влада, како и желбата на бугарската страна за натамошно продлабочување на стратешкото партнерство со САД и на билатерален план и во контекст на трансатлантските односи. Тој се фокусираше на клучните приоритети на Бугарија во односите со САД, вклучувајќи го и приемот на Бугарија во Програмата за безвизен режим (Visa Waiver Program), почетокот на преговорите за билатерален договор за социјално осигурување, поддршката за пристапувањето на Бугарија во Организацијата за економска соработка и развојот.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека ја проколнува австриската Влада откако го крена израелското знаме во австриските федерални министерства.

-Ја проколнувам австриската Влада што го закачи израелското знаме на зградата на администрацијата на канцеларијата. Кревањето на знамето на терористичка држава на своја државна зграда значи идентификување со теророт. Австрија очигледно се обидува да ги принуди муслиманите да платат за геноцидот што го изврши врз Евреите, рече Ердоган во Анкара.

Вашингтон – Турција се заканува дека ќе продолжи да купува оружје од Русија, и покрај предупредувањата на Вашингтон, пишува Гласот на Америка.

Додека САД го интензивираат притисокот врз Анкара да се откаже од купување на рускиот систем за противракетна одбрана С-400, турскиот министер за одбрана Хулуси Акар овој месец ги отфрли американските приговори.

Вашингтон – Турција се заканува дека ќе продолжи да купува оружје од Русија, и покрај предупредувањата на Вашингтон, пишува Гласот на Америка.

Додека САД го интензивираат притисокот врз Анкара да се откаже од купување на рускиот систем за противракетна одбрана С-400, турскиот министер за одбрана Хулуси Акар овој месец ги отфрли американските приговори.

Париз– Франција наскоро ќе ја достигне точката кога маската повеќе нема да биде задолжителна на отворено, изјави министерот за здравство, Оливие Веран, без да даде притоа датум, кога тоа ќе се случи, јави дописникот на МИА.

-Се уште не сме на ова ниво, но ќе стигнеме наскоро, рече Веран во интервјуто за БФМТВ.

Брисел – Советот на Европската унија за една година ги продолжи санкциите за одредени граѓани и организациите од Русија поради „учество во компјутерски криминал“.

На списокот на оние чии санкции се продолжени, се и лица и групи од Северна Кореја и Кина.

Аркангелск – Најмалку едно лице загина, две се повредени, а едно се води како исчезнато во хеликоптерска несреќа што се случи во крајниот северозападен руски регион Архангелск, соопшти локалната канцеларија за сообраќај на Рускиот истражен комитет.

– Според прелиминарните податоци, падот на хеликоптерот „Робинсон“ кај островот Муџуг во областа Архангелск е пријавен во 21.25 часот по московско време. Хеликоптерот полетал од аеродромот Васково во тој регион, и како резултат на несреќата, едно лице го загуби животот, две се повредени, а едно се води како исчезнато, се наведува во соопштението.

Скопје – Навивачите на македонската фудбалска репрезентација ќе можат да ги следат настапите на нивните миленици на Европското првенство во Букурешт доколку покрај обезбеден билет, имаат и негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа при влезот во Романија, или пак имаат потврда за примени две дози на вакцини против Ковид 19.

Престојот во Романија нема да биде ограничен на три дена, бидејќи претходната одлука да мора да се напушти државата по 72 часа од влезот веќе не важи.

Лондон – Британската консултантска компанија „ Brand Finance“ претстави рејтинг на најскапите фудбалски брендови во светот.

Првото место, како и минатата година, му припадна на Реал Мадрид, иако вредноста на брендот падна од 1,572 милијарди на 1,499 милијарди долари.

Париз – Напаѓачот на Лион, Мемфис Депај се договори за трансфер во Барселона, пренесува „Л’Екип“.

Според францускиот весник, 27-годишниот холандски фудбалер ќе се пресели во каталонскиот клуб пред Европското првенство во 2020 година како слободен агент.

Париз – Трикратниот освојувач на Грен слем трофеи, Стен Вавринка ќе го пропушти Ролан Гарос. На главната ждрепка за Грен слемот во Париз, тој ќе биде заменет со Камил Маиржак.

Вавринка нема одиграно меч уште од турнирот во Доха. Кон крајот на март беше опериран на левата нога.

Скопје – Времето денеска во утринските и претпладневните часови ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Во текот на денот облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен, а повремено и засилен ветер, во западните делови од западен, а во останатите од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје, во утринските и претпладневните часови ќе биде променливо облачно со повремен слаб дожд. Во текот на денот сончево со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 24 степени. Утре ќе биде стабилно со засилен југозападен ветер. Во четврток и петок ќе преовладува променливо облачно и свежо време со слаб локален дожд и засилен северен ветер. Стабилно и потопло се очекува за време на викендот.

Back to top button
Close
Close