МИА ФлешПакети

МИА Флеш

21 април 2021

21 април 2021 

Скопје – Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители. Судот изрази сомнеж за уставноста на оспорената законска одредба. 

Иницијативата до Уставниот суд е поднесена од Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард банка „Правда за штедачи”. Од Здружението велат дека сите штедачи треба да бидат третирано еднакво и тие со штеден влог до 30 000 евра и тие што имале над 30 000 евра, но и фирмите, кои во домашните закони не се заштитени со минимална сума при пропаѓање на банка. 

Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против шест лица за кривичното дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од член 206 став 1 од Кривичниот законик, соопштија ОЈО Скопје. 

– Обвинетите, спротивно на прописите со кои е определена забрана за движење на населението во периодот од 20 до 05 часот следниот ден, биле затекнати пеш или со автомобили како се движат за време на полицискиот час на различни локации во градот без да поседуваат дозвола за тоа, информираат од Обвинителство. 

Скопје – По спроведена повеќемесечна истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје достави обвинителен акт против едно лице за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 и кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ предвидено и казниво по член 273 ст.1 од Кривичниот законик, соопштија од Јавното обвинителство. 

– Обвинетата В.И., како одговорно лице – управител на ТД МЕТРОПОЛИТЕН ДОО Скопје, искористувајќи ги овластувањата, во 2013 година со намера за себе да прибави противправна имотна корист, искористила прилика како трговско друштво да учествува во постапка организирана од Министерството за здравство за добивање на лиценца за извршување здравствена услуга – дијализа. Целта на обвинетата не било да извршува здравствена дејност – дијализа, туку со здобивање на лиценца од 20 години, а со тоа и монополска положба на пазарот на овој вид здравствени услуги, да обезбеди повеќекратно зголемување на вредноста на уделот во правното лице, информираат од Обвинителство. 

Скопје – Обезбедување соодветен придонес за подобра и поквалитетна соработка меѓу земјите од Западен Балкан, со заедничка цел насочена кон намалување на илегалната миграција во земјите од Европската унија, е приоритет на едногодишниот проект „Намалување на нерегуларната миграција во ЕУ преку зајакнување на капацитетот на структурите поврзани со миграцијата во Западен Балкан“, чија имплементација почетокот на март годинава ја започна Hilfswerk International во соработка со проектниот партнер Здружението за помош и развој HAJDE. 

Како што е најавено, ќе се направат активни напори за зајакнување на рамката на постоечките структури поврзани со миграциските теми во Босна и Херцеговина, Србија, Северна Македонија и Црна Гора, преку имплементација на планот за градење капацитети што го поддржуваат зајакнувањето на регионалната соработка, вмрежувањето и соодветната координација. 

Скопје – Национаната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси и Акцискиот план за спроведување 2021 – 2025 година, опфаќа 14 критични сектори, од кои четири за првпат – урбанизам и просторно планирање, животна средина, земјоделство и спорт. Приоритетни сектори се јавните набавки и вработувањето во јавниот сектор, додека најмногу мерки и активности се насочени во секторите здравство, образование и инспекциски служби. До крајот на 2021 година предвидено е да започнат 31 процент од вкупно планираните актовности во стратегијата, информираше на денешната прес-конфернеција Државната комисија за спречување на корупција. 

Ризични сектори, детектирани и опфатени во стратегијата што Собранието ја усвои на 18 април годинава, се и политичкиот систем, правосудството, трудот и социјалната политика, економијата и бизнисот, јавните претпријатија, медиумите и граѓанското општество. 

Скопје – Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работни посети на Рига и Вилнус, каде на средби со високите претставници на двете земји ќе им ја пренесе пораката за неодложната потреба од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со ЕУ, како прашање од стратешки интерес за регионот и за Европа. За таа цел, ќе ги претстави и конкретните реформски чекори за исполнување на европската агенда дома. 

Во рамки на утрешната посета на Летонија, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари средби со министерот за надворешни работи Едгарс Ринкевичс, со претставници на латвискиот Парламент, Рихардс Колс, претседател на Комитетот за надворешни работи и Анда Вита Терауда, претседателка на Комитетот за европски прашања. 

Скопје – Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува на панел-дискусија на тема „Со инвестиции во иновации до одржлив економски раст“, што се одржува по повод 21 Април, Светски ден на креативноста и иновативноста. 

Покрај премиерот Заев на панелот ќе се обратат Коста Петров, директор на ФИТР во улога на модератор, како и претставници на компании кои реализирале иновативна идеја со поддршка на ФИТР, односно Весна Кузмановска од „Стратум Рид“, Димитар Шошев- „Елисиум Центар“ , Ана Спасовска од „Иновејшн“ и Глигор Давчевски од „Докстим“. 

Скопје – Барањето за финансиска поддршка за исплата на плати на работниците за февруари и март 2021 година „образец БФП-ИП/3“ е поставено на платформата на УЈП е-даноци (https://etax-fl.ujp.gov.mk/), информираат од Управата за јавни приходи. 

– Поднесувањето на барањето се врши преку системот е-даноци најдоцна до 30 април 2021, а комплетноста на барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од три дена од денот на доставувањето на барањето, посочуваат од УЈП. 

Скопје – Во шестиот пакет економски мерки, предвидени се 9,9 милиони евра за финансиска поддршка на околу 6.000 угостители кои вработуваат 17.000 граѓани, посочува премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук. 

– На сите угостителите ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година, додава премиерот Заев во објавата на фејсбук-профилот. 

Скопје – Студенти, новинари и сите кои се интересираат за темата социјални репортажи, имаат можност да се пријават на програма за обука на млади новинари која е дел од меѓународен проект „Медија инкубатор“ во организација на Гете-институт Скопје, во соработка со Балканскиот институт за регионална соработка – БИРС.  

Од институтот велат дека овој проект  има две главни цели, да промовира квалитетно новинарство и да го истакне жанрот на социјални репортажи за да се реконструираат социјалните проблеми преку комбинација на текст и фотографија и да се вклучат во јавната дискусија. 

Скопје – Средните училишта се подготвуваат за полагањeто на државната матура. На онлајн-средба со министерката за образование и наука Мила Царовска, директорите информирале дека постапуваат согласно заедничкото решение на Владата и Сојузот на средношколци за спроведување на завршниот испит, соопшти Министерството за образование и наука. 

– Најголем дел од училиштата веќе ги објавиле интерните испити. Уште еднаш повикав да се исполнат сите договорени елементи од матурата, затоа што тоа е во интерес на нашите ученици, рече министерката Царовска. 

Скопје – Министерството за финансии, Градот Скопје и Европската банка за обнова и развој денеска потпишаа договор за заем во износ од 70 милиони евра за реализирање на проектот за Бас Рапид Транзит превоз во Скопје. Со овој договор, официјално почнува постапката за изградба на брз и одржлив јавен транспорт, чија цел е намалување на сообраќајниот метеж, но и намалување на аерозагадувањето. 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на прес-конференција истакна дека со  потпишувањето на договорот и стартот на постапката се остварува и унапредува 40 години стариот сон на скопјани. 

Скопје – Во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, денеска пристигна пратка со заштитна опрема за борба против КОВИД-19, донирана од Владата на Република Словенија на Република Северна Македонија. 

Станува збор за 45.000 парчиња трослојни медицински маски и 100.000 парчиња маски од типот KN95, со вкупна вредност од 113.500 евра. 

Тирана – Македонското друштво „Илинден“-Тирана реагираше во врска со одлуката на албанскиот Комитет на експерти за справување со пандемијата, за воведување двонеделен карантин за сите кои доаѓаат од Северна Македонија. 

-Одлуката на Техничкиот комитет на експерти за двонеделен карантин за секое лице што ќе влезе на територијата на Република Албанија од Македонија е избрзана и погрешна одлука, бидејќи деновиве се намалува бројот на заразени во Македонија. Оваа одлука економски ги погодува жителите кои живеат на албанско – македонската граница од Преспа до Голо Брдo, кои, искористувајќи ја близина на границата со Македонија своите животи ги имаат поврзано со сезонска работа и други активности во пограничните региони на Македонија, наведува друштвото во реакцијата. 

Атина – Од седум до 360 отсто е зголемено присуството на коронавирусот во отпадните води во пет делови на Грција за периодот 12 до 18 април, споредбено со една седмица претходно, согласно официјалните податоци од националната организација за јавно здравје на Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Зголемувањето е најизразено во градот Агиос Николаос на островот Крит, каде што е 360 отсто, во областа Атика, поширокиот регион на Атина е 171 процент, а најмало е во Лариса – седум отсто. 

Подгорица – Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ потврди дека наводниот водач на криминалниот Кавачки клан, Слободан Кашчелан е уапсен и оцени дека ова е најголемиот успех на црногорската полиција во последните десет години. 

Како што пренесе РТЦГ, Абазовиќ ја поздрави постапката на полицијата и рече дека тоа е најголем успех, бидејќи, како што истакна, станува збор за криминални групи кои имаат регионално значење. 

Москва – Униформирани полицајци денеска ја уапсија Љубов Собол, блиска соработничка на рускиот опозициски политичар, Алексеј Навални, напиша на Твитер нејзиниот адвокат Владимир Вороњин. 

Британските медиуми го цитираат адвокатот кој наведува дека засега не познато каде Собол е однесена. 

Москва – Кира Јармиш, портпаролката на затворениот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, е уапсена во близина на нејзиниот дом, изјави денеска нејзиниот адвокат. 

Претходно утринава  беше уапсена и Љубов Собол, блиската соработничка на Навални, само неколку часа пред очекуваното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин во парламентот. 

Прага  – Долниот дом на чешкиот Парламент усвои документ со кој ја повика чешката Влада да побара отштета од Русија за експлозијата во складиштето за муниција од 2014 година во селото Врбетице. 

Чешките пратеници, исто така, ја повикаа владата да го намали бројот на руски дипломати во земјата и ја поддржаа нејзината одлука да протера 18 вработени во руската Амбасада во Прага, кои во понеделникот веќе го напуштија главниот град, пренесува Тасс . 

Прага – Чешката полиција ноќеска почна голема акција, во која, според чешките медиуми, се уапсени над 10 чешки државјани, кои работеле под команда на агенти на руската ГРУ, тајна воено-разузнавачка служба, со чија помош Владимир Путин спроведува хибридни воени операции низ целиот свет. 

Во ноќната акција на апсења учествувале стотици полицајци и припадници на чешките безбедносни сили. 

Москва– Руската вакцина „Спутник В“ е ефикасна против британските, јужноафриканските и бразилските соеви на Ковид-19, изјави денеска директорот на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија на руското Министерство за здравство „Гамалеј“, Александар Гинцбург. 

„Во однос на соевите за кои денес се дискутира, како што се британските, јужноафриканските и бразилските соеви … можеме со сигурност да кажеме дека Спутник В обезбедува заштита од добро познати соеви кои во моментот се во оптек и имаат епидемиолошки потенцијал“, рече Гинцбург за рускиот ТВ канал Еден. 

Берлин – Германското Министерство за одбрана денеска соопшти дека ќе ги повлече војниците ид Авганистан на почетокот на јули. 

Таквата одлука уследи откако САД соопштија дека американските трупи ќе бидат повчелени до 11 септември. 

Волфсбург – Жирито на Светските автомобилски награди го прогласи електричниот хечбек „Фолксваген ИД.4“ за најдобар автомобил во 2021 година. Резултатите од гласањето се објавени на интернет-страницата на конкурсот. 

„Честитки до ’Фолксваген‘ за оваа огромна победа. Ова е само третиот електричен автомобил (во историјата на натпреварувањето досега), што ја освои оваа престижна награда!”, напишаа организаторите на Твитер. 

Виена – Разговорите за спасување на нуклеарниот договор од 2015 година одат напред и покрај тешкотиите, изјави шефот на иранскиот преговарачки тим Абас Аракчи. 

Аракчи  вчера изјави дека има напредок во разговорите, но предупреди дека Техеран ќе ги прекине доколку се соочи со „неразумни барања“ или губење време. 

Лондон – Организацијата Амнести Интернешнл, во својот годишен извештај за смртните казни, констатира дека предизвиците што ги носи пандемијата на коронавирусот придонеле за пад на бројот на егзекуции во периодот од јануари до декември 2020 година. Но, тие биле извршени од 18 земји. 

„Додека светот се фокусираше на усвојување начин за заштита на животот од Ковид-19, неколку земји покажаа вознемирувачка одлучност да продолжат со смртната казна, без оглед на се“, рече Агнес Каламард, генерална секретарка на Амнести Интернешнл. 

Њујорк – Спејс Икс утре ќе однесе четворица астронаути на Меѓународната вселенска станица (ИСС), втора ваква мисија откако САД ги продолжија летовите кон ИСС и прва во која учествува еден Европеец. 

Лансирањето е закажано за 12 часот и 11 минути по средноевропско време од вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. 

Кабул – Најмалку шест припадници на авганистанските безбедносни сили и еден цивил се повредени во силна експлозија во Кабул, соопшти денеска авганистанското Министерството за внатрешни работи. 

Нападот се случи синоќа и беше извршен со автомобил-бомба, а мета бил конвој возила на авганистанската разузнавачката агенција. 

Лондон – Претседателот на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Александар Чеферин, реагираше на одлуката на англиските клубови да се повлечат од Суперлигата во интервју за Би-би-си. 

– Реков за време на Конгресот на УЕФА дека е во ред да се прават грешки, а англиските клубови го сторија тоа. Но, сега тие се вратија, и можат да дадат многу не само на европските купови, туку и на целиот европски фудбал. Она што е важно сега е да продолжиме заедно, рече Чеферин. 

Неапол – Поранешниот тренер на Интер и Рома, Лучијано Спалети по крајот на сезоната најверојатно ќе го преземе Наполи. 

Шеесет и двегодишниот Италијанец веќе подолг период е во контакт со неаполскиот клуб, додека последните денови двете страни напредуваа во преговорите, објави новинарот Николо Шира. 

Скопје – Уште утре утринските температури на места ќе се спуштат до околу нула степени, а дневните и понатаму ќе бидат во пораст, соопшти УХМР. 

Од утре кон крајот на денот до сабота, под влијание на нов влажен бран ќе има врнежи од дожд кои на места ќе бидат пообилни и во тој период дневните температури ќе бидат за неколку степени пониски. Минималната температура ќе биде од 4 до 9, а максималната дневна ќе дотигне до 20 степени. 

Back to top button
Close
Close