МИА ФлешПакети

МИА Флеш

22 април 2021

22 април 2021

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во работна посета на Летонија и Литванија, каде со високите претставници на двете земји ќе разговара во контекст на поддршка за европското досие на Северна Македонија.

Како и во Германија, Словенија, Хрватска, Австрија, така и во овие две балтички земји, кои се дел од групата „Пријатели на проширувањето“, вицепремиерот ќе ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа.

Скопје – Шестиот пакет мерки, тежок 17,8 милиони евра, предизвика различни толкувања и реакции. Според власта, тој е таргетиран, со поддршка насочена кон најпогодените сектори и ќе ги даде очекуваните ефекти, додека за опозицијата, мерките се задоцнети и ненаменски предвидени.

Со свој став за мерките денеска се очекува да излезе и Туристичко-угостителската комора (ТУК) од каде вчера изјавија дека се уште ги анализираат мерките и чекаат одговор од Владата за начинот, методологијата и условите под кои ќе може да се аплицира за предвидената помош.

Скопје – Фотоволтаична централа денеска ќе биде пуштена во употреба во селото Теново во општина Брвеница. Оваа централа е една од вкупно 27-те централи кои склучија договор за право на користење на премија за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изградени на земјиште во приватна сопственост. Јавниот повик беше објавен во 2019 година.

На официјалното пуштање во употреба најавено е присуство на премиерот Зоран Заев, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Скопје– Мрежата за заштита од дискриминација и Комисија за спречување и заштита од дискриминација денеска организираат онлајн конференција „Зајакнување на улогата на КСЗД во промоцијата и заштитата на човековите права“.
Конференцијата се организира во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, соопштија организаторите.

Скопје – Делегацијата на германското стопанство го поздравува донесувањето на законите со кои се овозможи имплементација на петтиот пакет економнски мерки. Потсетува дека работодавачите и лицата кои се самовработени можат да поднесат апликации за поддршка на плата до 30 април.

-Пратениците од владеачката партија и од опозицијата минатиот викенд го одобрија петтиот пакет антикризни мерки, од кој зависи финансиската поддршка за деловните субјекти и граѓаните за време на пандемијата, како и исплатата на платите за февруари и март. Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки во вредност од 9,7 милијарди денари, односно околу 160 милиони евра. Мерките се поделени во четири столба: директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работни места, финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со помош на бескаматни заеми, создавање на поволно деловно опкружување преку систематско редефинирање на царинските тарифи, и намалување на парафискалните тарифи и даночни олеснувања. Законските решенија, кои беа изгласани на седница одржана во неделата, а се однесуваат на исплата на плати за месеците февуари и март 2021 година ќе опфатат 60 илјади работни места, наведува директорот на Делегацијата, Патрик Мартенс.

Скопје – Новиот предизвик „Стартап херои“ денеска ќе биде претставен на прес-конференција.

„Стартап херои“ ќе го претстават директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, Цветанка Христовска, бренд директор на „Тинекс“ и Горан Дамовски, тим лидер на проектот ИМЕ.

Скопје– Директорката на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) Ана Петровска, заедно со претставници на Амбасадата на САД, Ендру Мофат (политички и економски офицер) и Розита Мреноски (економски советник), на 20 април го посетија историското индустриско жариште Охис, во рамките на заедничкото одбележување на Светскиот ден на планетата Земја.

Претставниците на Амбасадата, како што соопшти ДИЖС, се запознаа со предизвиците околу инспектирањето на постапките за преточување и отстранување на опасните хемикалии, метил акрилат мономер и винил хлорид, и утврдија дека цистерните во кои тие се складираа во моментот се празни и безбедни.

Скопје – Секоја година во април милиони луѓе ширум светот го одбележуваат Денот на Земјата. Оваа година темата е реставрација на планетата, а главниот фокус е ставен на обнова, преродба и почнување нов циклус.

Денот на Земјата е традиционален годишен настан кој се одбележува на 22 април, а чија цел е да ги истакне и да им даде важност на еколошките проблеми со кои се соочуваме, од климатската криза, преку загадувањето на околината и воздухот, па сѐ уништувањето на шумите. И додека секој од нас не може да делува глобално, дури и најмалиот локален напор да се промени нешто ќе се почувствува и ќе влијае на зачувување на Земјата.

Скопје– Здружението на граѓани „Еко Логик“ во соработка со Институтот за комуникациски студии денеска организира онлајн настан „Што може да направиме денес, за да ја зачуваме Брегалница за во иднина?“.

Онлајн настанот е во рамки на кампањата „Разбистри сè“ и ќе се одржи на платформата Зум. На тој начин Здружението ќе го одбележи Денот на планетата Земја – 22 април. Во фокусот на годинешното одбележување на Денот на планетата се природните процеси, растечките зелени технологии и иновативното размислување за обновување на екосистемите во светот.

Скопје– Конкурсот за упис во средните стручни училишта е направен врз основа на потребите, утврдени во социјален дијалог меѓу училиштата, локалните самоуправи и компаниите. Тоа е едниот ефект – реален конкурс за упис во средните училишта. Вториот е дека 97 паралелки се отворени како дуални, што во превод значи дека имаме паралелка со поинтензивна праска и повеќе часови пракса во компанија, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Компаниите, посочи таа во гостувањето во „Економски магазин“ на Алсат телевизија, потпишаа со училиштата договор, за тие паралелки, и самите компании за прв пат се прикажани во конкурсот.

Скопје– Нашата држава веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа, изјави министерот за здравство Венко Филипче. Според најавите што Филипче ги добил  од грчкиот министер за туризам Теохарис тоа се очекува да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните кои не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР – тест што може да го направат во една од дваесетте лаборатории кои имаат дозвола од Министерството за здравство.

-Тоа што би требало да се бара при премин на границите се потврда или за примена вакцина за што ние имаме спремна потврда со соодветен код, кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела веќе во понеделник ќе се издава ретроактивно на сите лица кои се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР тест. Ние имаме листа од дваесетина овластени лаборатории кои стручната Комисија на Министерството за здравство и дел од Комисијата за заразни болести утврдиле дека работат во соодветни стандарди и тие лаборатории со издаден ПЦР тест, се разбира  доколку е тој негативен, граѓаните ќе имаат можност да влезат во Грција. Сега чекаме и официјална потврда, а секако ја следиме и епидемиолошката состојба, изјави Филипче во интервју за ТВ Сител.

Приштина – Германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас се очекува да допатува денеска во еднодневна официјална посета на Косово, каде што ќе се сретне со претседателката Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што соопшти вчера Амбасада на СР Германија во Приштина, меѓу темите за кои шефот на германската дипломатија ќе разговара со домаќините е и дијалогот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

Софија– Пратениците од партијата „Демократска Бугарија“ во новоизбраниот бугарски Парламент, Мартин Димитров и Велизар Шаламанов, му поставија прашање на премиерот во оставка, Бојко Борисов, поврзано со експлозиите во складишта за муниција во Чешка од агенти на Руско воено разузнавање ГРУ.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, се поставува прашањето дали бугарските специјални служби имаат какви било податоци за вмешаноста на разузнавачките служби од други земји во експлозиите во воените погони на територијата на Бугарија во последните 10 години. Пратениците го прашуваат Борисов и дали е поднесено некакво обвинение.

Брисел – Европската комисија се подготвува да поднесе тужба против „АстраЗенека“, соопшти „Политико“, цитирајќи пет неименувани дипломати на Европската унија.

На вчерашниот амбасадорски состанок повеќето земји-членки на ЕУ изјавиле дека ќе ја поддржат тужбата против компанијата во врска со поплаките дека не ги испорача  договорените дози од вакцината против коронавирусот до Европската унија.

Минск/ Вашингтон –  Адвокатот Јури Зенкович, кој е уапсен под сомнение дека подготвувал атентат врз белорускиот претседател Александар Лукашенко и дека подготвувал државен удар, во исказ во истрагата ја призна вината, изјави шефот на истражниот оддел на КГБ на Белорусија, Константин Бичек.

-Зенкович преземал конкретни обиди за регрутирање, поткупување припадници на вооружените сили кои за парична награда биле подготвени да учествуваат во насилно соборување на владата. Тој во моментов е во истражен затвор и, како што реков, е обвинет. Обвинетиот сега активно сведочи за сите околности на незаконското постапување што го сторил, изјави Бичек за телевизијата „Белорусија 1“, пренесуваат руските медиуми.

Женева – Светска здравствена организација (СЗО) покренува нова иницијатива за искоренување на маларијата во 25 држави до 2025 година.

Инцијативата ќе биде покрената на 25 април Светскиот ден за борба против маларијата, а земјите ќе добијат специјализирана поддршка и техничко упатство за искоренувањето на болеста.

Џакарта – Индонезиска воена подморница, што вчера исчезна кај островот Бали, со екипаж од 53 војници, се верува дека се наоѓа на 700 метри под вода, соопшти денеска морнарицата, пренесе ДПА.

Подморницата од германското производство „KRI Nanggala-402“ вчера во раните утрински часови го изгуби контактот со командата на околу 95 километри северно од Бали, за време на воена вежба за напад со торпедо, соопштија официјалните лица.

Вашингтон – Генералните менаџери на НХЛ-клубовите, на годишниот состанок разговараа за распоредот на следните сезони од регуларната сезона и плејофот, објавено е на официјалната веб-страница на најсилната хокеарска лига на светот.

Според заменик-комесарот на НХЛ, Бил Дејли, лигата е во контакт со Меѓународниот олимписки комитет (МОК), но во моментот нема договор за учество на играчите на НХЛ на Олимписките игри во 2022 година.

Џенова – Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев се запиша во историјата на италијанската Серија А со постигнати 100 голови.

Во текот на својата кариера настапувајќи во италијанското првенство, Пандев голови покрај за Џенова постигнуваше и за Наполи, Интер, Лацио и Анкона.

Мадрид – Претседателот на Реал Мадрид и претседател на Европската Суперлига, Флорентино Перез останува уверен во проектот за новото натпреварување. Според него, досега никој не го напуштил списокот на учесници, и покрај изјавите.

– Не се плашиме од одмазда од УЕФА или ФИФА. Ако мислите дека Суперлигата е мртва, апсолутно не сте во право. Досега никој не ја напушти Суперлигата. Никој не плати провизија за ова. Потпишаните договори се обврзувачки. Клубовите од Премиер лигата не можат само да си заминат. Ние нема да поднесеме тужби, но тоа се сериозни луѓе и заедно ќе најдеме решенија, изјави Перез за „Ел Ларгуеро“

Скопје – Времето е ведро и претежно тивко, а утринава се зголемува облачноста од југозапад. Најниска температура од – 3 степени е измерена во Берово и Лазарополе, нула во Крива Паланка и Попова Шапка, еден во Скопје-Петровец, Битола, Охрид, Крушево и Маврови Анови, два во Прилеп, Тетово, Струмица, Дебар и Претор, три во Куманово и Демир Капија, четири во Скопје-Зајчев Рид, Штип и Гевгелија, пет во Виница и осум степени во Дојран.

Претпладне во поголемиот дел од земјата ќе биде сончево, а во западните ќе се зголемува облачноста. Попладне ќе преовладува умерено до значително облачно со појава на повремен дожд во западните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Повремен дожд ќе се прошири преку ноќта и во останатите делови од земјата. Максималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22 степена. Во Скопје претпладне сончево, а од пладневните часови ќе се зголеми облачноста и преку ноќта ќе има појава на повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 21 степен.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close