МИА ФлешПакети

МИА Флеш

23 април 2021

23 април 2021 

Скопје – Секое понатамошно неефектуирање на европската перспектива на регионот и неизвесноста на намерите на ЕУ, создава вакуум кој што може да биде пополнет од други глобални актери и ја поткопува улогата на Унијата на меѓународната сцена, со што добива и безбедносни димензии. 

Ова било истакнато на денешната средба во Вилнус меѓу вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и премиерката на Литванија Ингрида Шимоните. Димитров, по вчерашната посета на Летонија, денеска во Вилнус продолжува со балтичката турнија. 

Скопје – Билатералната соработка, со фокус врз економијата и можностите за засилено инфраструктурно поврзување, беа теми на разговор на средбата во Приштина на министерот за надворешни работи, Бујар Османи  со косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи и дијаспора, Доника Гервала-Шварц, со која ја започна официјалната посета на Косово. 

Како што соопшти МНР, на пленарните состаноци на двете делегации, беа реафирмирани исклучително добрите односи меѓу Северна Македонија и Косово, како и подготвеноста на двете страни за натамошно градење на блиско и трајно пријателство, во интерес на граѓаните на двете земји, но, како што истакна министерот Османи и како „добар пример за регионот кој сè уште е соочен со бројни предизвици“. 

Скопје –  Прв хакатон за намалување на сивата економија во е-трговијата насловен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија” ќе се одржи виртуелно од 14 до 16 мај, во организација на Асоцијацијата за е-трговија, во соработка со Економскиот Факултет – Скопје и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, а со поддршка од Mastercard како главен партнер. 

Предизвикот на овој хакатон е „Како да се намали сивата економија во е-трговија?“ и е поделен на две категории „Едуцирај и мотивирај“ и „Детектирај и сузбиј“. Студентите кои ќе бидат дел од хакатонот ќе имаат задача во текот на 48 часа да развијат иновативни решенија за намалување на сивата економија – одговарајќи на една од двете категории, со што преку категоријата „Едуцирај и мотивирај” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за подигнување на свеста за сивата економија и ќе мотивираат за нејзино избегнување, а преку категоријата „Детектирај и сузбиј” ќе се креираат решенија кои ќе придонесат за детектирање на сивата економија во е-трговијата и ќе делуваат корективно, преку вклучување на самите граѓани и е-купувачи. 

Скопје – Министерот за правда Бојан Маричиќ оствари работна средба со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми. На првата средба по изборот на Адеми за прв човек на Врховен, како што соопштија од прес-службата на министерството, е разговарано за повеќе актуелните теми и прашања. 

На состанокот станало збор и за остварувањето на уставните и законските надлежности на Врховниот суд, како и за заложбите за финансиска и административна независност. 

Скопје – Во Основниот кривичен суд – Скопје, со испрашување на сведоци на одбраната, како дел од дополнение на доказна постапка, денеска продолжи судењето за случајот „Тортура“. 

Прв обвинет во овој случај е поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој во обвинението поднесено од поранешното СЈО, е осомничен за кривично дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ од член 142 став 1 в.в. со член 23 од КЗ. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“. 

Скопје – Северна Македонија првпат добива Закон за потекло на имот.Ќе се испитува нелегално стекнат имот и капитал, објави денеска вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски. 

– На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, првиот чекор е направен. Подготвена е физибилити студија за Законот за потекло на имот, која содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение. Веќе е формирана работна група која започнува со работа за подготовка на Законот за потекло на имот, објави на својот Фејсбук профил Николовски. 

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека епидемиолошката состојба предизвикана од коронавирусот последните денови се подобрува, се намалува бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот и на прегледите во ковид-центрите, а како што нагласи, попушта притисокот врз болниците. 

-Се бележат тредови на опаѓање на новодијагностицирани случаи, а нешто што е многу значајно е што се намалува и бројот на прегледи во сите ковид-центри во сите градови. Сериозно значајно е намален притисокот за прием на пациенти во болнички установи и има голем број слободни болнични кревети, рече Филипче. 

Скопје – Во насока на подигнување на мотивацијата за работа на наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, со што директно се влијае и на квалитетот на воспитно – образовниот процес, на предлог на Министерството за образование и наука, Владата на Република Северна Македонија усвои нови законски измени со кои се обезбедува економска и правна сигурност на наставниот и стручниот кадар. 

Од Министерството за образование и наука информираат дека измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и истите предвидуваат, отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација, а воедно и сите наставници и стручни соработници кои во овој момент се ангажирани на определено време, вкупно 4800 лица со стапувањето во сила на законските измени ќе добијат решение за трајно вработување доколку ги исполнуваат предвидените законски услови. 

Скопје – Електротехничкото средно училиште „Михајло Пупин“ како училиште станува носител на дуалното образование во Северна Македонија. На голем број од учениците кои ќе се запишат во ова училиште од септември, ќе им биде загарантирано вработување во компаниите кои се поддржувачи на училиштето, изјави Димитар Ѓорѓиев, директор на СЕТУ „Михајло Пупин“ Скопје, на денешното потпишување на договор за дуално образование на училиштето во соработка со АД Електрани на Северна Македонија, ЛИБЕРТИ АД Скопје, Раде Кончар Контактори и Релеи ДОО и МАСАК СОЛУТИОН ДОО, што ќе дадат поддршка за формирање на дуалните паралелки. Консултантската компанија ПримеПоинт Партнерс, со својата експертиза во развој на програми за наградба на вештини е вклучена во изработка на програмата за дуално образование. 

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната прес-конференција истакна дека потребно е секој ученик да го избере своето образование според своите ануитети, амбиции и можности, но секако е значајно и родителите и учениците да погледнат што е тоа што се бара на пазарот, а денес стручното образование нуди многу побрзо вработување, како и поплатени работни места. 

Скопје – Работниците на кои им се прекршени работничките права во државата, ќе можат да пријават преку новата мобилна апликација на Сојузот на синдикати на Македонија, „ССМ – Мои работнички права“, а пријавите веднаш потоа ќе бидат проследени до Државниот инспекторат за труд (ДИТ). 

Оваа апликацијата беше презентирана денеска од страна на ССМ и ДИТ, кои воедно потпишаа и Меморандум за соработка. 

Скопје – Во текот на претстојниот викенд, 23 и 24 април, јавниот превоз ќе сообраќа до 20 часот, соопштија денеска од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје. 

Режимот на јавен превоз е согласно одлуката на Влада, за продолжување на забраната на движење на населението во период од 20 до 5 часот. 

Скопје – Проект Среќа на Здружението за хумано-општестве развој со поддршка од македонските компании обезбедува живеалишта за семејства со деца кои живеат во исклучително тешки и нехумани услови. Една од компаниите што ја поддржува иницијативата на здружението е компанијата Слога Пром – Кавадарци, која во текот на следните три месеци ќе ги снабдува со пакети прехранбени производи семејствата кои се во социјален ризик и се дел од Проект Среќа. 

Донацијата се состои од замрзнати месни производи, риба и зеленчук, според потребите на семејствата. 

Скопје – Три милиони евра,  односно 184,5 милиони денари, пари од државниот Буџет, ќе се насочат кон спортските субјекти на кои им е издаден ваучер согласно Законот за спорт. Со оваа мерка се опфатени 666 спортски субјекти, 60 федерации и 173 спортисти кои досега добиле спортски ваучер, истакна на денешната прес-конференција директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски. 

Тој додаде дека средствата на Буџетот на Северна Македонија се дел од програмите за справување со последиците од КОВИД -19 кризата. 

Софија – Судот во Ќустендил во Бугарија му изрече мерка притвор на  Е.Н. (52) државјанин на Северна Македонија кој е во постапка за екстрадиција, јави дописникот на МИА од Софија. 

Како што соопшти Окружното обвинителство во градот, лицето било приведено од полицијата на барање на судските органи на Северна Македонија. 

Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ по средбата со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, изјави дека Србија е подготвена да го продолжи дијалогот со Приштина, кон кој ќе пристапи конструктивно во желба да се постигне компромисно решение. Хајко Мас порача дека неговата земја е свесна дека процесот на дијалог за нормализирање на односите со Приштина не е лесен, но смета дека тоа би бил придонес што ќе ги развие и економските предности. 

-Србија е против замрзнат конфликт, затоа што некој може да го одмрзне. Суштината на напредокот на Албанците и Србите е мирот, кажа Вучиќ. 

Атина – Во товарен брод што од Либан пристигнал на пристаништето Пиерас во Атина, а пријавил дека пренесува индустриски машини за правење колачи (cupcakes), биле откриени четири тони и 387 грама преработен канабис, наменети за Словачка, што требало по железнички пат преку Северна Македонија, Србија и Унгарија да стигне до Братислава, а процените се дека дрогата е во вредност од околу 33 милиони евра, јави дописничката на МИА од Атина. 

Од секторот за борба со економски криминал на Министерството за финансии на Грција соопштуваат дека добиле информација од канцеларијата на Службата за борба со дрога на САД (ДЕА) во американската амбасада во Атина дека се очекува голема количина дрога да стигне во Грција по морски пат. 

Атина – Со амандман од грчкото Министерство за здравство, штро Парламентот беше изгласан од пратениците на Нова демократија, членовите на комисиите инволвирани во справувањето со коронавирусот добија имунитет и се заштитени од судски гонења и одговорност, нешто што предизвика реакции во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Амандманот предвидува дека членовите на Националната комисија за заштита на јавното здравје од коронавирусот, на Комисијата за справување со итни случаи поврзани со јавното здравје и на Националната комисија за вакцинација, „немаат одговорност, не се гонат судски и нема да бидат проверувани за нивниот изразен став или начинот на гласање за време на извршувањето на нивните должности“, а единствено гонење е дозволено доколку постои клевета или навреда. 

Софија – Даниел Митов, мандатарот за формирање на новата Влада од победничката партија ГЕРБ, на изборите во Бугарија, утринава му го врати мандатот на претседателот Румен Радев. Митов во претседателството беше придружуван од претседателката на парламентарната група на коалицијата ГЕРБ-СДС, Десислава Атанасова. 

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на Даниел Митов, ГЕРБ се обидел да ја формира новата бугарска Влада, но се сретнал со ароганција од другите партии во Националното собрание, од кои тој побарал поддршка. 

Прага – Руската и чешката амбасада во Прага и во Москва ќе бројат по 32 вработени, изјави шефот на чешката дипломатија, Јакуб Кулханек, за весникот „Блеск“. 

Предвидено е во нив да работат седум дипломати и 25 лица како технички асистенти, а бројот на вработени во генералните конзулати на двете земји во Русија и Чешка нема да се промени. Чешка има генерални конзулати во Санкт Петербург и Екатеринбург, и Русија во Брно и Карлови Вари. 

Москва – Русија денеска почна да ги повлекува војниците привремено стационирани на полуостровот Крим, потег што може да помогне во деескалација на тензиите на Москва со Киев и западните земји, јави ДПА. 

Војниците кои учествуваа во неодамнешните воени вежби на Крим ќе почнат да се враќаат во своите стационарни воени бази во Русија, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва, пренесоа руските медиуми. 

Брисел – Довербата на потрошувачите во Европската унија и еврозоната се подобри во април, трет месец по ред, и покрај делумното затворање во некои земји во борбата против пандемијата на коронавирусот, покажаа проценките на Европската комисија. 

Прелиминарниот индекс на довербата на потрошувачите во Европската унија во април се зголеми за 3,1 поени во споредба со март, на минус девет поени. 

Ерусалим– Повеќе од 100 лица синоќа се повредени во Ерусалим во судири меѓу израелските полициски сили и палестинските демонстранти, соопштија утрово медицински и полициски извори. 

Палестинскиот Црвен крст пријави најмалку 105 повредени, од кои околу 20 се пренесени во болница, додека полицијата соопшти дека во своите редови има 20 ранети и оти при судирите биле приведени 44 лица. 

Триполи – Се стравува дека најмалку 120 мигранти се удавиле откако гумениот чамец во кој се наоѓале се превртел во разбранувано море во близина на Либија. 

Тие се обидувале да стигнат до Европа, соопштија хуманитарни организации и Агенцијата на ОН за миграции. 

Вашингтон –  Функционери на американскиот Пентагон ги информираа клучните групи конгресмени за информациите дека Русија стои зад минатогодишните напади во кои беа повредени Американци, пренесе порталот Политико. 

Според порталот, нападите биле извршени со тајно оружје и „се верува дека зад нив стои Русија“. 

Токио – Јапонската Влада се подготвува повторно да прогласи вонредна состојба во Токио и уште три други региони, поради големото зголемување на случаи на коронавирус во земјата, три месеци пред закажаниот почеток на Олимписките игри во главниот град. 

Мерките ќе бидат построги отколку во претходната вонредна состојба воведена во јануари во делови од земјата, но сепак ќе бидат поумерени од заклучувањата што се спроведуваат во многу други земји повеќе од една година. 

Багдад – Три ракети синоќа беа истрелани во близина на главниот аеродром во Багдад, област каде се лоцирани американските сили, соопшти денеска ирачката армија. 

Во погодената област има и затвор и антитерористичка агенција. Во нападот нема човечки жртви. 

Скопје – Организаторите на битолскиот најмасовен спортски настан, трката „ТРЧАЈ БЕ“, го најавија третото издание кое треба да се случи во градот под Пелистер на 12 септември. Оваа градска трка, која досега имаше од по пет и 10 километри трки, за годинава најави организирање на уште една трка, трка во полумаратон 21 километар, која ќе биде и Балканско првенство во оваа дисциплина. 

– Очекувањата се ова да биде еден од најголемите и најмасовни спортски настани во Битола и Македонија за 2021 година. Се надеваме дека ситуацијата со пандемијата до септември ќе биде ставена под контрола, па слободно ќе може да примиме претставници од преку 20 држави, целиот балкански атлетски крем, но и сите љубители на трчањето низ Македонија, кои сакаат да трчаат низ улиците во Битола, овај пат освен на 5 и 10, да го направат тоа и на 21 километар. Битола е гладна за спортски настани, а битолчани знаат да се израдуваат и да наградат кога ќе се случи квалитетен настан од ваков тип. Затоа, за третото издание на ТРЧАЈ БЕ, очекуваме цел град да биде или на улиците и да ги бодри тркачите, или на стартната линија на некоја од трките, изјави Никола Димитровски, директор на трката. 

Нион – Членови на Извршниот комитет на Европската фудбалска асоцијација предлагаат да се казнат Јувентус и Реал Мадрид со забрана за учество во евро-куповите, пренесува новинарот Танкреди Палмери. 

Според него, на екипите на Торино и Мадрид може да им биде забрането учество во европски натпреварувања во сезоната 2021/22 поради создавањето на Суперлигата. 

Манчестер – Фудбалерот на Јувентус, Кристијано Роналдо, може да ја продолжи кариерата во Англија. 

Според „Ла Газета дело Спорт“, 36-годишниот Португалец не е против враќање во Манчестер јунајтед, за кој играше од 2003 до 2009 година. За ова, играчот се согласи на намалување на платата, но не е подготвен да добие помалку од 20 милиони евра годишно. Сегашната годишна плата на Португалецот е околу 31 милион евра. 

Back to top button
Close
Close