Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Укинување на ограничувањето на работното време и на одлуката за забрана со работа во внатрешните делови на угостителските објекти или во најмала рака дозвола за работа во внатрешноста на оние објекти кои имаат „златен сертификат“, се дел од барањата што Независната угостителска комора утрово ќе испратила до Комисијата за заразни болести и до Министерството за здравство.

Од НУК бараат да се укине и забраната за настап на музички групи во угостителските објекти и да се дозволи одржување на настани, прослави и веселби во сите угостителски објекти согласно предлог-протоколи што треба да се изготват. Се предлага да се дозволи на иста маса соодветно да седат шест или повеќе лица.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Охрид ќе ги посети училиштата „Ванчо Питошески“ и „Наум Охридски“.

Посетата на двете училишта е во рамки на втората фаза од кампањата за промоција средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, чија цел е запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите кои ги нуди овој тип на образование.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров утрово во рамки на Делфи економскиот форум во Атина ќе се обрати на панел посветен на ЕУ и Западен Балкан.

Панелот насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување“ ќе се одржи во 08:30 часот по македонско време, а според најавите, на него ќе говори и еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Министерството за внатрешни работи демантира дека синоќа имало престрелка во скопската населба Ченто како што објавија дел од медиумите.
Во соопштението од МВР се наведува дека се работи за сообраќајна незгода, а не за престрелка.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Во Центарот за иновации и дизајн „Јавна Соба“, денеска ќе се одржи Саем за креативни искуства и размисли насловен како „Добро утро креативци“.

Настанот е организиран од Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“, по повод промоцијата на првото печатено издание на Скала магазин, девет години од првиот одржан час во школата и промоција на „Институтот за дизајн и технологија – ИДТ Скопје“ како нова форма за развој и поддршка на прогресивни образовни политики и нови методи на учење.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Министерката за одбрана Радмила Шекеринска заедно со началникот на Генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски денеска на Криволак ќе учествуваат на брифинг за новинари за претстојната вежба „Одлучен удар 21“.

Вежбата „Одлучен удар – 21“ ќе се реализира во периодот од 17  мај до 2 јуни 2021 година на АП „Криволак“ со учество на околу 1500 припадници од армиите на САД, Грција, Бугарија и од Република Северна Македонија.

Скопје, 14 мај 2021 (МИА) – Времето денеска во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне во планинските региони со услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец, поизразен во западните делови.

Како што соопшти УХМР, минималната температура ќе биде во интервал од пет до 10, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.

Софија, 13 мај 2021 (МИА) – За време на меѓународната конференција на Атлантскиот клуб во Бугарија „Ние сме пред иднината: Подготовки за НАТО 2030 година“, американската амбасадорка во земјата Херо Мустафа ја истакна борбата против корупцијата како многу важен елемент. Како што јави дописникот на МИА од Софија, пренесувајќи ја изјавата на амбасадорката, борбата против корупцијата е директно поврзана со позицијата на Бугарија како стабилна членка на НАТО на југоисточното крило на Алијансата.

– Гледаме како различните инфраструктурни проекти нудат средина за коруптивни практики. Затоа Бугарија мора да го искористи моментот и да ги направи јавните набавки транспарентни, да ја зајакне контролата над државните компании и да го подобри спроведувањето на законот. Целта е да се направи сè за јавното добро, рече американската амбасадорка во Софија.

Париз, 14 мај 2021 (МИА) – План за драстично намалување на сообраќајот со автомобили во центарот на француската престолнина Париз до 2022 година, е предложен од Градскиот совет. Се работи за ограничување на сообраќајот во четири централни области, давајќи им приоритет на велосипедистите, пешаците и јавниот превоз наместо тоа.

Област со помалку сообраќај ќе доведе до „помалку загаден, позелен, помирен и побезбеден град“, соопштија официјални претставници на градските власти.

Фејрфакс, 14 мај 2021 (МИА) – Поради коронавирусот, просечниот животен век на луѓето се намалува за 1,5-2 години, смета Анча Баранова, професорка на Одделот за системска биологија при универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Фејрфакс, Вирџинија, САД. Таа потсетува дека Ковид-19 е болест од којашто човек може да се зарази повеќе од еднаш.

– Болест предизвикана од коронавирус, го скратува животот – во некои случаи, и значително. Сега се решава сериозното прашање за намалувањето на просечниот животен век на луѓето како вид. Во развиените земји (според статистичките податоци) просекот е намален за 1,5 – 2 години. Причината за ова е коронавирусот, рече Баранова.

Вашингтон, 14 мај 2021 (МИА) – Стејт департментот им препорача на Американците да ги преиспитаат своите планови да патуваат во Израел и палестинските територии поради зголемувањето на израелско-палестинското насилство.

Во упатството издадено синоќа, Стејт департментот ги смени препораките за патување во Израел, Западниот брег и Појасот Газа и ги подигна на ниво – три, што значи „преиспитување зa патување“.

Њујорк, 14 мај 2021 (МИА) – Генералниот секретар на ООН Антонио Гутереш повика на итен прекин на непријателствата меѓу Израелците и Палестинците.

„Од почит кон духот на Бајрам, повикувам на итнa деескалација и прекин на борбените дејствија во Газа и Израел“, напиша Гутереш на Твитер.

Дортмунд, 14 мај 2021 (МИА) – Борусија Дортмунд го победи РБ Лајпциг со 4:1 во финалето на Купот на Германија одиграно синоќа во Берлин.

Тренерот на „црно-жолтите“, 38-годишниот Един Терзиќ стана најмладиот тренер во 21 век кој го освоил овој турнир.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close