МИА ФлешПакети

МИА Флеш

21 април 2021

21 април 2021

Скопје – Уставниот суд денеска повторно треба да одлучува по иницијатива поднесена на членот 163, став 3 од Законот за банки, според кој, побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители.

Пред неполни два месеци, уставните судии не поведоа постапка по иницијатива поднесен за истата одредба од Законот за банки.

Скопје – Армијата доби нови 7.400 комплети гортекс униформи, како донација од Турција.

Примопредавање на донацијата е најавено за денеска напладне во касарната „Илинден“, во присуство на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска и амбасадорот на Република Турција, Хасан Мехмет Секизкок.

Скопје – Владата го презентираше шестиот пакет антикризни мерки, проектиран на 17,8 милиони евра. Станува збор за таргетирана финансиска помош што ќе ја добијат околу 10.000 компании и 60.000 вработени.

Пари во државниот буџетот за исплата на овие средства има. Но, состојбата и натаму будно се следи, се анализираат екномските параметри. Ако се оцени дека е потребно, како што велат надлежните, ќе се интервенира повторно.

Скопје – Поради изведување водоводен приклучок на ул. Христо Татарчев бб  изутринава од 9.00 часот прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од оваа улица, од бр.1-до бр.64, како и дел од „Пушкинова“.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со активностите, најави ЈП „Водовод и канализација“.

Скопје – Во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP), Министерството за животна средина и просторно планирање и платформата Климатски Промени (klimatskipromeni.mk), ќе се реализира онлајн настан #ВозможноЕ. Првиот дел од настанот ќе се одржи денеска од 13:00 до 15:00 часот како настан во живо на социјалните мрежи,  на тема „Националните придонеси за климатските промени во фокусот – #ВозможноЕ да се постигне глобалната цел за климатски промени од 1,5 степени со амбициозна #КлиматскаАкцијаСега“.

Во наредните две недели ќе следат уште два и тоа на 27-ми април од 10:00 до 12:00 часот и на 5-ти мај од 11:00 до 13:00 часот.

Скопје – Дискусија за националната подготовка за учество на Конференцијата COP 26 во Глазгов ќе се одржи денеска преку видео-конференциска врска.

На онлајн настанот ќе учествуваат вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, како и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнз, амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј и амбасадорот на Република Италија, Андреа Силвестри.

Загреб – Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ изјави дека Владата обезбедила 3,1 милиони дози вакцини до 30 јуни, така што дотогаш ќе бидат вакцинирани од 50 до 55 проценти од граѓаните.

– Владата обезбеди и 1,2 милиони дози од Фајзер, кога доцни испораката на вакцините од Астра Зенека. На овој начин овозможено е до 30 јуни да се вакцинираат 3,3 милиони луѓе постари од 18 години, посочи Пленковиќ.

Котор – Црногорската полицијата синоќа во Котор го уапсила наводниот водач на криминалниот Кавачки клан, Слободан Кашчелан, пренесува весникот „Вијести“ од Подгорица.

Според весникот, повикувајќи се на неименуван извор вклучен во истрагата, Кашчелан бил уапсен под сомнение за организирање криминална група, која извршила и планирала неколку тешки кривични дела, за кои му се заканува казна и до  40 години затвор.

Брисел – Преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денеска, во раните утрински часови, постигнаа договор за Законот за клима, според кој Унијата до 2030 година ќе ги намали емисиите на штетни гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година.

-Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка цел – до 2050 да станеме првиот климатски неутрален континент сега, исто така, е наша законска обврска, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Женева  – Обединетите нации ги повика Обединетите Арапски Емирати да обезбедат конкретни докази дека е жива принцеза Латифа Ал Мактум, ќерката на суверенот на Дубаи, која наводно е затворена спротивно на нејзината волја.

Во соопштението на ОН, објавена во Женева, експертите за човекови права наведуваат дека таа под итно треба да биде ослободна од заточеништво.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа, откако поранешниот полицаец Дерек Шовин беше прогласен за виновен за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд, ги повика Американците да се обединат во борбата против расизмот.

– Дојде време да се обедини земјата. Некои агитатори и екстремисти кои ја исмеваа социјалната правда, ќе се обидат да ги искористат сировите емоции. Не можеме да им дозволиме да го направат тоа, истакна Бајден во кусото обраќање од Белата куќа.

Вашингтон – Поранешниот полицаец од Минеаполис, Дерек Шовин, е прогласен за виновен по сите три обвиненија за смртта на Џорџ Флојд. Одлуката  на поротниците, донесена синоќа, е дека Шовин е виновен за убиство од втор степен, убиство од прв степен, и предизвикување смрт од небрежност. 

Откако во понеделникот беа дадени завршните зборови, поротата составена од 12 членови, пред да ја донесе конечната одлука, вчера се консултираше четири часа, кога се разгледуваа исказите на 45-те сведоци, влучувајќи ги и случајните минувачи, полицајци, експерти. За пресудата да биде валидна, требаше едногласна потврда од сите членови. 

Лос Анџелес – Кошаркарот на Лос Анџелес клиперс, Кавај Ленард ќе отсуствува најмалку уште една недела поради повреда на десното стапало.

Минатата недела Ленард пропушти четири натпревари по ред, но се врати на теренот во неделата со 15 поени, 11 скока и 8 асистенции за 22 минути против Минесота.

Торино – Потпретседателот на Супер лигата и претседател на Јувентус, Андреа Ањели ги демантираше информациите за напуштање на торинскиот клуб.

– Јас не го напуштам клубот. Кој ќе го тврди спротивното, ми носи среќа, го цитира Ањели, новинарот Фабрицио Романо.

Мадрид – Европската Супер лига одлучи да го прекине проектот, откако вчера сите англиските клубови го откажаа учеството во натпреварувањето.

– Европската Супер лига е убедена дека моменталниот статус на европскиот фудбал мора да се промени. Предлагаме нов европски натпревар затоа што постојниот систем не функционира. Нашиот предлог има за цел да овозможи развојот на спортот преку генерирање ресурси и стабилност за целата фудбалска пирамида, вклучително и помагање во надминување на финансиските тешкотии со кои се соочува целата фудбалска заедница како резултат на пандемијата. Исто така, тоа би овозможило значително зголемување на плаќањата за солидарност на сите засегнати страни во фудбалот. И покрај најавеното повлекување на англиските клубови, принудени да донесуваат вакви одлуки поради притисокот врз нив, убедени сме дека нашиот предлог е целосно во согласност со европските закони и регулативи, што беше докажано денес со одлуката на судот за заштита на Суперлигата од постапки на третиот забави. Имајќи ги предвид сегашните околности, ќе ги преиспитаме најсоодветните чекори за промена на дизајнот, секогаш имајќи ја предвид нашата цел да им понудиме на навивачите најдобро можно искуство, а истовремено да ги зголемиме исплатите за солидарност за целата фудбалска заедница, објави на Твитер новинарот од Супер лигата, Роб Харис.

Скопје – Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Утрото ќе биде свежо. Во текот на денот на места ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи, претежно во планинските подрачја. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од минус еден до шест, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен.

Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до три, а максималната ќе достигне до 18 степени. Во следните денови утринските температури на места ќе се спуштат околу нула, а дневните ќе бидат во пораст. Од четврток кон крајот на денот до сабота под влијание на нов влажен бран ќе има врнежи од дожд кои на места ќе бидат пообилни.

Back to top button
Close
Close