МИА ФлешПакети

МИА Флеш

18 февруари 2020

18 февруари 2020

Загреб, 18 февруари 2020 (МИА) – Зоран Милановиќ и официјално е нов претседател на Хрватска, откако точно напладне со давање свечена заклетва се обврза дека функцијата ќе ја врши совесно и одговорно.

Како што јави дописникот на МИА, Милановиќ заклетвата ја прочита на мала церемонија на Пантовчак, во присуство на своето семејство, на сега веќе поранешната претседателка Колинда Грабат-Китаровиќ, премиерот Пленковиќ и претседателот на Собранието.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) потсетува дека јавниот повик за поднесување барања за финансиска поддршка преку Програмата за капитални субвенции истекува за седум дена, заклучно со 25-ти овој месец.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – МВР очекува во март да добие 100.000 обрасци за патни исправи. Во моментов се преостанати 3.700 обрасци, од нив 650 ќе бидат за издавање патни исправи по итна постапка, а останатите ќе се издаваат по приоритет. До пристигнување на новата пратка обрасци системот за издавање патни исправи се размислува да биде ставен вон функција, информира техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев на денешната прес-конференција.

Тетово, 18 февруари 2020 (МИА) – Пробивањето на булеварот „Видео Смилевски-Бато“ во Тетово само го дислицира проблемот со сообраќајот во градот, обвинија од Комисијата за транспорт и врски при Демократската партија на Албанците на денешната прес-конференција. Сообраќајниот метеж според нив се должи и на нессодветни постапки на другите булевари.

Струмица, 18 февруари 2020 (МИА) – Општина Ново Село продолжува со акцијата „Канта за отпад за секое домаќинство“, која започна во септември минатата година. Преку грант од проектот за подобрување на општинските услуги, спроведeн од Министерството за финансии, набавени се 2.039 пластични канти.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на предвремените парламентарни избори денеска објави дека се обврзува на инвестиции во патната инфратсруктура во износ од две милијарди евра. Меѓу тие проекти се изградба на нов автопат од Велес до Битола, довршување на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, на експресните патишта, како што рече денеска на прес-конференција, почнати во време на последниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, но и нови од Куманово до Крива Паланка, Битола до грчка граница и од Струмица до границата со Бугарија.

Делчево, 18 февруари 2020 (МИА) – Во Делчево и Македонска Каменица започна пријавувањето за набавка на огревно дрво за следната грејна сезона. Пријавувањето и годинава ќе го врши Шумско стопанство „Голак“ Делчево, од каде информираат дека е во тек склучувањето договори со заинтересирани правни и физички лица кои од подружницата ќе набавуваат огревно дрво.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Општина Аеродром деновиве ги почна активностите за изградба на новиот парк во населбата Мичурин, соопшти прес-службата на Општината.

Урбаниот парк, како истакна градоначалникот Златко Марин, ќе се гради на постојното игралиште спроти ОУ „Блаже Конески“, а ќе биде со површина од 3.573 квадратни метри. Паркот ќе понуди зелени површини, детско игралиште, пешачки патеки со клупи, комбинирано спортско игралиште за рекреација, како и место за друштвени игри за најмладите.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Судот ја исклучи јавноста од денешното рочиште на „Рекет“, на кое теба да бидат презентирани преостанатите три фолдери од усб-то на Зоран Милевски-Кичеец.
Судијката Васка Николовска-Масевска, одлуката ја образложи со тоа што го посочила обвинителката дека со јавното изведување ќе се наруши угледот на лица кои не се дел од овој кривично-правен настан.
Адвокатот Дељо Кадиев укажа дека членот 354 од ЗКП не предвидува исклучување на јавноста по основот на кој побара обвинителството.
Обвинителката Вилма Русковска, на почетокот предложи да се исклучи јавноста, бидејќи се слушаат имиња на луѓе на кои може да им се наруши угледот.

Гевгелија,18 февруари 2020 (МИА) – Претставници на АД во државна сопственост „Национални енергетски ресурси“ денеска на состанок кај гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков презентираа дека гасоводот од Грција во нашата земја ќе влезе меѓу селата Богородица и Стојаково.

Според проектот, гасоводот, како што беше речено, ќе минува низ територијата на општина Гевгелија кај селата Прдејци и Смоквица, а градот Гевгелија ќе биде споен со него на приклучната станица која ќе се гради на влезот од градот.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Го поздравувам усвојувањето на повеќе реформски закони, вклучително и Законот за јавно обвинителство. Нивната имплементација треба да го зајакне владеењето на правото и ќе овозможат подобра професионализација и ефикасност на судството за добробит на граѓаните на Северна Македонија, објави денеска евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар во пишана изјава.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Новиот закон за енергетска ефикасност денеска стапи во сила откако минатата недела беше изгласан во Собранието и објавен во „Службен весник“.

Во овој закон, како што информираат од Министерството за економија, во целост се имплементирани прописите за енергетска ефикасност на Европската унија и тој ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во оваа област.

Скопје, 18 февруари 2020 (МИА) – Владата денеска ќе ја одржи редовната 10-та седница на која меѓу точките е и разгледување на годишниот извештај за работата на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации за 2019 година.
На предлог на Министерството за економија на седницата, која е предвидено да започне во 12:00 часот, е и извештајот за работата на Националниот комитет за олеснување на трговијата согласно обврските од Спогодбата за олеснување на трговијата во рамки на Светската трговска организација.

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close