Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Во Кабинетот на претседателот денеска беа доделени сертификатите на учесниците во програмата „Млади менаџери и бизнис лидери“ кои што во изминатиов период успешно ја завршија обуката во осумте компании – членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија АД, Комфи Ангел, Ван Хоол Македонија, Кемет Електроникс Македонија, ЕОС Матрикс Македонија, Филип Морис ТКП, Рамстор Македонија и Макстил АД Скопје.

Претседателот Пендаровски, како што се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, изразувајќи благодарност до овие општествено одговорни компании кои ги ставија на располагање своите капацитети, овозможувајќи им стручно усовршување на младите менаџери и бизнис-лидери, истакна дека преку оваа програма, се мотивираат младите професионалци да останат и да се реализираат тука, во Северна Македонија. Тоа, како што посочи претседателот Пендаровски ќе ја трансформира нашата држава во слободно и просперитетно општество во кое ќе се ценат квалитетот, посветеноста и професионалноста.

Охрид, 14 мај 2021 (МИА) – Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Охрид ги посети училиштата „Ванчо Питошески“ и „Наум Охридски“, во рамки на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, за промоција средното стручно образование и запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите што ги нуди тој тип образование.

Царовска изрази задоволство што Охрид преку двете образовни установи е еден од регионалните центри за стручно средно образование, со капацитет да обезбедува кадри како за потребите на стопанството во регионот, така и за целата држава.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска е во посета на општина Битола, по средбата со стопанствениците изјави дека нема ефект од државната помош за стопанството во овој град, дека фирмите се борат за егзистенција. Големи разочарувања, рече тој, има и од  локалната власт, која, како што нагласи, на граѓаните им сервира лажна реалност.
 

-Луѓето го кажаа своето мислење, дека тешко се работи, дека од ветената помош буквално нема ништо, никаков ефект, мака мачат од први до први да обезбедат плата за вработените и да ги задржат вработените, да го задржат својот бизнис. Тоа се луѓе коишто го граделе својот бизнис неколку децении, разочарани се од неефикасноста на администрацијата од локалната самоуправа. Генерално ги презентираа своите гледишта околу тоа како треба да се развива Битола, и дадоа свои коментари и совети за централната власт, односно Владата со какво внимание и со кое внимание треба да се посвети на Битола и околината на Битола. И генерално за Пелагонискиот регион проблем останува високото ниво на криминал и корупција она коешто го нотираат и меѓународните институции како што е Транспаренси интернешнл, рече Мицкоски по денешната средба со стопснствениците во Битола.

Куманово, 14 мај 2021 (МИА) – Од вкупно 61 пријава за труење со храна кај децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“, кај 31 дете и тројца вработени, изолирана е бактеријата салмонела ентеритидис, потврдија денеска од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Бактеријата е откриена во оригиналното пакување во мајонез. Инспекторатот извршил и контролен надзор и констатирал дека храната се носи од главната кујна, а затворена останува кујната во „Пчелка“, во занималните каде беа сместени децата со симптоми на труење е извршено чистење и дезинфекција и во овие објекти нема згрижено деца.

Атина, 14 мај 2021 (МИА) – Северна Македонија е меѓу земјите за кои, веќе и официјално постои исклучок од забраната за влез во Грција, согласно министерската одлука објавена во Службен весник, во која детално се објаснети условите за патување кај јужниот сосед, јави дописничката на МИА од Атина.

За влез во Грција, за сите со наполнети пет години, задолжително е или сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или потврда за прележан Ковид-19.

Охрид, 14 мај 2021 (МИА) – Оваа година избраниот хибриден модел на наставата даде одлични резултати, без застој во образованието, а притоа се заштити здравјето на учениците и наставниците како и колективното здравје. Тоа покажа дека образовниот систем може да се справува со вакви потреси. Тоа денеска до Охрид го посочи министерката за образование и наука Мила Царовска која беше во посета на средните стручни училишта во градот.

Царовска истакна дека моментално фокус на Министерството за образование и наука е вакцинација на наставниот кадар. Покрај учителите од прво до трето одделение, имунизацијата продолжува со прва вакцина за преостанатите наставници и професори, како и на одговорните лица за спроведување на матурата. Според неа, предвидена е одредена динамика на вакцинирање на наставниот кадар група по група, а преостанува после спроведувањето на матурата да се утврди начинот како ќе се одвива учебната година од септември.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Екипата на Навико Академија ФМП попладнево го победи Пелистер со 100:98 и се избори за полуфинале што е најголем успех во историјата на клубот од Кисела Вода.

Тренерот на Академија ФМП, Александар Петровиќ ги пофали своите избраници за пожртвуваната игра во текот на целиот меч.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Според план-календарот на Федерацијата за коњички спорт на РС Македонија, Коњичкиот клуб „БРАВАДОС“ од Скопје на терените во Волково, утре ќе го одржи „Мајскиот коњички турнир“.

Воедно ќе се одржи и 1. коло од отвореното Лига – првенство во прескокнување на пречки за 2021 година.

Приштина, 14 мај 2021 (МИА) – Неколку десетици граѓани се собраа денеска во центарот на косовската престолнина, за да му изразат поддршка на палестинскиот народ во конфликтот што изби на Средниот Исток меѓу Палестина и Израел, јави дописникот на МИА од Приштина.

„Солидарност со палестинскиот народ“ беше главната парола на поворката организирана преку социјалните мрежи од групата наречена „Колектив за феминистичка мисла и дејствување“.

Будимпешта, 14 мај 2021 (МИА) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави кон крајот на минатиот месец дека тинејџери на возраст меѓу 16 и 18 години ќе можат да ја примат вакцината на Фајзер/БиоНТек. Повеќе од 90.000 млади луѓе веќе се регистрирале за вакцинација, со неопходна дозвола од родителите, пишува Евроњуз.

Едно 17-годишно момче изјави дека одлучило да се вакцинира за да го заштити своето семејство, верувајќи дека тоа може да претставува пат до „нормалниот“ живот.

Келн, 14 мај 2021 (МИА) – Цели три години по неговото исчезнување на швајцарските Алпи, суд во Келн денеска го прогласи за мртов милијардерот Карл-Ериван Хауб, јави ДПА.

Хауб, кој беше ко-сопственик на малопродажниот конгломерат Тенгелман, сам заминал на скијачка експедиција на 7 април 2018 година, во Зермат во Швајцарија и повеќе не се врати. Неговото семејство верува дека тој починал во несреќа во близина на врвот Клајн Матерхорн. Во тоа време имал 58 години.

Ерусалим, 14 мај 2021 (МИА) – Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц ги повика раководствата на социјалните мрежи Фејсбук и ТикТок да се борат против пропагандата и да ги отстранат содржините кои шират говор на омраза, објави „Тајмс оф Израел“.

Според Ганц, ваквите мерки ќе помогнат да се спречи насилството, кое намерно се пропагира и се разгорува преку социјалните мрежи од екстремистички елементи кои сакаат да му наштетат на Израел.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close