МИА ФлешПакети

МИА Флеш

5 февруари 2020

5 февруари 2020

Москва, 5 февруари 2020 (МИА) – Рускиот претседател Владимир Путин им порача на аптеките дека ќе им биде одземена дозволата за работа доколку ги зголемат цените на заштитните антивирусни маски.

Русија, која минатата недела ги пријави првите два случаи на коронавирусот, веднаш ги врати своите туристи од Вухан, епицентарот на епидемијата, назад во матичната земја.

Струмица, 5 февруари 2020 (МИА) – Неосветлениот среднобранов антенски столб на ЈП „Македонска радидифузија“ е причината за урнувањето на полицискиот хеликоптер на 10 јули 2014 година кај Струмица, во кој загинаа четворица пилоти на МВР, сметаат вештаците Дарко Данев, професор на Машинскиот факултет во Скопје и Стојко Пејовски, пилот во АРМ.

Приштина, 5 февруари 2020 (МИА) – Новата претседателка на косовското Собрание Вјоса Османи, по денешната средба со германскиот амбасадор во земјата Кристијан Хелд, изјави дека новите косовски власти ќе ја укинат таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и истата ќе ја заменат со целосен реципроцитет со тие држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Денеска е многу важен ден за нас, еден од најпозитивните моменти после октомвриското разочарување во Брисел кога неуспехот на ЕУ да постигне консензус за продолжување на процесот создаде разочарување, непредвидливост и го разниша кредибилитетот Унијата во Западниот Балкан, меѓутоа и меѓусебната доверба меѓу Унијата и Балканот. Денеска е првиот ден кога процесот на враќање на кредибилитетот почнува силно и позитивно, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Цементарница УСЈЕ, пред која денеска група граѓани протестираа изразувајќи револт поради загадувањето, истакнува дека работи согласно највисоките стандарди и оти паушални се тврдењата на граѓанските организации.

Приштина, 5 февруари 2020 (МИА) – Новоименуваниот косовски министер за одрбана Антон Ќуни ја прими денеска официјално должноста, при што побара од неговиот претходник Рустем Бериша да му биде политички советник, јави дописникот на МИА од Приштина.

Битола, 5 февруари 2020 (МИА) – Општина Битола на јавноста ги претстави реализираните активности во проектот гасификација и инфраструктура, што според градоначалничката Наташа Петровска овозможува напролет да се изведе основниот проект и да се издаде градежна дозвола.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Битолската фирма „Еко клуб“ во текот на минатата година до Дрисла транспортирала 4700 килограми медицински отпад, а само во јануари, како што вели градоначалникот Петре Шилегов, откако Градот Скопје располага со материјали за неправилности во работењето, транспортирала 1900 килограми. Извештајот од спроведената контрола вчера на инсталацијата во Металски завод Тито за третман на медицинскиот отпад, од Државниот инспекторат за животна средина се чека, а вонредната контрола, пак, спроведена на 12 декември на „Еко клуб“ од страна на инспекторатот, не покажала неправилности.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Колективниот договор се преговараше добри и тешки две години. Не одговоривме на сите барања, ова е максимум што ние можевме и минимум што тие можеа да прифатат, изјави денеска Министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски.

Белград, 5 февруари 2020 (МИА) – Четиринаесет српски државјани се наоѓаат на крузерот „Diamond Princess“, кој е ставен во карантин во Јапонија поради коронавирусот, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Владината одлука за склучување Колективен договор со државната администрација која предвидува и исплата на К-15, за министерката за финансии Нина Ангеловска е уставно и фер и недискиминирачки сите вработени да го примаат, бидејќи веќе во приватниот сектор се исплаќа.

Скопје, 5 февруари 2020 (МИА) – Постапка за кривично дело и барање за притвор за инспекторот од Управата за јавни приходи-УЈП кој побара поткуп од 300 евра, денеска поведе Основното јавно обвинителство Гостивар за злоупотреба на службена положба и овластување.

Брисел, 5 февруари 2020 (МИА) – Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, ја презентираше новата преговарачка методологија за земјите кандидати пред новинарите и пред европратениците денеска во Брисел.

Back to top button
Close
Close