Скопје, 11 мај 2021 (МИА) – Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, денеска попладне заминува за Мадрид, што е прва посета на Кралството Шпанија на премиерско ниво.

Заев во Мадрид доаѓа од Брисел каде што вчера имаше средби со претседателката на Европската комисијата Урсула фон дер Лајен и со други високи претставници на Европската унија и Европскиот парламент, на кои побара да се одблокира европскиот пат на С Македонија и порача дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет, наметнати како прашања од Бугарија, воопшто не смеат да бидат тема на разговор.

Скопје, 11 мај 2021 (МИА) – Синдикатот на АД ЕСМ донираше прехранбени производи за вработените во ковид центрите во неколку градови во државата.

Шестотини пакети млечни производи беа доставени до медицинскиот персонал во ковид центрите во Битола, Струга, Кичево, Гостивар и во Кавадарци, како помош и поддршка за вработените и нивните семејства во текот на верските празници Велигден и Рамазан Бајрам, кои голем број медицински лица и технички персонал ги поминаа на работните места во ковид центрите грижејќи се за тешко болните пациенти.

Скопје, 11 мај 2021 (МИА) – Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и амбасадорката на САД во Скопје, Мери Брнз, денеска на армискиот полигон „Криволак“ ќе проследат дел од завршните активности на вежбата „Trojan Footprint 21“ во која учествуваат специјалните сили на армиите на Република Северна Македонија и на САД.

На денешните активности припадници од баталјонот за специјални сили и специјалните сили од Армијата на САД за Европа ќе изведат постапки и вежбовни активности кои ќе ја прикажат интероперабилноста на НАТО сојузниците при изведување на специјални операции.

Страбур, 11 мај 2021 (МИА) – Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни (КПТ), денеска во Стразбур по добиеното одобрување од македонските власти го објави извештајот за 5-та периодична посета на Северна Македонија, заедно со одговорот на властите на земјата. При посетатата е утврдено дека полициската бруталност е во пораст и дека властите не успеаја да преземат доволно мерки за да ги решат долгогодишните структурни недостатоци во затворскиот систем, јави дописникот на МИА.

За време на посетата, што се одржа од 2 до 12 декември 2019 година, делегацијата на КПТ доби бројни обвинувања за физичко малтретирање нанесено од полициски службеници врз осомничени за кривични дела. Тие и се пожалиле на делегацијата на КПТ дека биле подложени на удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети за време на апсењето или во полициска станица со цел да извлечат признание од нив. Извештајот, долг 101 страница, содржи описи на неколку случаи во кои делегацијата собрала медицински докази за да ги поткрепи овие наводи.

Атина, 11 мај 2021 (МИА) – Министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Насер Нуредини денеска ќе учествува на панел дискусија посветена на „Европскиот зелен договор“ на Делфи економскиот форум во Атина, а ќе оствари средба и со неговиот грчки колега, јави дописничката на МИА од Атина.

На панелот, Нуредини ќе дискутира заедно до извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерман и министерот за енергија и животна средина на Грција Костас Скрекас.

Скопје, 11 мај 2021 (МИА) – Нема лошо време за квалитетна реформа. Промените во системот на образование не се избрзани, туку се темелат на Стратегијата за образование 2018-2025 донесена кога министерка беше Рената Десковска и на Законот за основно образование, донесен кога министер беше Арбер Адеми, што покажува континуитет во работата на Владата за создавање квалитетно образование. Со години се правени анализи на образованието, домашни и меѓународни истражувања, каков систем на образование ни е потребен, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во дебатната емисија на ТВ Клан.

Царовска рече дека сега е време да се направи исчекор, затоа што секоја изгубена минута со неквалитетно образование нé чини прескапо во по-глед на подготвувањето на човечкиот потенцијал за времето коешто доаѓа. Треба да почнеме денес, за да очекуваме поголем економски раст и развој по 15 години, со под-готвен човечки потенцијал.

Брисел, 11 мај 2021 (МИА) – По првиот ден на посетата на премиерот Зоран Заев и македонската делегација во Брисел во пресрет на јунскиот ЕУ самит каде Северна Македонија сè уште се надева дека конечно формално ќе се отворат преговорите за членство во Унијата, станува јасно дека плановите за одвојување на Скопје и Тирана не наидуваат на поддршка во европските престолнини, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заев својата посета ја започна всушност во неделата вечер кога се сретна со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, но клучните средби ги оствари вчера. Прво со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, потоа и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Скопје, 11 мај 2021 (МИА) – Министерот за одбрана на Чешката Република, Лубомир Метнар денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Како што соопшти Министерството за одбрана, министерот Метнар ќе оствари те-а-тет средба со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а ќе се одржи и заедничка средба на македонската и чешката делегација.

Софија, 11 мај 2021 (МИА) – Медиумите во Бугарија се полни со информации за можните имиња на идните министри во привремената влада на земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, изненадувањето во кабинетот на претседателот на Бугарија Румен Радев би било појавувањето на Јанаки Стоилов, кој би ја зазел функцијата министер за правда. Сè уште е нејасно дали тој ќе влезе во владата, бидејќи Стоилов, како член на Бугарската социјалистичка партија, мора да добие дозвола од неа. Се очекува партијата да го одобри неговото учество во владата.

Атина, 11 мај 2021 (МИА) – За време на словенечкото претседателство со Европската унија, во втората половина на годината, ќе се одржи вонреден Самит посветен на Западен Балкан, односно за проширување на Унијата со земјите од регионот, соопштија премиерите на Грција и Словенија Кирјакос Мицотакис и Јанез Јанша по нивната средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис рече дека уште од Самитот во Солун во 2003 година, Грција, „како најстара членка на Унијата во поширокиот регион, е протагонист во обидите за проширувањето на ЕУ со Западен Балкан“.

Москва, 11 мај 2021 (МИА) – Учител и шест деца загинаа во пукањето што се случи во училиште во рускиот град Казан, велат извори, пренесува БГНЕС. Локални медиуми јавуваат дека се повредени повеќе ученици.

Претходно беше соопштено дека две непознати лица отвориле оган врз училиште во Казан.

Москва, 11 мај 2021 (МИА) – Русија не е вклучена во кибер нападот врз главната американска компанија за дистрибуција на нафтени деривати „Колонијал пајплајн“, изјави синоќа портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

– Русија нема никаква врска со тоа, истакна Песков коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Џозеф Бајден дека Вашингтон нема докази оти Русија е вмешана во кибер нападот врз компанијата, но оти има индиции дека нападот бил извршен од територијата на таа земја.

Њу Делхи, 11 мај 2021 (МИА) – Кризата во Ковид-19 во Индија денеска покажа мали знаци на попуштање, но седумдневниот просек на нови случаи е рекордно висок.

Седумдневниот просек на нови случаи е рекордно висок, изнесува 390.995, а во последните 24 часа се регистрирани 329.942 случаи, додека бројот на смртни случаи од оваа болест е зголемен за 3.876, според денешните податоци на Министерството за здравство.

Вашингтон, 11 мај 2021 (МИА) – Американската администрација го следи недостигот на гориво во делови од југоисточниот дел на земјата и разгледува различни реакции, се вели во соопштението издадено од портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

„Американскиот претседател Џо Бајден продолжува да добива редовни ажурирања за состојбата со Colonial Pipeline. Администрацијата продолжува да го проценува влијанието на инцидентот врз снабдувањето со гориво на источниот брег и да разгледа какви активности да преземе за да го ублажи ефектот што е можно повеќе”, рече Псаки. Претседателот им наложи на федералните агенции да ги користат своите ресурси за да помогнат во намалување на дефицитите таму каде што можат да се појават “.

Торонто, 11 мај 2021 (МИА) – Победата на Индијана против Кливленд од 111:102 му ја одзеде последната шанса на Торонто репторс за пласман во плејофот на НБА-лигата оваа сезона.

Шампионите од 2019 година беа учесници во разигрувањето за трофејот седум последователни години (2014-2020). Само Портланд може да се пофали со ваква серија, која исто така трае од 2014 година.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close