МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 јануари 2020

23 јануари 2020

Женева, 23 јануари 2020 (МИА) – Коронавирусот што првпат беше регистриран во кинескиот град Вухан, од кој починаа веќе 25 луѓе, многу полесно се пренесува од човек на човек отколку што претходно се предвидуваше, изјави Дејвид Хејман од Светска здравствена организација (СЗО).

Досега од коронавирусот заразени се повеќе од 700 луѓе.

– Сега веќе гледаме ширење на втората и третата генерација, посочи Хејман.

Ерусалим, 23 јануари 2020 (МИА) – Американскиот потпретседател Мајк Пенс изјави денеска дека светот мора силно да се спротивстави на „грозната плима на антисемитизам“ кој се шири низ светот, оценувајќи дека предводник на таа политика е Иран.

– Мораме да бидеме подготвени да се соочиме и да го разоткриеме тој ужасен бран на антисемитизам, кој поттикнува омраза и насилства ширум светот, истакна Пенс пред светските лидери на Форумот за холокаустот.

Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) – Предлог законот за јавно обвинителство е направен политичарите да не местат обвинители, туку да биде структурно и системско решение далеку од рацете на политичарите и во функција на јакнење на независноста и реформите во правосудството и воопшто не држат тезите дека преку него некој се обидува да амнестира случаи и да скрие криминал на актуелната власт, порача денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) – Сигурна сум дека изборите ќе ги организираме како 30. членка на НАТО Алијансата, изјави денеска на прес-конференција вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање во врска со последната 29-та ратификација на Протоколот за нашето членство во Алијансата која наскоро треба да се случи во Парламентот во Шпанија, а ќе следи и во нашиот Парламент.

Брисел, 23 јануари 2020 (МИА) – Европската унија нема да се согласи на политичко решение на либискиот конфликт доколку Турција и Либија не се откажат од договорот за делимитаризација на поморските граници, што беше потпишан во ноември, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Меѓународно признатиот либиски премиер, Фајез Сараџ, неделава изјави дека неговата земја ќе се најде пред „катастрофална ситуација“ доколку странските сили не извршат притисок врз генералот Калифа Хафтар да ја крене нафтената блокада, пренесе БТА.

Лондон, 23 јануари 2020 (МИА) – Британскиот министер за здравство Мет Хенкок денеска оцени дека бројот на случаи на новиот коронавирус веројатно ќе биде многу поголем од досега потврдените.

– Сите жртви досега беа од континентална Кина. Меѓутоа, ова е ситуација која брзо се развива и бројот на смртни случаи и на заболени веројатно ќе биде поголем од досега потврдените, истакна Хенкок во британскиот Парламент.

Ерусалим, 23 јануари 2020 (МИА) – Израелскиот претседател Рувен Ривлин на денешниот состанок со рускиот претседател Владимир Путин повика на заедничка борба против антисемитизмот оценувајќи дека нема шанси да се постигне успех во тоа без учество на Русија.

– Чувствуваме длабока возбуда додека славиме 75-годишнина од ослободувањето на Аушвиц, истакна Ривлин.

Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) – Првпат во нашата држава имаме закон за млади, со кој се третираат нерегулираните прашања од областа на младите, соопшти директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски нагласувајќи дека со законот првпат се дефинира категоријата млади во државата.

Со законот кој вчера беше донесен во Собранието се дефинираат формите на младинско учество и претставување, регистарот на форми на младинско организирање, младинското учество, политиките и сервисите за млади.

Ерусалим, 23 јануари 2020 (МИА) – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека не треба да се намалуваат жртвувањата и придонесот на Советите во Втората светска војна. Ова тој го изјави на церемонијата на отворање на споменикот во Еруслаим, посветен на опсадата на Ленинград што траеше 900 дена.

Нетанјаху притоа потсети дека во таа војна беа убиени милиони жители на Советскиот сојуз.

Скопје, 23 јануари 2020 (МИА) – На Универзитетската Клиника за детски болести во моментов се хоспитализирани четири деца со симптоми на грип, информираат од таа јавна здравствена установа.

Децата, како што посочуваат, се на возраст од една до седум години и меѓу нив нема тешко болни, ниту во животозагрозувачка состојба.

 

 

 

Back to top button
Close
Close